Анализа на корисничко искуство на Националниот портал за е-услуги

Центарот за иновации на Град Скопје – СкопјеЛаб во соработка со Министерството за информатичко општество и администрација (МИОА) и УНДП во периодот 21-29 декември работат на тестирање на Националниот Портал за е-услуги кој ќе биде објавен во 2018 година а кој ќе служи како единствена точка на контакт со државните институции со цел зголемување на нивната ефикасност, обезбедување побрзи и поедноставни услуги.

Целта на тестирањето е да со види корисничко (не техничко) искуство при користење на порталот со цел истиот да биде дизајниран на начин на кој ќе им служи на сите граѓани.

Тестирањето се спроведува (25-26ти декември) во просториите на Центарот за социјални иновации (Social Innovation Hub) на ФИНКИ кои како пријател на иницијативата излегоа во пресрет и ја препознаа вредноста на активноста.

Во овој период 40тина корисници од различни групи (пол, возраст, ниво на дигитална писменост, степен на попреченост, националност, итн.) се поканети да го тестираат порталот и да дадат нивно мислење и коментари за корисноста, начинот на презентација и структура на информациите, типот на информации кои се нудат, дизајн, читливост, разбирање итн. Ваквиот начин на дизајнирање со фокус на корисникот кој е во основата на работењето на СкопјеЛаб е особено важен за исполнување на целите и задоволување на потребите на корисниците.

Тестирањето на Националниот Портал за е-услуги “Една точка на услуги” е втората активност која произлегува од меморандумот за соработка кој се потпиша помеѓу МИОА и УНДП за кој повеќе информации може да најдете овде – http://www.mio.gov.mk/?q=node/4529.

Мапирање на искуство на корисникот при користење на просторот “Една точка на услуги”

СкопјеЛаб заедно со Студио TILT од Англија (http://studiotilt.com/) во текот на декември работи на тестирање на искуството на граѓаните со просторот “Една точка на услуги” при користење на јавните услуги кои ќе бидат достапни таму.

Во соработка со МИОА како надлежна институција за обезбедување на оваа услуга и со поддршка од УНДП овој проект има за цел да осигура просторот каде ќе се даваат овие услуги да ги задоволува потребите на сите граѓани а воедно и помага за нивно брзо, ефикасно и ефективно извршување.
Преку користење на прототип решенија при мапирање на корисничко искуство активноста ќе резултира со извештај со препораки за дизајнирање на просторот кој ќе одговара на потребите на корисниците.

За таа цел 20тина граѓани од различни групи (пол, возраст, различни типови на хендикеп, степен на попреченост, националност, итн.) беа поканети да го тестираат просторот каде ќе се даваат услугите. Ваквиот начин на дизајнирање со фокус на корисникот кој е во основата на работењето на СкопјеЛаб е особено важен за исполнување на целите и задоволување на потребите на корисниците.

Тестирањето на просторот “Една точка на услуги” е првата активност која произлегува од меморандумот за соработка кој се потпиша помеѓу МИОА и УНДП за кој повеќе информации може да најдете овде – http://www.mio.gov.mk/?q=node/4529.

Подолу може да видите фотографии кои беа направени за време на тестирањето.

Работилница за граѓанските организации – “Дизајнирање на проекти со користење на иновативна методологија”

СкопјеЛаб – Центарот за иновации на Град Скопје на 12 декември со почеток од 10 часот организира работилница за граѓанските организации на тема “Дизајнирање на проекти со користење на иновативна методологија фокусирана на потребите на корисникот (Design Thinking)”.  Работилницата ќе се одржи во просториите на НВО центар Скопје, МКЦ 1-КАТ.

Работилницата има за цел да ги запознае граѓанските организации со основите на “Design Thinking” –  иновативна методологија која помага полесно да се идентификуваат барањата на граѓаните и целните групи за дизајнирање проекти кои соодветствуваат на истите, генерираат подобри резултати и отвораат нови можности.

За време на работилницата ќе се работи и на мапирање на процесот и нивото на задоволство на граѓанските организации од досегашната соработка со одделението за соработка со граѓански организации – Град Скопје. Ваквите активности ќе помогнат во следниот период да се направи подобрување на процесот на комуникација помеѓу градот и граѓанските организации, начинот на дизајнирање на повици за грантови и пропратните процедури.

Доколку сметате дека работилницата е од ваш интерес пријавете присуство најдоцна до 11 декември (понеделник), 13 часот на [email protected]. На работилницата организациите може да учествуваат со најмногу 2ца претставници.