Отворен првиот „Велоштад“ во Скопје

Од денеска официјално е отворен вело паркингот во склоп на Транспортниот центар во Скопје. Решението „Велоштад“ на младите Михајло Стојановски и Теа Дамјановска е победник на повикот за прототип на вело паркинг, и нивното решение е поставено на локација во склоп на Транспортниот центар. Идејното решение за велосипедски паркинг е надополнето со мурал кој испраќа порака за подобра мобилност, спортска активност и здрав хачин на живот. Муралот, финансиран од ЕУ, е дело на тројца дипломирани уметници: Сања Симоска, Сали Ертунц и Бранкица Јорданковска.

Редизајнот на оваа јавна површина, како и други во Скопје кои периодов добиваат ново лице, е резултат на иновативен и инклузивен пристап во конципирањето на јавните површини, спроведен по принцип „со граѓаните, за граѓаните“.

Градоначалникот на Град Скопје, Петре Шилегов и амбасадорот на делегацијата на ЕУ во Северна Македонија, Дејвид Гир, денеска го отворија првиот плоштад за велосипеди во Скопје – Велоштад, кој произлезе како резултат на спроведената ревизија на велосипедски политики која Град Скопје ја спроведе со целосна поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка(ГИЗ).

– Имам големо задоволство да го отвориме првиот ВЕЛОШТАД – плоштад за велосипеди во нашиот град, овде кај Железничката станица, локација којашто заедно со Скопје Лаб од 11 понудени ја избраа токму велосипедистите. Овде отвораме за првпат место каде што велосипедите ќе бидат безбедни и ќе може велосипедистите да ги остават тука и да продолжат да користат јавен транспорт или воз и да се можат безбедно да се вратат со велосипед со што овозможуваме комбинирање на урбаното движење во нашиот град. Овој прекрасен мурал зад нас е изработен со целосна поддршка на Канцеларијата на делегацијата на ЕУ во РСМ и токму заради тоа амбасадорот Дејвид Гер е денеска тука со нас на пуштањето во употреба на овој нов функционален простор за скопските велосипедисти. Сервисната станица која е поставена тука ја добивме од нашите долгогодишни вело партнери од Стопанска Банка – рече Шилегов.

Тој додаде дека ова е реализација на идејата да се примени принципот на мултимодалност во велосипедските политики со кои им се им се нуди можноста безбедно да ги паркираат своите велосипеди кај Транспортниот центар од каде што ќе можат да продолжат да користат воз, меѓуградски автобус или некој од градските и приградските автобуси на ЈСП Скопје.

Велоштадот покрај држачите за безбеден паркинг на велосипеди и сервисна станица за велосипеди, опфаќа и гардеробер за брзо пресоблекување, кабини за долготрајно паркирање на велосипедите, фонтана за вода за пиење и соодветна урбана опрема која дополнително го хуманизира овој простор.

Преку своите јавни претпријатија Градот Скопје се вклучи и во дополнително уредување на овој простор за да се добие една функционална целина која ќе биде и естетски убава и доволно привлечна за граѓаните за тие да го минуваат своето време тука.

Град Скопје и понатаму посветено да ја гради својата мрежа на вело патеки, во континуитет се поставуваат паркиралишта за велосипеди на различни локации во градот, и продолжува да вложува во одржливата урбана мобилност и на тој начин се грижи за животната средина во нашиот град.

Почитајте повеќе за Велоштад решението на следниот линк.

Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од страна на Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ) преку компонентата за спроведување на активна мерка за развој на велосипедската инфраструктура и проектот Градови на иднината на Југо-источна Европа кој го спроведува СмартАп Лабораторија за социјални иновации, организација која истовремено го води Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб, и Градот Скопје.

Конкурс на тема енергетска ефикасност: Победнички конкурсни трудови

Одбрани се четири дизајни на тема енергетска ефикасност кои конкурираа на Конкурсот за дизајн за постер и беџ, објавен од страна на СкопјеЛаб. Избраните решенија ќе бидат дел од промотивната кампања  на Град Скопје за постигнување на поголема енергетска ефикасност во градот со цел намалување на потрошувачката на енергија, зголемување на квалитетот на живот и намалување на загадувaњето.

Прво место за дизајн на постер освои конкурсниот труд на Матеа Величковска. Како главен мотив на дизајнот Матеа истакнува дека: „Во преден план при правењето на концептот за постерот беше ставена можноста за човекот да избере што е добро за него и неговото опкружување. Првично, се гледа една индивидуа која спонтано излегува од сопственото превозно средство и отскокнува кон велосипед, притоа избирајќи го патот кон енергетско ефикасниот начин на живеење.“. Kога зборува за тоа како таа ја замислува урбаната средина каде се практикуваат навики за енергетска ефикасност и ефективно користење на обновливи извори на енергија, Матеа вели: „Природа компонирана со уреди кои што соработуваат со неа, а не против. Велосипеди и електрични тротинети на уличните патеки, правејќи го сообраќајниот метеж да исчезне, инвертер клими во затворени простори, соларни панели на сите објекти, соларни оџаци коишто овозможуваат производство на чиста енергија, сите обоени во зелена боја, бојата на екологија.“. Својата визија Матеа ја претставува и во нејзиниот дизајн за беџ, со кој го освои второто место за дизајн на беџ, кој понатаму беше дополнително прилагоден за да биде достапен во две верзии.
Прво место за дизајн на постер – лево, второ место за дизајн на постер – десно
Дизајн за беџ на Матеа Величковска
Второ место дизајн на беџ, во две верзии
Второ место за дизајн на постер освои конкурсниот труд на Моника Саздова. Во својата апликација на Конкурсот, таа исто така сподели повеќе за мотивацијата: „Инспирацијата за главниот елемент (светилка со порака „Не заборавај да ја исклучиш светилката“) ја најдов во значењето на малите постапки, па така, иако е мал чекор, редовното исклучување на светилка може да доведе до создавање на здрави навики во насока на енергетска ефикасност, заштеда на електрична енергија и заштита на животната средина.“.
Прво место дизајн на беџ
Прво место за дизајн на беџ освои конкурсниот труд на Наиле Емини. Во име на својот дизајн таа истакнува „Патот кон по чиста иднина е нареден со дела како запчаници во некоја машина. Некој запчаници се големи, некој мали, но секој еден запчаник има свое место во машината и ако фали некој таа нема да работи. Еден од нив си и ти!“.
Им благодариме на сите граѓани кои ги испратија своите конкурсни трудови.
Погледнете ја галеријата од сите пристигнати конкурсни решенија на овој линк. 

Покрај примарната цел на одбирање на конкурсни трудови за целите на кампањата „Промената започнува со тебе!“, особено важен аспект на конкурсот беше обезбедување на платформа/ канал за комуникација со јавноста за нејзино поактивно вклучување во дизајнирање на решенија кои ќе поттикнат позитивни промени во областа на енергетската ефикасност. Ваквиот пристап даде појасна слика за разбирањето на енергетската ефикасност како особено важен дел за постигнување урбана одржливост што е една од примарните цели на работењето на Скопје Лаб.

Се уредува нов зелен сквер во Аеродром

На постојната зелена површина од 2000 метри квадратни на крстосницата помеѓу булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров во Општина Аеродром, денеска започна редизајнот на третата од вкупно 4 локации, што Градот Скопје ги уредува во зелени скверови.

– Ова е третата локација на која Градот Скопје во соработка со Скопје Лаб работи на уредување на запуштените површини што се наоѓаат во  различни општини. Целосното преуредување на просторот се очекува да заврши за 30 дена, а ќе се врши врз основа на анкетите коишто се направени со локалното население коешто гравитира кон овие површини. Анализирани беа нивните навики и потреби за да го направиме овој простор во Аеродром едно пријатно катче каде што тие ќе го поминуваат слободното време – кажа Шилегов.

Вредноста на проектот за уредување на новиот зелен сквер изнесува околу 3,7 милиони денари, а реализацијата на истиот се очекува да заврши за 30 дена.

Локацијата е избрана од граѓаните како една од 7-те локации во Скопје идентификувани во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП  што започна во 2018 година.  Во овој процес беа вклучени различни возрасни групи на граѓани  преку користење квалитативни и квантитативни методи за утврдување на потребите на граѓаните кои живеат на во овој дел од населбата.

Дополнително се работи на мапирање на дневните и ноќните активности и програма, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст.

На почетокот на активностите за уредување на новиот зелен сквер на крстосницата помеѓу булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров присуствуваше и градоначалникот на Општина  Аеродром, Златко Марин.

Сите изработени решенија во склоп на иницијативата #РедизајнСкопје можете да ги погледнете на нашата нова веб-страница.

Реализација на нов зелен сквер кај „Млин Балкан“

На јавната парковска површина која е лоцирана пред и зад амбулантата „Млин Балкан“,  Град Скопје од денеска уредува нов зелен сквер. Целосната површина на предниот и задниот парк ќе се преработи со тоа што само високото зеленило ќе се остави и вклопи во новата концепција на уредување на просторот.

Делот на паркот кој е лоциран пред амбулантата ќе се уреди максимално да се искористи како место за одмор, комуникација и контакти, а задниот парк ќе биде детско игралиште со опрема која може да ја користат сите деца над три години.

 

Уредувањето на ова ново катче е дел од проектот за редизајнирање на јавните зелени површини на 4 локации во Скопје, според кој, зелени скверови ќе се формираат и на булеварот Јане Сандански – кај „Палма“, на раскрсницата на булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров и на булеварот Илинден, до гимназијата „Орце Николов“, каде што веќе течат активностите на терен.

– Денеска започнуваме со уредување на овој простор, втор по ред од  вкупно 4 локации во општините кои се резултат од анализите коишто ги направивме преку Скопје Лаб. Овде пред Млин Балкан  во следните дваесетина дена  на површина од околу 600 квадратни метри целосно ќе биде  преуреден овој простор и потоа предаден на општина Центар. Знаете дека минатата недела  започнавме активности за  уредување на паркот  во општина Карпош, и  ни остануваат уште две локации  во општина Аеродром. Очекувам дека по уредувањето овој простор ќе ги задоволува сите  потребите на граѓаните од соседството бидејќи беа анкетирани луѓето коишто живеат на оваа микро локација, беа анализирани нивните барања и во согласност со нив беа изработени проектите – изјави  Шилегов.

Локацијата е избрана од граѓаните како една од 7-те локации во Скопје идентификувани во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП  што започна во 2018 година. Овој процес подразбираше директно вклучување на граѓаните не само во изборот на локациите, туку и во идентификување на нивните потреби на секоја од овие локации поединечно. Вклучени беа различни возрасни групи на граѓани во процесот преку користење квалитативни и квантитативни методи – онлајн прашалници, теренски интервјуа, опсервација, фотодокументација. Се идентификуваа потребите на граѓаните кои живеат на локациите, гравитираат или поминуваат низ нив. Дополнително се мапираа дневните и ноќните активности и програма, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст.

Резултат од овој процес се 7 концепт дизајни на „Скопје Лаб“, подоцна разработени во елаборати за изведба, кои се водилка за нивното понатамошно уредување од Градот Скопје и од општините.

– Оваа активност е дел од уредувањето на сериозно запуштени простори во нашиот град, ова е дел од зазеленувањето на нашиот град, кажав веќе дека  над 115.000 метри квадратни  се досега зазеленети, а есенската сезона е пред нас. Така што подобрувањето на уловите на живот во инфраструктурата, како и на микролокациите  се нашиот императив за да го подигнеме квалитетот на нашето урбано живеење во градот – кажа Шилегов.

На почетокот на активностите за уредување на новиот зелен сквер кај „Млин Балкан“ присуствуваше и градоначалникот на Општина  Центар, Саша Богдановиќ.

Сите изработени решенија во склоп на иницијативата #РедизајнСкопје можете да ги погледнете на нашата нова веб-страница.

Град Скопје прави нов сквер во Карпош 2

На булеварот Илинден, до гимназијата „Орце Николов“, екипи на Град Скопје од денеска уредуваат нов зелен сквер. Во едниот дел од овој зелен простор наскоро ќе се оформи детско катче со различни реквизити за игра, а во другиот дел ќе се формираат патеки, ќе се постават клупи и маси, чешмичка за вода, паркинг за велосипеди и осветлување. Просторот ќе биде облагороден со различни видови листопадни и зимзелени садници.

Уредувањето на ова ново катче е дел од проектот за редизајнирање на јавните зелени површини на 4 локации во Скопје, според кој, зелени скверови ќе се формираат и на булеварот Јане Сандански – кај „Палма“, на раскрсницата на булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров и кај поликлиниката „Идадија“ во Центар.

– Станува збор за иницијатива на Град Скопје и Центарот за иновации „Скопје Лаб“, како резултат на долгогодишната соработка со УНДП, во чии рамки ќе редизајнираме постојни зелени површини согласно со потребите на граѓаните за одмор, релаксација и за дружење. На оваа локација каде што сме денеска, беше предвидена изградба на катна гаража, но ние успеавме да го зачуваме зеленилото. За околу еден месец овој простор ќе биде полн со содржини кои граѓаните ги одбраа за оваа локација. За нас како Град е императив да ги зачуваме зелените површини, но и да ги облагородиме – рече денеска градоначалникот Петре Шилегов.

Иницијативата за редизајнирање на јавните зелени површини почна во 2018 година, во две фази – во првата фаза од граѓаните беа идентификувани 7 локации од кои сега почнува редизајнирањето на првите 4. Во втората фаза идентификувани се вкупно 9 локации што треба да се редизајнираат.

Инклузивноста во овој процес подразбираше директно вклучување на граѓаните не само во изборот на локациите, туку и во идентификување на нивните потреби на секоја од овие локации поединечно. Вклучени беа различни возрасни групи на граѓани во процесот преку користење квалитативни и квантитативни методи – онлајн прашалници, теренски интервјуа, опсервација, фотодокументација. Се идентификуваа потребите на граѓаните кои живеат на локациите, гравитираат или поминуваат низ нив.

Дополнително се мапираа дневните и ноќните активности и програма, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст.

Како резултат на процесот, „Скопје Лаб“ изработи 7 концепт дизајни, подоцна разработени во елаборати за изведба, кои се водилка за нивното понатамошно уредување од Градот Скопје и од општините.

– Веќе знаете дека со 115.000 квадратни метри нови и обновени зелени површини во 2020 година Град Скопје и ЈП „Паркови и зеленило“ го урнаа годишниот рекорд. Овој процес се одвива паралелно со градежната офанзива на градските улици за да обезбедиме квалитетна инфраструктура и подобри услови за живеење во урбаната средина – нагласи Шилегов.

На почетокот на активностите за уредување на новиот зелен сквер во Карпош 2 присуствуваше и градоначалникот на општина Карпош, Стефан Богоев.

 

Ревитализацијата на старите и запуштени јавните површини ќе продолжи и во наредниот период на повеќе локации низ Скопје.

Сите изработени решенија во склоп на иницијативата #РедизајнСкопје можете да ги погледнете на нашата нова веб-страница.

Обуки за користење на ИТ алатки за јавна администрација

Со цел градење на капацитетите на јавната администрација, тимот на Скопје Лаб –  Центарот за иновации на Град Скопје во период август – септември работи на дизајн и изработка на видео обуки и придружен едукативен материјал за 4 ИТ алатки за кои администрацијата има потреба.

Со овие обуки ќе придонесеме администрацијата и во време на пандемија подобро да функционира и соодветно и навремено да одговори на потребите на граѓаните, а секако и да ја подобри ефикасноста на работењето.