Зајакнување на вештините на вработените од различни сектори на Град Скопје

Во изминатиот период тимот на Скопје Лаб работеше на зајакнување на вештините на вработените од различни сектори на Град Скопје. Во тој контекст, се одржаа 3 дводневни работилници кои опфатија пренос на знаење за користење на алатки за графички дизајн, креирање на интерактивни прашалници и ефективно комуницирање на информации со помош на Storytelling (Уметност на раскажување приказни).

Првата работилница беше на тема креирање на интерактивни прашалници со помош на алатката Typeform. За време на работилницата, учесниците се запознаа со основите на алатката и работеа практично при што креираа свои прашалници. Целта на оваа работилница беше во иднина вработените на Град Скопје да можат сами да креираат интерактивни прашалници, во зависност од потребите на секој сектор.

Втората работилница се фокусираше на брзо и лесно креирање на графички дизајни, користејќи ја алатката Canva. Учесниците се запознаа со основите на графички дизајн и можностите кои оваа алатка ги нуди, од визуелно претставување на податоци до креирање на постери за настани, а со цел успешна промоција на проектите и активностите кои ги реализира Град Скопје. Вториот дел од работилницата вклучуваше вежба, односно предизвик на кој учесниците работејќи во тимови, креираа дизајни согласно идните потреби на градот.

Последната тема која беше опфатена во третата работилница е уметноста на раскажување приказни. Главната идеја беше да се прикаже како преку користење на соодветен говор и стил на пишување може да се креираат материјали (новости, презентации, говори, дизајни) кои на ефективен начин можат главните информации подобро да ги доближат до јавноста и да пробудат интерес во нејзино ангажирање во работата на градот.  Дополнително се прикажа како преку користење на различни типови на медиуми и алатки со кои се работеше на претходните две работилници, може да се дојде до поефективни резултати.

Поради покажаниот интерес за вакви и други типови на работилници, обуките ќе продолжат да се реализираат и во следниот период.

Следете нѐ за повеќе информации.

Прашалниците за оценка на услугите на Град Скопје се отворени за граѓаните

Град Скопје со поддршка од Скопје Лаб изработи интерактивни прашалници со цел да дојде до информации кои ќе помогнат да се подобрат тековните услуги, да се креираат нови и/или да се подобри начинот на нивна испорака.

После секои 2 месеци, сите собрани податоци се обработуваат и се преточуваат во дефинирани предлози и препораки за подобрување на услугите и работата на Град Скопје

Доколку сте користеле некоја од услугите во последните 6 месеци, ве покануваме да одвоите 5 минути од Вашето време да го пополните прашалникот и да го споделите вашето искуство со услугите. 

Прашалниците можете да ги најдете на следниот линк:

https://www.skopjelab.mk/prasalnik/

 

Одржана трета работилница за редизајнирање на услугата за собирање кабаст отпад

На 9ти јули во просториите на Град Скопје, се одржа третата работилница за редизајнирање на услугата за собирање на кабаст отпад.

Групата учесници од минатите 2 работилници, работеа на креирање решенија на предизвикот: „Како да поттикнеме правилно одлагање на кабастиот отпад кај домаќинствата/компаниите со цел намалување на диви депонии во Скопје и количина на кабаст отпад на Дрисла за 50% до 2021 година?“.

Главниот фокус на оваа работилница беше генерирање на идеи за редизајн на услугата за собирање на кабаст отпад. Во тој контекст се разгледуваше предизвикот од повеќе аспекти, како што се: законска регулатива, инфраструктура за правилно управување со отпадот, информираност на граѓаните за отпадот и начинот на депонирање, алтернативи за одлагање на кабаст отпад и процес на испорака на услугата на ЈП Комунална Хигиена.

Во првиот дел од работилницата учесниците преку работа во групи се обидоа да дојдат до што поголем број на идеи кои го адресираат предизвикот и истите да ги структурираат во логични категории согласно специфичните проблеми кои ги адресираат. 

Во вториот дел секоја од трите групи избра по една идеја која ја разработија во детали по што следеше презентација и дискусија. 

Работилницата заврши со избрани 3 клучни предлог решенија: 1) дефиниран нов процес на испорака на  услугата за собирање на кабаст отпад на ЈП Комунална Хигиена, 2) кампања за едукација и информираност за видовите отпад и начините за правилно одлагање на отпад, 3) центар за донација на мебел за социјално загрозени лица и семејства.

Следната средба ќе се одржи при крај на јули, а фокусот ќе биде на доразработување на предлог решенијата со вклучување на повеќе засегнати страни со цел дефинирање на акциски план за работа и идентификација на следни чекори со цел правилна и навремена имплеметација на сите или дел од решенијата. 

Следете нѐ за да бидете во тек со прогресот и резултатите од процесот.

Повеќе за проектот може да прочитате овде: https://skrati.mk/KabastOtpad

Одржана втора работилница за редизајнирање на услугата за собирање кабаст отпад

На 1ви јули во просториите на Град Скопје, се одржа втората работилница за редизајнирање на услугата за собирање на кабаст отпад на ЈП Комунална Хигиена. 

Со веќе-формираната група на учесници од првата работилница, се доформулираа проблемите и причините за неправилното одлагање на отпадот и успешно се постигна консензус по однос на истите. Главниот фокус беше на мапирање на сите засегнати страни кои директно или индиректно придонесуваат за проблемот или помагаат во негово решавање, вклучувајќи донесувачи на одлуки и регулатива, потенцијални донатори, влијателни личности и медиуми итн.

Дополнително, се работеше и на мапирање на постоечки и потенцијални извори на податоци кои можат да помогнат во креирање ефективни решенија. 

Работилницата заврши со детален опис на главните засегнати страни односно нивното влијание на проблемот и проектот, типови на податоци кои ги генерираат и начин на кој податоците се користат за донесување одлуки, начин на ангажирање на актерот во процесот и сл. 

Третата работилница ќе се одржи на 9ти јули во просториите на Град Скопје а фокусот ќе биде на дизајнирање на потенцијални решенија.

Следете нѐ за да бидете во тек со прогресот и резултатите од процесот.

Повеќе за проектот може да прочитате овде: https://skrati.mk/KabastOtpad