Град Скопје и Скопје Лаб на работилница за ко-дизајнирање на предлог проект за финансирање од Европскиот институт за иновации и технологија

Град Скопје изрази интерес да се вклучи како партнер во проектот “Градови на иднината од Југоситочна Европа”, поддржан од Европски институт за иновации и технологија, Клима – Зедница на знаење и иновации. Главна цел на проектот е да се обезбеди градење на критичните капацитети на градовите, кои веќе имаат покажано заложба за системска промена на ниво на град, потребни да ја остварат мисијата: Инклузивна, просперитетна и нула-јаглеродна трансформација на 15 градски населби во 5-7 градови на Балканот, правејќи ги овие градови најквалитетни места во Европа за живеење, работа и посета до 2025 година.

За таа цел во периодот 11-12 Април 2019, во Загреб, Хрватска беше спроведена работилница за ко-дизајнирање на предлог повеќегодишен проект за финансирање од Европскиот институт за иновации и технологија. На работилницата од Скопје учествуваа Ловрен Маркиќ, Раководител на Сектор за меѓународна соработка при Град Скопје и Софија Богева, Координатор на Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб. Освен Град Скопје, на работилницата присуствуваа и го потврдија својот интерес за соработка и следниве градови: Марибор (Словенија), Сарајево (Босна и Херцеговина), Кржевци (Хрватска), Ниш (Србија) и Крагујевац (Србија).

Со цел официјализирање на партнерството во овој проект сите вклучени партнери ќе потпишат и Изјава за партнерство (Partnership Statement), со која ја потврдуваат својата заложба за остварување системски промени.

Следете нè за нови информации!