Предизвик – Редизајн на јавни зелени површини

Учествувајте активно во озеленувањето на Скопје со Скопје Лаб. Центарот на иновации на Град Скопје ве повикува заедно да го направиме Скопје поубав град за живеење со културна и здрава животна средина.

Тимот Скопје Лаб почна да работи на иницијатива за дизајнирање на зелени јавни површини/паркови, кои потоа Град Скопје ќе ги ревитализира и озелени (без поплочување или градење), но и ќе се обиде да ги „оживее“ приказните од минатото на тие површини.

Ова иницијатива дојде на предлог од наш граѓанин кој имаше мапирано  20тина локации во градот на кои му треба ревитализација. Во оваа фаза ќе опфатиме 12 локации по што ќе се помине на следна фаза односно дизајнирање и уредување на останатите.

Со цел уредување и озеленување на овие површини согласно ваши потреби би сакале да ги слушнеме вашите идеи но и приказните кои ги знаете за една или повеќе од нив.

Предвидени локации во оваа фаза:

  1. Зелен простор позади Три Бисери кај Авицена лабораторија.
  2. Зелениот простор спроти Рамстор на бул. Јане Сандански
  3. Зелен простор до Палма Аеродром
  4. Зелен простор спроти Сити Мол – кај што минува последна 19ка
  5. Зелен простор до Пожарна кај Веро
  6. Зелен простор позади поликлиника Идадија
  7. Зелен простор кај Фурна 1 што води накај Мин. За Економија
  8. Зелен простор кај Мартиновски пред мостот кај Кале
  9. Зелен простор до мост Мајка Тереза што води накај Холидеј ИН
  10. Зелен простор до ЦРМ накај мост Мајка Тереза
  11. Зелен простор спроти СП Планет пред КАМ маркет
  12. Зелениот простор спроти ЗОО “Скопје”

Сите локации се претставени на апликацијата StoryMap (https://arcg.is/1SznDr) каде може да ги погледнете, да се инспирирате или да ги посетите ако живеете во нивна близина, и потоа да помогнете со ваша идеја за просторот. Линкот го има дадено и во самиот прашалник.

Доколку сакате да помогнете во оваа иницијатива Ве молиме одговорете го следниот прашалник каде може да го дадете вашиот предлог за еднa или две од предложените локации – Линк до прашалник.

Доколку имате идеи и предлози за повеќе од две од предложените локации ве молиме директно доставете ги вашите предлози на [email protected]. Вашиот предлог може да е во вид на слика, цртеж, дизајн, или едноставно предлог идеја за што се е потребно за просторот да се оживее и ги задоволи потребите на граѓаните.

Доколку иницијативата покаже успех континуирано ќе се работи на мапирање и дизајнирање на нови јавни површини во Скопје кои може да се уредат согласно потребите на граѓаните.

Се надеваме на вашата помош заеднички да го разубавиме нашиот град!

СкопјеЛаб дел од семинарот „Иновативно брендирање на градовите“

Во Музејот на современа уметност вчера и денеска (05 и 06.07.2018 година) се одржа семинарот „Иновативно брендирање на градовите“ – Градење и комуницирање на компетитивни локални идентитети.

Семинарот е во организација на „Лабораторија за урбано живеење“ (Urban living lab) и се организира во рамките на европскиот проект РОК – регенерација и оптимизација на културното наследство во креативните градови (ROCK) финансиран од Европската програма за истражување и иновации Хоризонт 2020.

Проектот „РОК“ се фокусира на историските центри во градовите кои ќе ги користи како „теренски лаборатории” на културното наследство и да покаже како тоа може да биде уникатен и моќен двигател на возобновување, одржлив развој и економски раст за целиот град. Во овој проект учествуваат 36 партнери од 13 земји.

Градоначалникот Шилегов го отвори семинарот и во воведната сесија ги претстави неговите визии во која насока го гледа Скопје.

На овој иновативен семинар, експертот Мигуел Ривас од меѓународната консултантска компанија ТАСО го претстави концептот на менаџирање на иновативен начин на брендирање на градовите и тоа не само од перспектива на комерцијални маркетинг практики туку и преку интегриран пристап на урбан развој.

Главната цел на овој семинар беше да потенцира дека брендирањето на градот е основа за нов начин на промоција и развој на градовите. Истовремено, овој семинар претставува прв чекор од процесот на брендирање на Град Скопје. Процес во кој Градот Скопје ќе работи со сите засегнати страни со цел креирање на заедничка приказна како основа за брендирање на главниот град. Во оваа фаза, Градот Скопје ги повикува сите засегнати страни со свои предлози да учествуваат во креирањето на новата приказна.

На семинарот учествуваа претставници од градската администрација, агенцијата за промоција на туризмот, јавните претпријатија, културните институции, архитекти, урбанисти, туристички работници и графички дизајнери.

Град Скопје и УНДП заедно во справувањето со климатските промени

Градоначалникот Шилегов и Луиза Винтон, Постојан претставник на УНДП во Македонија, денеска го потпишаа договорот за соработка помеѓу Град Скопје и Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП) за реализација на проектот „Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени”.

Со овој договор е предвидено продолжување на соработката во рамките на проектот „Отпорно Скопје: поголема одржливост и иновации за справување со климатските промени”, и притоа е предвидена реализација на голем број активности од областа на заштитата на животната средина, особено заштитата од климатските промени и зголемување на отпорноста на Скопје, но и активности за воведување иновативни пристапи во секојдневната работа и поефикасни услуги за своите граѓани.

Со потпишувањето на овој договор Градот Скопје се обврзува да обезбеди подобра животна средина, да ја штитиме природата и биодиверзитетот во градот и во околината, да ги подобриме условите за живот, да преземеме активности за справување со климатските промени и да ги вклучуваме граѓаните во носењето на одлуките и следејќи ги нивните потреби да обезбедиме подобар живот за сите – кажа Шилегов.

Градоначалникот Шилегов додаде дека дел од определбите на овој договор се преземање на конкретни активности за подобрување на квалитетот на воздухот и водата, но и зафати за подобрување на зеленилото во Градот.

Длабоко сме свесни за значењето на зеленилото од сите аспекти, ги предвидуваме сите потребни мерки за негова заштита. Наша цел е преку интензивно зазеленување на делови од градот да го надоместиме изгубеното зеленило, како и на дополнување на оние локации каде што истото постои. Оваа година Градот Скопје има предвидено засадување на 10.000 нови висококвалитетни листопадни, како и над 2.000 зимзелени садници на територијата на Скопје. Дополнително, преземаме конкретни активности за изградба на зелен кров во Градскиот трговски центар, се надевам дека до крајот на оваа година ќе ги завршиме сите административни процедури и од наредната година би почнала неговата реализација – додаде Шилегов.

Постојаниот претставник на УНДП во Македонија Витон изјави дека со овој договор се продолжува и интензивира соработката со Градот Скопје, која изминативе неколку години резултира со изработката на поголем број студии, стратегии, како и отворањето на Центар за иновации на Град Скопје „Скопје Лаб“.

Потпишувањето на овој договор е продолжување на едно многу продуктивно партнерство кое го имаме со Градот Скопје. Со овој договор нашата соработка се продолжува за период од 18 месеци, а истиот е во вредност од 720.000 долари. Активностите на овој проект ќе се одвиваат во две насоки, првата е подобрување на еколошката одржливост на градот, каде што ќе продолжиме да работиме на научни истражувања, а резултатите од овие научни истражувања ќе ги имплементираме преку реализација на пилот-проекти – кажа Витон.