Како може да ја подобриме примарната селекција и одлагање на отпад од домаќинствата во Скопје?

Опис

Во Град Скопје во последните неколку години се имаат преземено многу активности и иницијативи за подобрување на одлагањето, собирањето и рециклирањето на отпадот од страна на различните актери во системот. Меѓутоа, и покрај сите напори сеуште гледаме расфрлан отпад, диви депонии и несовесно однесување на граѓаните. Ова дополнително се поткрепува и со официјалните информации од извештаите на ЈП Комунална хигиена каде се забележува и зголемување на количините на отпад и количините на отпад по глава на жител од година во година.

Бидејќи проблемот е комплексен и е резултат на повеќе фактори како начинот на однесување на граѓаните, формалните и неформалните собирачи на отпад, постоечка инфраструктура итн., Скопје Лаб дефинира еден специфичен предизвик на кој ќе работи во текот на 2017/2018 година и тоа:

Како може да ја подобриме примарната селекција и одлагањето на отпадот од домаќинствата во Скопје?

Преку дефинирање на специфични предизвици, се обезбедува можност полесно и самостојно да се управува со проблемот преку преземање на соодветни акции од страна на различни засегнати страни.

Преку реализација на пилот проект помогнат од страна на Програмата на Обединетите нации (УНДП) и Град Скопје, СкопјеЛаб ќе се обиде да дизајнира и тестира неколку иновативни решенија за справување со овој специфичен предизвик.

За да се дојде до вакви решенија СкопјеЛаб  користи иновативен пристап кој се фокусира на човекот, неговите потреби и проблеми (Human Centered Design или Desing Thinking) кој е и во основата на работењето на СкопјеЛаб. 5те фази низ кои ќе се реализира пилот проектот се дадени подолу.

Со овој пилот проект СкопјеЛаб го адресира само првиот дел од синџирот или управувањето со отпадот, односно одлагањето на отпадот од домаќинствата (патот на ѓубрето од дома до контејнерот). Во тој поглед гледаме на три специфични елементи или проблеми:

  1. Што се случува со отпадот во домот? (Генерирање, селекција и складирање)
  2. Кој е процесот на одлагање на отпадот? (од домот до контејнерот)
  3. Што се случува со отпадот се до моментот на собирање од Комунална Хигиена?

Согласно ова дефинирани се две клучни целни групи: 1) домаќинствата (индивидуални објекти и колективни – згради, и 2) неформалните собирачи на отпад.

Она што се очекува од пилот проектот е дизајнирање на неколку решенија кои ќе може да се тестираат на терен со цел да се види нивната успешност.

Целта е да се дизајнираат решенија кои: 1) ќе го намалат количеството на отпад кој се фрла во контејнерите преку поинаква организација на процесот и 2) ќе им овозможат на неформалните собирачи на отпад подостојно, олеснето, поздраво и побрзо собирање на отпад.

СкопјеЛаб со поддршка од Град Скопје и УНДП ќе тестира 1 (едно) од дизајнираните решенија а останатите решенија ќе бидат понудени на други организации и институции за тестирање и имплементација.

Со цел генерирање на што повеќе идеи СкопјеЛаб ја бара вашата помош. Доколку имате идеја за справување со овој предизвик слободно споделете ја со нас и и земете учество во процесот на реализација на овој пилот проект.

Процес на работа и временска рамка

Фаза 1: Дефинирање на проблемот (Јули – Август, 2017)

Фаза 2: Теренско етнографско истражување (Септември – Октомври, 2017)

Фаза 3: Ко-дизајнирање на решенија (Генерирање на идеи) (Ноември – Декември, 2017)

Фаза 4: Развивање на прототип на решение (Декември 2017 – Јануари 2018)

Фаза 5: Тестирање на предлог решение (Јануари – Април, 2018)

Идеи

 

Сподели идеја