Нови современи технологии за иновирање на јавните услуги

Применувањето на нови современи технологии за иновирање на јавните услуги е иднината на секој еден модерен град вели Костадин Мишев, еден од тренерите на првата обука за современ мониторинг на непристапни објекти или делови на објекти со користење на современа технологија (летало дрон Phantom DJI Advanced 3 со термална камера) која се одржа на 24 и 25.07.2017.

Обуката преку низа на практични тренинзи изведени на Спортскиот аеродром “Стенковец” и Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство има за цел градење на вештини кај вработените од Град Скопје за управување со дрон како и издвојување на корисни информации од обработка на направени термални фотографии.

Ова беше една одлична прилика да се запознаеме подетално со можностите кои ги нуди ваквата технологија. Особено ми се допадна дискусијата со моите колеги и присутните експерти за можната примена на дроновите во работата на мојот сектор и воопшто во Градот Скопје.“, вели Александра Димитриеска од Секторот за заштита на животната средина и природата

Ваквата успешна обука само ги зацврстува нашите мотиви да ова биде првата од серијата на неколку обуки со цел градење на капацитети кај вработените на Град Скопје.

Обуката беше реализирана од страна на Регионалниот Центар за социјални иновации и Факултетот за информатички науки и компјутерско инжинерство кои дополнително презентираа и серија на можности за соработка како и идеи за идни проекти од значење за Град Скопје.

Отворен ден во Скопје Лаб

Во понеделник 24 јули во периодот од 11 до 13 часот Скопје Лаб организира отворен ден на кој сите заинтересирани граѓани може да се информираат за работата на центарот, неговата улога и проектите и активностите кои ќе се реализираат во следниот период.

Центарот беше официјално отворен на 6ти јули, а во периодот што следува ќе се организираат различни средби, работилници и состаноци со граѓаните.

Ве покануваме сите Вие кои сакате да се информирате за работата, да го видите и почувствувате духот на центарот да поминете во Скопје Лаб.

Нови услуги и решенија за подобро Скопје

Денес официјално започна со работа Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб. Центарот свечено го отворија Градоначалникот на Град Скопје, Коце Трајановски и Луиза Винтон, постојан претставник на УНДП во Република Македонија.

– Со отворањето на овој Центар за иновации, Град Скопје ги продолжува активностите за подобрување на комуникацијата и соработката со граѓаните, давајќи и можност на јавноста да учествува во развојот на нови услуги и решенија за подобро Скопје. Клучната улога на оваа лабораторија е да работи на истражување и развивање нови решенија за предизвиците со кои секојдневно се соочуваме. Ова е место каде што граѓаните, бизнис заедницата и невладиниот сектор ќе имаат шанса да работат заедно и директно да учествуваат во креирањето на политиките – изјави градоначалникот на Скопје, Коце Трајановски.

Покрај Центарот за иновации на Град Скопје, УНДП помага во основањето на Центри во Ерменија, Грузија и Молдавија. Овој регионален проект е вреден 360.000 американски долари и е поддржан од УНДП и владите на Словачка и на Турција.

– Идејата на Центарот е да покаже дека јавните услуги што ги нуди власта, без разлика дали на национално или локално ниво, како што е во овој случај, можат да бидат подобрени со вклучување на јавноста во нивното креирање и спроведување. Центарот за иновации на Град Скопје ќе биде место за отворен дијалог меѓу вработените во градската управа и пошироката јавност, со цел да се најдат решенија кои ќе ги задоволат потребите и желбите на граѓаните, почитувајќи ги истовремено буџетските ограничувања на Градот – изјави Луиза Винтон, постојан претставник на УНДП.

Првите два пилот проекти на кои ќе работи Центарот за иновации се справувањето со загадувањето на воздухот и справувањето со отпадот.