Термална мапа на Скопје – најтоплите точки во градот и мерки за справување

Вовед

Урбаните топлотни острови (UHI) се ефект кој се јавува во урбаните области на големите градови, како резултат на покриеноста на земјиштето со згради и асфалтни површини.  Поради ваквата состојба неопходно е навреме да се открие постоењето и интензитетот на топлотните острови и соодветно да се предложат мерки кои би се справиле со негативните ефекти на топлотните острови.

Изработка на термална мапа на Скопје

За да се направи откривање на топлотните острови во Скопје, потребно беше да се направи детална термална мапа на Град Скопје. Остварувањето на оваа цел претставуваше особен предизвик. Но можноста за тестирање на неколку техники и начини претходните години во склоп на Скопје Лаб, како простор за експериментирање ни овозможи да го утврдиме најлесниот и најефективниот, а во исто време и најефтин начин на реализација на овој интересен проект. Скопје Лаб е одлична платформа за соработка, и овој проект е реализиран како трилатерално партнерство меѓу град Скопје, УНДП и ФИНКИ.Откако беше договорено со Аероклубот Скопје да извршат лет над урбаниот дел од градот, екипата од ФИНКИ составена од проф. Димитар Трајанов, вон. Проф. Игор Мишковски, и асистентите Александар Стојменски и Костадин Мишев, почна со подготовки на летот.

Целта која си ја поставивме беше да се направи снимање со термална и RGB камера на урбаниот дел од Скопје. Бидејќи резолуцијата на термалната камера FlirVue Pro беше помала, параметрите на летот ги одредивме според неа. Во соработка со Аероклубот Скопје креиравме план по која ќе лета авионот, при што висината на летот ја определивме да биде 1100 метри за да добиеме 50-60% покривање на термалните слики. Аероклубот Скопје направи патека за планираното движење на авионот дадена на слика 1 и според овој план вкупната корисна патека која треба да ја помине авионот е повеќе од 375 км а летот би траел од 2 до 3 часа.

 

Слика 1 План за движење на авионот за снимање на урбаниот дел од град Скопје

Следниот проблем кој требаше да го решиме е немањето на ГПС во термалната камера, што го отежнуваше спојување на термалните слики. За креирање на визуелната RGB мапа, единствената камера со ГПС која ја имавме беше камерата која е монтирана на дронот DJI Phantom 3, при што самиот ГПС уред е сместен во дронот, а не во камерата. Согласно ова дојдовме до идеја да го монтираме целиот дрон во авионот и на тој начин да го направиме визуелното снимање на градот со камера која ќе ја тагира секоја слика со GPS координати.

За да се монтира опремата за снимање на авионот беше потребно да се дизајнира и потоа да се изработи соодветна платформа на авионот каде би се сместила опремата. Во соработка со инженерите од Аероклубот Скопје се направи соодветна алуминиумска платформа на која се монтираше темелната камера и дронот (RGB камерата).

 

Слика 2 Приказ на опрема за снимање која е монтирана на авионот

Со ова ја имавме потребната опрема, план за летот, и единствено чекавме убав и топол сончев ден. По неколку одложувања, како ден за летот беше определен 24 Август 2018. Според препораките за правење на термална мапа лето беше изведен околу пладне за да се намали ефектот на сенките и да се забележат максималните загревања на површните.

Во текот на тричасовниот лет беа собрани 3951 RGB слики и 10596 термални слики, кои покриваат површина од околу 213 km2. Овие поединечни слики беа обработени од страна на тим од Anadolu University [36] и од нив се добиени гео лоцирана термална мапа и гео лоцирана RGB мапа на Скопје.

Слика 3 Пристигнување на авионот по успешно завршување на мисијата

Дополнителни извори за изработка на акциски план

Покрај, направената термална мапа со Авион, дополнително се искористени и информациите добиени од микро анализа направена во текот на летото 2016 на потегот од Водно до центарот на Скопје. За анализа на топлотните острови искористена е и глобалната студија за топлотни острови направена од Center for Earth Observation при Yale University.

Мерки за справување со топлотни острови во Скопје

За анализа на мерките за справување со топлотните острови пред се користени се препораките од US Environmental Protection Agency како и препораките од соодветните Европски агенции.

Врз основа на направените анализи предложени се голем број на мерки. Предложените мерки се поделени во пет групи и тоа:

  • Генерални стратегии за справување со топлотни острови (предложени 6 мерки)
  • Акции/мерки за општините и Град Скопје (предложени 14 мерки)
  • Акции/мерки за граѓаните на Скопје(предложени 4 мерки)
  • Иновативни мерки (предложени 5 мерки)
  • Мерки за одредени карактеристични области во Скопје (предложени 43 мерки)

Согласно ова, во акцискиот план се предложени повеќе од 70 акции и мерки кои може да бидат преземени во насока на намалување на ефектите од урбаните топлотни острови во Скопје.

Генерални стратегии за справување со топлотни острови

Според Агенцијата за заштита на животната средина на САД [1], постојат пет главни стратегии за тоа како заедниците можат да преземат мерки за намалување на урбаните топлотни острови:

  • зголемување на бројот на дрва и вегетативната покривка,
  • инсталирање на зелени покриви,
  • инсталирање на ладни покриви,
  • користење на ладни тротоари и површини кои рефлектираат топлина или се водо-пропустливи
  • користење на практики за зелен урбан развој.

Покрај овие пет мерки во овој контекст додадени се и предлози за креирање на Зелени паркинзи.

Акции/мерки на ниво на општини и Град Скопје

Врз основа на анализи на голем број на мерки кои се применуваат во различни градови во светот, избрани се 14 мерки кои се прилагодени за Скопје и може да се применат од страна на општините или од Градот Скопје.

  • Еден милион дрва за Скопје: Оваа треба да биде кооперативна акција помеѓу градот, локалните заедници, бизнисите и поединците, која ќе обезбеди долгорочно партнерство со цел да се засадат 1.000.000 нови дрвја низ Скопје. Акцијата треба да ги опфати сите слободни места кои моментално се голини или имаат грмушки и неквалитетни дрвја, како и просторот покрај улиците.
  • Натпревар во садење дрва: Натпреварот би бил дизајниран за да им помогне на луѓето да се едуцираат за соодветни начини за садење дрвја, како и за придобивките од урбаните зелени области за заедницата Бесплатни дрвја за вашиот двор
  • Програма за посвојување на ледина: Оваа програма треба да им овозможи на групите граѓани да ја преземат одговорноста за садење на дрвјата и одржување на истите.
  • Уредба за зелен фактор: Поставување на повисоки минимални услови за зазеленување на земјиштето, со што ќе се бара сите нови градби да мора да обезбедат одреден минимален процент вегетативна покриеност од градежната парцела.
  • Пошумување покрај улици: Усвојување на правилник во кој ќе се специфицира дека мора да се садат дрвја вдолж двете страни на улицата на соодветно минимално растојание.
  • Воведување на прописи за зелени паркинзи: Правилник со кој ќе се предвиди дека при проектирањето и реализацијата на новите или реновирани паркинзи ќе мора да се предвиди и да се посадат соодветен број на дрвја со кои би се постигнало одреден минимален процент на засенчување на површината на паркингот.
  • Проект за конверзија на паркинзите во зелени паркинзи: Проект преку кој ќе се овозможи трансформација на постоечките паркинзи во зелени паркинзи.
  • Програма за поттикнување на зелени покриви и вертикални градини: За да се поттикне креирањето на зелени покриви и на вертикални градини, да се усвои уредба со која сопствениците на објекти на кои ќе се имплементираат зелени покриви или вертикални градини и истите ќе се одржуваат соодветно да им биде намален или комплетно да бидат ослободени од данокот на имот.
  • Програма за зелени покриви на јавни објекти: Овој проект ќе помогне да се подигне видливоста и да се зголеми јавното разбирање на зелените покриви.
  • Иницијатива за грантови за подигање на вертикални градини: обезбеди грантови за граѓаните кои сакаат да подигнат вертикални градини на нивните ѕидови. Покрај справувањето со топлотните острови, целта на оваа програма е да ја подобри севкупната естетика, удобноста на пешаците и квалитетот на воздухот
  • Зелени улици: Проект кој ќе ја промовира употребата на порозни материјали за поплочување на улиците кои се реконструираат или се градат нови.
  • Воведување на регулатива за инсталирање на ладни покриви: Традиционално во Македонија, покривите се прават од керамиди и се со темна црвена боја. Ваквиот материјал и боја придонесува за големо загревање на покривите низ целиот град. Во оваа насока градот ќе треба да донесе регулатива со препораки за покриви на станбените и комерцијалните згради да се користат материјали кои имаат високо албедо, односно ја рефлектираат топлината
  • Зголемување на бројот на дрвја во парковите: Главниот таргет на ова мерка треба да биде градскиот централен парк, во кој постојат делови во кои нема доволно дрвја, па со оваа мерка би требало на тие места да се засадат дополнителни дрвја. Секако оваа мерка треба да биде применета и на другите постоечки паркови каде густината на дрвјата не е доволна

Иновативни мерки

Покрај стандардните мерки предложени се и неколку интересни и невообичаени мерки кои може да се користат за намалување на ефектот од топлотните острови.

  • Портабилни зелени градини
  • Зелено кампување во град
  • Портабилни вертикални градини
  • Урбано земјоделство
  • Зелен покрив со ресторан

Акциски план за одредени карактеристични области

Со користење на статистички ГИС алатки се издвоени областите каде што има поголема концентрација на многу топли или многу ладни точки. Точките во ваквите области се поврзани во кластер и е формирана област која е посебно анализирана. Резултатите од ваквата анализа се прикажани Слика 4.

Слика 4 Мапа на детектирани топли и ладни области во Градот Скопје (кликнете овде да пристапите до мапата – Поради ограничување на ГИС системот потребно е да го отворете линкот со http наместо со https)

Врз основа на вака добиените резултати направени се анализи на неколку карактеристични области од градот. Па така, од централното градско подрачје одбрани се две дополнителни области кои се блиску до центарот, а тоа се Дебар Маало и Новата Железничка станица со Маџир маало, потоа анализирана е областа околу Пластичарската улица. Бидејќи и дел од индустриските области во Скопје покажуваат поголема загреаност, направена е и анализа на една индустриска зона. Ја одбравме индустриската зона околу фабриката МЗТ.

Во продолжение се дадени повеќе детали за предложените микро мерки за локацијата околу Новата железничка станица.

Пример за микро мерки за Нова железничка станица и Маџир Маало

Новата железничка станица е масивен бетонски објект со огромна бетонска површина која е директно изложена на сонце и како таква е подложна на загревање и резултира во значајно зголемување на температурата во нејзината околина. Во околината за железничката станица има повеќе паркинзи кои се речиси без никаква вегетација и дополнително допринесуваат за вжештување на овој простор.

Населбата Маџир Маало многу густо урбанизиран дел со приватни куки и згради кои немаат или имаат многу мало дворно место. Улиците се многу тесни и претежно се  без дрва и зеленило на нив. Ова целото резултира во зголемување на температурата во овој дел од градот.
основа направените анализи како и на можностите за примена, за оваа локација се предложени следниве мерки кои шематски се прикажани на следната слика.

Слика 5 Предложени мерки за справување со топлотни острови кај Нова железничка станица и Маџир Маало

 

ИДТипОпис на мерката
НЖ-м1аУрбано шумарствоЗасадување на дрвја покрај тротоарите како и на островот на булеварот Кузман Јосифовски Питу. На овој дел на булеварот нема задоволителен број на дрвја па оваа мерка е неопходна за разладување и разубавување на просторот.
НЖ-м1бУрбано шумарствоЗасадување на дрвја покрај тротоарите на улицата која е паралелна со железничката станица
НЖ-м2Зелени паркинзиКонвертирање на паркинзите околу Новата железничка станица во зелени паркинзи. На овој паркинг моментално речиси и да не постојат дрва. Конвертирањето на овие паркинзи значително ќе придонесе за намалување на температурите но и дополнително за разубавување на просторот.
НЖ-м3Урбано шумарствоУредување на и пренамена на просторот пред Македонски пошти кој се наоѓа на северозападната страна на железничката станица. Овој дел е недоволно уреден, па потребно е да се засадат повеќе дрвја и да се уреди просторот.
НЖ-м4Ладни покривиПоставување на ладни покриви на куќите во Маџир Маало
НЖ-м5Вертикални градиниПоставување на вертикални градини на куките низ улиците на Маџир Маало
НЖ-м6Ладни површиниПрепокривање на бетонската површина на железничката станица со боја или со материјали кои ќе ја рефлектираат топлината, наспроти сегашната состојба на апсорпција.
НЖ-м7Зелен покривИзградба на зелен покрив над пероните на железничката станица. Овој проект може значајно да придонесе за разубавување и разладување на просторот. Дополнително зелениот покрив може да се направи и комерцијално достапен па да премине во летна чекална каде патниците во летните периоди ќе можат да уживаат во зеленилото на покривот.

 

Заклучок

Според направените анализи Скопје го има ефектот на урбани топлотни острови, иако тоа не е силно изразено како во поголемите градови. Сепак во насока на справување со оваа појава потребно е да се спроведат поголем број на мерки за да се направи градот пријатно место за живеење.

Во рамките на оваа студија предложени се над 70 мерки и акции кои ќе овозможат справување со ефектите на топлотни острови во Скопје. Како конкретни локации обработени се неколку области од Скопје, но тоа не значи дека овој ефект не е присутен во останатите делови од градот. Соодветно на ова, треба истите или слични мерки да се применат во сите области кои се детектирани како локации со зголемена температура.

Дополнително, бидејќи најголем број од мерките со кои се спречува ефектот на урбани топлотни острови делуваат и на намалување на загадувањето, секако треба да се направи напор да се имплементираат дел од предложените мерки.

 

Проф. д-р Димитар Трајанов 
Скопје, Јануари 2019

Придружни документи и објави:

  1. Урбани топлински острови во Скопје – Анализа и Акциски план
  2. Анализирање на урбаните топлински острови во Скопје со далечинска детекција
  3. Мапа на детектирани топли и ладни области во Градот Скопје (Поради ограничување на ГИС системот потребно е да го отворете линкот со http наместо со https)
  4. Започна процесот на мапирање на урбаните топлотни острови во Скопје
  5. Прва термална мапа на Скопје – Што се Урбаните топлински острови?
  6. Термална мапа на Скопје – најтоплите точки во градот и мерки за справување

 

Скопје Лаб во поддршка на проектот MatchUp

Скопје Лаб – Центар за иновации на Град Скопје на 04.03 во салата на Советот на Град Скопје присуствуваше на работилницата “Како Скопје да стане енергетски паметен град”, во рамки на проектот MatchUp.

На оваа работилница учесниците дискутираа за иновативни решенија во обезбедувањето на квалитетни услуги, алатки и технологии за граѓаните коишто се неопходни за успешноста на еден паметен град, како и за преземањето на конкретни мерки со цел подобрување на енергетската ефикасност, зголемување на одржливата мобилност и инвестициите во технологијата кои ќе служат како модел за урбана трансформација.

 

MatchUP е проект за паметни градови финансиран од Европската програма за истражување и иновации Хоризонт 2020, кој има за дел да креира и да преземе решенија кои можат да ги претворат урбаните проблеми во паметни можности кои ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните и ќе ги поттикнат локалните економии.

 

MatchUP ќе дизајнира и имплементира палета на иновативни решенија од областа на енергетиката, мобилноста и ИКТ, кои ќе служат како модел на урбанистички трансформации за други градови во Европа и пошироко.

Скопје Лаб ќе продолжи со поддршка на имплементацијата на овој проект во Град Скопје и се надева дека со својата работа значајно ќе помогне Скопје да стане енергетски паметен град.

За Скопје со оддржливо управување со кабаст отпад

Одржана првата работилница во склоп на проектот за подобрување на услугата за управување со кабаст отпад од страна на Јавното Претпријатие Комунална Хигиена

 

На 14.01.2019 во просториите на Град Скопје се одржа првата работилница од проектот за “Редизајнирање на услуга за собирање на кабаст отпад на ЈП Комунална Хигиена”.

На работилницата присуствуваа претставници од релевантните сектори во Град Скопје, експерти кои работат во полето на управување со отпад, и претставници од ЈП Комунална Хигиена задолжени за управување со услугата за собирање на кабаст отпад.

Овој проект СкопјеЛаб го отпочна на  иницијатива на Град Скопје, кој го препозна предизвикот и потребата од значително подобрување на пристапот и начинот на управување со цврст отпад. Имајќи ја предвид комплексноста на системот за управување со цврст отпад, Град Скопје реши да го отпочне процесот првично со подобрување на услугата за собирање на кабаст отпад на ЈП Комунална Хигиена.

Под кабаст отпад се подразбира мебел и делови на мебел и на него слични предмети, бела техника и електрични апарати за домаќинство (шпорети, ладилници, машини за перење на алишта и садови, бојлери и сл. предмети), електронски апарати (компјутери, телевизори, музички системи и сл.), како и на нив слични кабасти предмети кои се користат во домаќинствата кои сопственикот-поседувачот ги отфрла или има намера да ги отфрли.

Редизајнирата услуга за одложување, собирање и управување со кабастиот отпад, ќе значи:

  • Подобрен изглед и чистота на градот, без отпад одложен покрај садовите за одложување на комунален отпад
  • Неможност за нелегално собирање на овој отпад и користење за огрев
  • Подобрен степен на задоволство на потребите на граѓаните во поглед на користење на услугата за кабаст отпад
  • Зголемување на бројот на корисници на услугата
  • Потенцијално креирање или поттикнување на систем на циркуларна економија и занаетчиство
  • Идентификација на можности за подобрување на останатите услуги за управување со отпадот
  • Воспоставување на партнерства помеѓу ЈП Комунална Хигиена и останати приватни, јавни или организации од граѓанскиот сектор кои се вклучени во процесот на управување со отпадот, како и
  • Зајакнување на капацитетите на сите вклучените страни за развој на иновации

За време на работилницата се презентираа наодите од секундарното истражување и постоечки регулативи и процеси поврзани со услугата, се работеше на мапирање на различни типови на корисници на услугата и согласно на тоа се мапира моменталниот процес на остварување на услугата. Целта беше да се идентификуваат слабите точки на кои треба да се работи со цел подобрување на услугата и/или мапирање на дополнителни услуги кои ќе обезбедат правилно и поефективно управување со кабастиот отпад.

Резултатите од ова работилница обезбедија добра основа за спроведување на следните чекори како и да се идентификуваат нови потенцијални актери кои треба да се вклучат во процесот со цел постигнување на очекуваните резултати.

Следни чекори:

  • Спроведување на примарно истражување со граѓани кои ја користеле или би ја користеле услугата во иднина со   цел идентификување на можности за подобрување на услугата.
  • Организација на 3 работилници за ре-дизајнирање на услугата со сите засегнати страни
  • 3 месечен пилот период за тестирање на редизајнираната услуга
  • Финализација и дефинирање на препораки

Времетраење на проектот е 6-8 месеци вклучувајќи го и периодот на тестирање на  редизајнираната услуга.

За поголема успешност на проектот Ве повикуваме да се вклучите во процесот доколку сте заинтересирани. Пријавете го вашето учество на [email protected] со назнака “учество во проект за редизајн на услуга – Кабаст отпад”.

 

СкопјеЛаб е проект на УНДП и Град Скопје чија цел е да ја покаже корисноста од вклучување на перспективите на граѓаните во донесувањето  на одлуките на сите нивоа на градот. Главниот фокус на работа на СкопјеЛаб е реализација на пилот (тест) проекти од областа на заштитата на животната средина, специфично проекти и активности насочени кон намалување на загадувањето на воздухот, ревитализација и зголемување на зелени јавни површини во градот и подобрување на управувањето со отпадот, како клучни теми за граѓаните на Скопје.

 

Иновации во јавниот сектор — реалност или илузија?

Неефикасноста на јавните услуги и бавната јавна администрација не значи дека јавниот сектор не може, не знае, и не иновира. Но, од каде ваквото негативно мислење за иновациите во јавниот сектор?

Причините ги согледуваме во јавниот сектор низ светот, особено во последните години, којшто се соочува со притисок да се приспособи на тековните проблеми и промени. Фискалниот притисок, растечките очекувања на јавноста од јавните услуги, стареењето на популацијата, миграцијата и климатските промени се само дел од факторите кои директно влијаат на иновирањето во јавниот сектор.

Многумина сметаат дека само во бизнис секторот има можност за натпревар и иновација. Но, би сакале да го докажеме спротивното. Идеите во јавниот сектор не се непостоечки, сепак тие се најчесто блокирани, испуштени, а многу често и заборавени. Погледнувајќи низ минатото, ќе видиме дека најголемите и најзначајните иновации се јавија токму во комуникациите, материјалите и енергијата од богатите феудалци, влади и војска многу порано од иновациите во приватниот сектор, коишто се појавија дури во последните години од 19тиот век.

Интернетот и веб пребарувачот, најголемите и најзначајните иновации во последните 50 години, излегоа од јавни организации: Агенција за напредни истражувачки проекти за одбрана (DARPA), ЦЕРН (CERN), и Европската организација за нуклеарно истражување.

Сепак, мислењето дека нема иновации во јавниот сектор и не е неосновано.  

Кога целта е подобрување на јавните услуги и општеството во целина, иновациите во јавниот сектор се можни и неопходни!

За ова сведочи успешната приказна на главниот град на Колумбија, инспиративниот Медејин. Овој втор по големина град во Колумбија кој е познат по Пабло Ескобар, насилство, кокаин и нарко/трафиканти, во 2012 година беше прогласен за најиновативен град на светот, земајќи им го местото на Тел Авив и Њу Јорк.

Како Медејин успеа од најопасен град во деведесеттите да прерасне во нај иновативен град во 2012 година?

Слика 1: “City of the Year.” Arch Student. Достапно на: http://arch-student.com/wp-content/uploads/2013/09/City-of-the-Year-2012-Medellin.jpg. Пристапено на: 2017.08.31.

 

Истражување и работа на терен

Еден од проблемите со кои се соочуваа граѓаните на Медејин беше нееднаквоста и сиромаштијата. Само замислете си слика од населби лоцирани на ридови и трошни куќи од кадешто жителите пешачат и по неколку часа за да стигнат на работа. Со цел да направи промена, тогашниот градоначалник на Медејин, Серхио Фахардо, (Sergio Fajardo, 2004-2007), за време на својот мандат организираше тим којшто започна  да ги истражува проблемите на најмаргинализираните населби на терен, што беше спротивно од вообичаената практика на административното работење. Поминувајќи време на терен, тимот идентификува дека граѓаните во сиромашните населби секојдневно се соочуваат со криминал и насилство кое е концентрирано на специфични места во населбите. Со цел да ги трансформира овие точки на насилство и криминал во места каде се создава култура и владее мир, градските власти одлучуваат да изградат паркови, спортски терени, образовни и транспортни објекти на токму тие точки коишто се познати по најголемо насилство и трговија со дрога.

Слика 2: Серхио Фахардо, бившиот градоначеленик на Медејин (2004-2007) на средба со локалното население разговара за предлог проектите на градот. Извор: Twitter

 

Соработка со целните групи

Свесни за тоа дека не може сами да ги решат проблемите, градските власти во Медејин решаваат спортските терени, ескалаторите и станиците за гондолата кои денес функционираат како главно превозно средство за сиромашните кои живеат на ридестите делови од градот да ги изградат во соработка со локалното население. Во дискусиите со локалните претставници, идентификувано е како да се задржи постоечкиот екосистем и динамика која постои во заедницата, а во исто време да се изнајдат решенија кои ќе  го подобрат квалитетот на живот и ќе ги намалат проблемите со коишто се соочуваат жителите секојдевно.

Сепак, со изградбата на ескалаторите и гондолите не се решија сите проблеми во сиромашните населби и финансиската ситуација на многу луѓе и понатаму остана иста. Но, ова беше  чекор напред со оглед на фактот дека драстично се подобри квалитетот на живот на граѓаните, особено на постарите лица и лицата со инвалидитет. Луѓето добија повеќе време за рекреација, за пријателите и семејството како и можност за обавување на дополнителна работа.

Слика 3: Пред изградбата на ескалаторите жителите на 13-та комуна требало да искачуваат 357 скалила. Извор: Citiscope.org

 

Слика 4: Жители на најсиромашната населба Comuna 13, уживаат во благодетите од ескалаторите кои го намалуваат времето потрошено при патување. Извор: NextCity.org

 

Вложување во функционални и образовни проекти

Со цел да се смени духот на градот и да се отстрани сликата за Медејин како место кадешто владее криминал, насилство и трговија со дрога, градските власти одлучуваат најубавите архитектонски објекти да ги изградат во најсиромашните делови. „Нашите најубави згради мора да бидат во најсиромашните делови на градот бидејќи таму се најпотребни и ќе помогнат во трансформација на населбата но и градот во целост.“ – Серхио Фахардо.

Местата коишто претходно беа напуштени се претвораат во културни, образовни и рекреативни центри. Овде вреди да се споменат гондолата, ботаничката градина во Медејин, паркот Explora, Рута Н (центар за иновации), библиотеката од Шпанија.

Слика 5: Зградата во црно која е инспирирана од гранитот е зградата на библиотеката Шпанија (Biblioteca de España). Извор: NextCity.org – Пристапот до образование мора да е еднаков за сите – Серхио Фахардо, градоначалник на Медејин

 

Интегриран пристап кон решавање на проблемите

Управувањето со вработените во јавниот сектор беше еден од најголемите проблеми во Медејин. Со цел да се справи со овој проблем, при  стапување на водечката позиција во градот, Серхио Фахардо решава да вработи дополнителен кадар и да го смени постоечкиот начин на работа.

Преку ваквиот пристап градоначалникот се обиде да ја обедини администрацијата и да ја приклони кон новиот концепт на работење – реализација на интегрални урбани проекти (Proyectos urbanos integrales), методологија за системско решавање на проблемот. Во комуникација со населението, градоначалникот ги поставува  насилството и движењето на граѓаните од нивните домови па се до работните места, рекреативните центри и образованите установи како приоритетни проблеми на кои треба да им се најде решение.

Во транспортниот систем се дизајнира и инсталира систем на гондоли кој покрај туристичка атрактивност и релативно лесната инсталација на ридест предел, влијае на однесувањето на луѓето, тргајќи ги од улиците каде се се собираат криминалците и се случува насилство. Покрај искуството со возење во  гондоли се нудат и бесплатни книги, кои патниците може да ги користат кога се превезуваат од една до друга станица со цел поттикнување на развојот на културата кај граѓаните. Дополнително со изградба на мрежа на спортски и рекреативни центри на местата кои претходно се концентрираше најмногу криминал и насилство се намали стапката на криминал бидејќи збирните места на криминалците на јавни места се ограничија. Наместо со криминал, младите почнаа да практикуваат спортови и да ги користат јавните рекреативни центри за друштвено-продуктивни цели.

Слика 6: Проект за изградба на зелен појас во најсиромашната комуна 13 кој што вклучува рекреативни патеки, паркови, зеленило, образовни установи и нови домови. Извор: Cinturonverde

 

Континуитет

Заслугата за трансформацијата за Медејин се должи на многу повеќе луѓе отколку што се претставени во оваа статија. Но, целта е да се истакне дека преку паметно и посветено лидерство и интегриран пристап во работењето, успехот во воспоставување на темелите за промена е неизбежен.

Со ваквиот начин на работа, во случајот со Медејин, лидерството на градот успеа да ја врати самодовербата на граѓаните дека можат повеќе, а истовремено и нивната  доверба во јавниот сектор.

Иако ваквиот континуитет не може да се загарантира, сепак она што треба да се запамети е дека поставување на добри темели и практики водат кон позитивни промени и истите треба континуирано да се негуваат и наградуваат.

Слика 7: Стапка на убиства во Медејин, Колумбија. Стапката на убиства драстично опаѓа во Медејин со интервенциите на различните администрации во градот кои го преземаат водството од 2003-та година. Секако, има доста простор за подобрување. Извор: MedellinLiving.com

Примерот за Медејин е само еден од примерите како желбата на администрацијата и лидерите и заедничката соработка со граѓаните може да помогне за остварување на позитивни промени во градовите. Она што мора да сме свесни е дека за поттикнување на иновации во јавниот сектор не се секогаш доволни само притисоците од јавноста за поефективни услуги. Понекогаш е потребно и да не се занемари потребата за оддавање на признание на вработените во јавниот сектор кои ги извршуваат услугите и речиси секогаш се директно изложени на критики, а имаат аспирации и желба да променат нешто. Тие треба да се охрабрат и да ги бараат промените кај своите претпоставени бидејки промената нема сама по себе да дојде. Со секој разговор за промена на начинот на работа се всадува семе во главата на лидерите кое може да вроди со плод. Секогаш „семето“ не раѓа со плод, но успехот зависи и од тоа како се „сади семето“. Многу е важен начинот на комуникација и како се предложуваат идеите. На темата комуникација, може да разговараме во нареден блог.

 

И за крај да размислиме – Што може ние заедно и секој индивидуално да направи за го подобри квалитетот на живот во Скопје?

 

Извори:

Aghili, Saalar. “Medellín Rising: Interview with Governor Sergio Fajardo.” Berkley Political Review, јуни 5, 2016. Достапно на: https://bpr.berkeley.edu/2016/06/05/medellin-rising-interview-with-governor-sergio-fajardo/. Пристапено на: 2017.08.31.

“City of the Year.” Arch Student. Достапно на: http://arch-student.com/wp-content/uploads/2013/09/City-of-the-Year-2012-Medellin.jpg. Пристапено на: 2017.08.31.

“Colombia’s Medellin named ‘most innovative city’”. BBC News, март 1, 2013. Достапно на: http://www.bbc.com/news/world-latin-america-21638308. Пристапено на: 2017.08.31.

“FROM FEAR TO HOPE IN COLOMBIA: SERGIO FAJARDO AND MEDELLÍN, 2004 – 2007.” Innovation for Successful Societies. Princeton University, декември 2010. Достапно на: https://successfulsocieties.princeton.edu/sites/successfulsocieties/files/Policy_Note_ID116.pdf. Пристапно на: 2017.08.31.

“Medellín, Colombia conferred Lee Kuan Yew World City Prize 2016.” Urban Redevelopment Authority, март 16. 2016. Достапно на: https://www.ura.gov.sg/uol/media-room/news/2016/mar/pr16-16.aspx. Пристапено на: 2017.09.03.

Scruggs, Gregory. “Latin America’s New Superstar.” NextCity, март 31, 2014. Достапно на: https://nextcity.org/features/view/medellins-eternal-spring-social-urbanism-transforms-latin-america. Пристапено на: 2017.09.03.

Swope, Christopher. “How Medellín revived itself, Part 4: the road to “most innovative city”. Citiscope, април 11, 2014. Достапно на: http://citiscope.org/story/2014/how-medellin-revived-itself-part-4-road-most-innovative-city. Пристапено на: 2017.08.31.

 

#ЗапознајгиСкопјани на саботно кафе во Излет

Оваа сабота, испијте го вашето кафе заедно со „Запознај ги Скопјани“! На 29.12, од 12:00 до 15:00 часот во Излет Кафе, ве повикуваме на кафе да ни ги раскажете вашите приказни и идеи за нашето Скопје!

#ЗапознајгиСкопјани има за цел приказните на граѓаните да допрат до надлежните и нивните сограѓани и со тоа можеби нешто навистина да променат во нечиј живот или во Скопје.

#ЗапознајгиСкопјани, како што вели координаторката Лина Иванова, е обид за доближување на скопјани до градот преку споделување на нивните чувства, доживувања, идеи, желби и сугестии за и во ова Скопје

Дознајте повеќе на: www.instagram.com/zapoznajgiskopjani/ и на официјалниот настан на фејсбук: https://www.facebook.com/events/2246810715555463/

Настанот е во организација на #ЗапознајгиСкопјани; иницијатива на СкопјеЛаб – Центарот за иновации на Град Скопје.

No automatic alt text available.

Прва термална мапа на Скопје – Што се Урбаните топлински острови?

Како станав дел од овој проект?

По неколку години академски труд низ целиот свет како истржувач во областа на Далечинската Детекција и Гео-Инфомационите Системи, ми се пружи шанса да бидам дел од проект поврзан со мојот град. Си реков, нема да ја пропуштам оваа можност!

Во Мај 2018 година, заедно со моите колеги, извршивме истражување со сателитски снимки за Урбаните Топлински Острови во Скопје. Ова не беше нашето прво истражување на оваа тема, претходно имавме изработно неколку проекти поврзани со топлинските острови. Но, овој пат, проектот за мене имаше посебно значење, Скопје за мене имаше посебно значење!  

Извор: https://www.mywanderlust.pl/things-to-do-in-skopje-macedonia/

Истражувањето доби голем интерес од локалните власти, поради тоа што за прв пат Скопје беше истражувано преку сателитските „очи“, а и поради актуелноста на темите глобално затоплување и урбани топлотни острови. По кратко време, добив покана да бидам дел од проектот, “ИКТ за урбана отпорност”, воден од Град Скопје и UNDP.

Што всушност претставуваат урбани топлотни острови?

Урбаните топлотни острови најлесно можат да се објаснат преку едноставен пример;  

Најчесто за викендите, сите сакаме да избегаме малку подалеку од градот, на некое позелено место. Знаеме дека таквите места се посвежи од центарот на градовите, па така, температурната разлика помеѓу урбаните и руралните средини се нарекува урбани топлотни острови. Причините за ваквата појава се антропогените активности.

Source: http://coolparramatta.com.au

Како јас придонесов во овој проект?

Додека стручниот тим на ФИНКИ беше задолжен за аквизиција на податоците, нашиот тим беше задолжен за обработка на истите податоци. Па така, аквизицијата на податоците беше извршена на 24ти Август, 2018, со авионско летало Cessna 172, во попладневните часови, кога температурите на воздухот се највисоки. Тој ден, температурата на воздухот се движеше измеѓу 29  – 32.5 ⁰C од 11:00 до 16:00 часот. Аквизицијата на податоците беше извршена со две посебни камери, едната на нас сите добро позната, фотографирајќи го она што го гледаме, а втората, термална, која „собираше“ термални податоци од површината на Скопје. Како резултат од авинското снимање, добивме 20.000 фотографии од кои требаше да се изработи мапата на Скопје! Иако веќе имавме големо искуство со обработка на вакви податоци, и се изгледаше лесно на почетокот, во рок од дваесет дена, нашиот тим се соочи со огромни предизвици. Најпрво, за да се процесираат 20.000 фоторафии со голема резолуција, ни беше потребен многу добар Хардвер. Еден од компјутерите на кои ги обработувавме податоците  беше со 128 GB RAM, GPU NVIDIA Quadro K4200, и Intel(R) Xeon(R) CPU E5-2643 @ 3.40 GHz. Првиот дел од податоците аквизирани со „обичната“ камера, беа процесирани за три дена, заедно со креирање на 3Д моделот, и првата мисла ни беше „Одлично! Се оди по планот!“, но не беше така. Она што предизвика огромен проблем беше недостатокот на географски податоци (координати) на податоците од термалната камера, па така сите податоци беа процесирани во локален координатен систем, а потоа, мапата беше конвертирана во националниот координатен систем со помош на високо-прецизната мапа од „обичната“ камера. Згора на се, термалната камера ја снима радијацијата намерсто температурата на површината, па дополнителни математички прсметки беа потребни за креирање на термалната мапа на Скопје.  

Резултати

По три недели напорна работа, со огромно задоволство ги средувавме даталите на нашите продукти. Првиот продукт е мапа на Скопје во висока резолуција од 50 cm, или во размер 1:1000. Со исто толкава резолуција е креиран и 3-Д моделот на Скопје. Симулирано видео од 3-Д модело може да најдете на следниот линк:

Главниот продукт во овој проект е термалната мапа. Термалата мапа е со 1,5 метри резолуција, или во приближно во размер 1:3000, и ја претставува температурата на површината на градот Скопје од 24ти Август, 2018.

Финалниот продукт на овој проект се анализите за урбани топлотни острови, кои беа извршени со помош на ГИС алатки. Слично како резултатите од истражувањето извршено со сателитски снимки, резултатите покажаа дека феноменот урбани топлотни острови е присутен во Скопје. Најпогодени области од оваа појава се густо населените делови од градот како и земјоделски области со мала вегетација.

 

Автор

Гордана Каплан, Ph.D. кандидат

Гордана Каплан ја доби својата магистерска диплома по геодезија од Универзитетот “Св. Кирил и Методиј”, Скопје, Македонија, во 2014 година. Во февруари 2015 година ги започна своите докторски студии на Универзитетот Анадолу, Ескишехир, Турција, како добитник на стипендија од организацијата “Turkiye Burslari”. Во моментов, работи како истражувач на Научниот институт за Земјата и вселената на Универзитетот Анадолу. Нејзините тековни истражувачки интереси вклучуваат техники на далечинска детекција и географски информациони системи, мапирање и следење на водите и водните површини со користење различни сателитски податоци, како и анализи на површинската температура и анализи на урбаните топлински острови.

https://www.researchgate.net/profile/Gordana_Jovanovska_Kaplan

Дознајте повеќе за урбаните топлотни острови и нивниот ефект во документите на следниов линк: https://zivotnasredina.skopje.gov.mk/proekti/otporno-skopje-pogolema-odrzhlivost-i-inovatsii-za-spravuvane-so-klimatskite-promeni/

Впечатоци од настанот „Кулирај, рециклирај, донирај: E-отпад“

На 21.11 со почеток од 19.00ч, во соработка со Нула Отпад – Друштво за управување со отпад, беше организиран настан за е-отпад „Кулирај, рециклирај, донирај: Е-отпад“ во просториите на „Кафе и филм Котур“.

Настанот имаше за цел да промовира добри пракси во справување со електронски отпад преку информативна и забавна содржина. На настанот учество зедоа вкупно 31 учесник, млади луѓе, од кои најголем број средношколци, кои преку интерактивни содржини и забавен едукативен квиз, отпочнаа дискусија на која ги таргетираа дел од проблемите поврзани со е-отпадот а потоа учесниците идентификуваа креативни решенија за адресирање на дефинираните проблеми.

Исто така, на настанот се презентираа решенијата за рециклирање и донирање на е-отпадот од страна на Нула Отпад, повеќе за нивата работа може да погледнете тука.  Се презентираше и апликацијата GARB, за мапирање на отпад низ градот Скопје изготвена од тимот на СмартАп Лабораторија за социјални иновации а финансирана од Центарот за истражување и креирање на политики (ЦРПМ). Повеќе за апликацијата може да најдете овде.

На настанот имаше и бесплатно кафе со донесени 3 батерии, соодветно на темата на настанот. Дополнително, на настанот имаше поставено корпа за рециклирање на ситен електронски отпад.

За да видите дел од атмосферата, погледнете го фб албумот

Кулирај, рециклирај, донирaj: Е-отпад

Дали знаете што е е-отпад, како се генерира, кои се најголеми придонесувачи и какви се последици има на човекот и на животната средина доколку содветно не се одложува?

Постојаниот општествен напредок заедно со брзиот технолошки развој допринесува до се поголемо производство и употреба на електрични и електронски уреди и опрема. Кога овие уреди и опрема ќе станат неупотребливи или нефункционални, тие стануваат електронски отпад.  Е-отпад е значаен проблем како во развиените така и во земјите во развој бидејќи покрај многуте компоненти, содржи опасни супстанции кои се штетни за животната средина и здравјето на луѓето ако не се соодветно третирани или отстранети. Во 2017 година, во светот се направени 47.8 тони на е-отпад, алармантен број кој константно се зголемува!

Од тука произлегуваат неколку прашања: Што би можело ние да направиме за да го спречиме зголемувањето на е-отпадот? Какви тековни иницијативи и мерки постојат за управување со е-отпад? Како да помогнеме во подигнување на свеста за значењето од правилно управување со е-отпадот и кај другите групи на граѓани?

Доколку имаш интерес за темата и сакаш да дадеш придонес во креирање на нови активности и мерки, регистрирај се на goo.gl/NJG6q8, најдоцна до среда, 21.11.18, 17:00ч. Бројот на учесници е ограничен.
Настанот ќе биде интерактивен со неколку забавни елементи, кратка информативна сесија, за донесени 3 батерии следува бесплатно кафе, дружба и e отворен за млади на возраст од 14 – 18 години.

Исто така, на настанот ќе има поставено корпи каде што ќе можете да донесете е-опрема и уреди за рециклирање или донирање!

Настанот е организиран од Скопје Лаб – Центар за иновации на Град Скопје и Нула Отпад – Друштво за управување со отпад.

Локалните власти користат беспилотни летала за да собираат податоци за следење на реките и потоците

Новите технологии ја револуционизираат примената на дистантните сензори во речните предели и значително ја зголемуваат нашата способност да ги идентификуваме и да ги решаваме главните причини за загадувањето на водата. Овие причини го опфаќаат влијанието на земјоделството и на другите употреби на земјиштето врз квалитетот на речната вода, како и влијанието врз површинските и врз подземните води.

Нискотарифните беспилотни летала овозможуваат да се добиваат детални слики за користењето на земјиштето како и други вредни податоци поврзани со квалитетот на водата, дури и во областите каде што е тешко да се пристапи, без при тоа да се направат големи трошоци за летала со екипаж.

Уникатна предност на беспилотните летала е тоа што можат да прибираат живи податоци од голем број сензори, вклучувајќи ги и мултиспектралните NIR и LIDAR сензори, со што се обезбедуваат прецизни показатели за чистота на водата. Брзото и економски достапно собирање на вакви детални податоци може да игра суштинска улога за формулирањето и спроведувањето на политиките за управување со водите врз основа на потребните информации.

За да го промовира и да го поддржи усвојувањето на оваа технологија од страна на јавните институции, Скопје Лаб направи пилот-проект и ја овозможи соработката помеѓу Градот Скопје и Факултетот за компјутерски науки и инженерство (ФИНКИ) за истата да ја тестира.

Проектот обезбедува рамка за следење на речните корита и квалитетот на речната вода со користење беспилотни летала со термички и стандардни (RGB) камери и со софтвер за обработка на воздушни слики.

Рамката се разработи во соработка со администрацијата на Град Скопје и државните институции што го следат квалитетот на протечните води.

Заедно со локалната власт, како дел од проектот, се направија неколку летови со дронови а се споделија и упатства и помош за тоа како да се користи платформата.

На следните слики е илустрирана опрема што се користи во проектот.

Слика 1: Дрон DJI Phantom 3 што се користи во проектот

Слика 2: Држач за термичка камера (користевме 3D печатач). Држачот беше монтиран на беспилотното летало.

 

Слика 3: Термичка камера FLIR Vue Pro 640 што се користи во проектот. Слика 4: Карактеристики на термичката камера. Слика 5: Камера што се користи за NDVI слики

Платформата овозможува да се направат за градот Скопје мапи на протокот на реките со висока резолуција, со термички слики што укажуваат на температурата на водата. Овие податоци овозможуваат рано откривање на физички и хемиски загадувачи во водата.

Проектот исто така вклучуваше прелетување на беспилотни летала над дел од реката Лепенец, за демонстрирање на едноставноста и ефикасноста на презентираниот метод. За време од еден час се направија четири лета со кои се опфати четири-километарско подрачје на реката. Од податоците се изработи 3D модел на сливот на реката Лепенец, како и следната ортофото карта (Слика 6).

Слика 6: Ортофото карта на јужниот речен слив на реката Лепенец

Со користење на термална камера се утврди разлика во температурата од околу 2°C  помеѓу реката Лепенец и реката Вардар. Вакви разлики во температурата може значително да влијаат врз флората и фауната во реките. Слика 7 јасно покажува дека местата со помалку вегетација повеќе се загреваат од сончевото зрачење (околу 3°C).

Слика 7: Дотек на реката Лепенец

Сликите од камерата NDVI (слики 8 и 9) јасно покажуваат разлики во степенот на вегетација, агрегацијата на песок и човечката активност во различни делови на речниот слив.

Слика 8: Дел од речниот слив со повеќе вегетација и помалку човечка активност

Слика 9: Дел од речниот слив со повеќе човечки активности и агрегации на песок

Истите информации за човечките активности и агрегацијата на песок може да се добијат и со користење на 3D модел на речниот слив (види слика 10).

Слика 10: 3D модел на речниот слив. (Црвениот круг ги посочува зголемените човечки активности и малите фабрики кои претставуваат потенцијални еколошки опасности.)

Платформата ја користевме и за идентификување диви депонии по течението на реката. Следењето со беспилотни летала покажува значително загадување на земјиштето по течението на реката предизвикано од мали фабрики и човечки активности (Слики 11 и 12).

Слика 11: Ортофото картата со дивите депонии

Слика 12: Фотографија од дрон на диви депонии

Вработените во администрацијата на Град Скопје учествуваа активно и покажаа интерес да ги усвојат новите технологии. Низ овој инклузивен процес произлегоа многу идеи за тоа како градската управа може да ги користи беспилотните летала во своите секојдневни активности за да прибира вредни податоци и да помогне да се подобри квалитетот на животот на луѓето.

Скопје Лаб спроведе интензивна обука за вработените во администрацијата на Градот Скопје, која опфати и обука за летање на беспилотните летала и за обработка на податоците. Така, концептот на Скопје Лаб се покажа како моќен катализатор за подобрување и забрзување на процесот на иновации во локалната власт.

Автори: Костадин Мишев, Александар Стојменски, Игор Мишковски и Димитар Трајанов

Започна Скопје РОК Хакатон 2018!

Денес, официјално започна РОК Хакатонот 2018 активност во рамки на РОК проектот кој го реализира Град Скопје и Архитектонски факултет, во партнерство со Ecopreneurs for the Climate (Еко–претприемачи за климата – ECO4CLIM).

Хакатонот претставува дводневен маратон за ко–креирање наменет за студенти, млади професионалци и претприемачи, со цел да се зајакне еко–претприемништвото, одржливите бизнис иновации и мрежите за соработка, коишто претставуваат клучни слоеви за ефективни и инклузивни решенија за главните предизвици со кои се соочува градот во однос на животната средина, вклучувајќи ги и климатските промени.

За тековни информации во врска со настанот следете не на социјалните мрежи и користете ги хаштазите: #SmartHistory #SmartGreen

Хакатонот е дел од проектот РОК, финансиран од Хоризонт 2020, како и од иницијативата Young Ecopreneurs Climathons 2018 (Климатони за млади еко–претприемачи 2018 – #YoungEcoClimathons18), кој вклучува зелени хакатони во многу градови ширум светот коишто се одржуваат во текот на целата пролет и есен, а завршуваат со Конференцијата за климатски промени на ОН 2018 (COP24), во Катовице (Полска), во периодот од 03 до 14 декември.