ИКЕА ќе тестира изнајмување мебел на 30 пазари

Во овој напис прочитајте како ИКЕА, согледувајќи ги потребите на своите корисници и свесноста што ја имаат за влијанието коешто го има нивниот шопинг за мебел врз животната средина, реши речиси целосно да го трансформира својот начин на работа и да воведе понуди за лизинг на мебелот.

КААРСТ, Германија, 3 април (Ројтерс) – ИКЕА ќе ги прошири тестирањата за да им овозможи на потрошувачите да изнајмат бироа и софи, наместо да купуваат, бидејќи како одговор на зголемена загриженост за животната средина, таа се дистанцира од продажба на евтин мебел за еднократна употреба.

Најголемата светска групација за мебел прво рече дека размислува за лизинг на мебел во февруари. Во средата, таа ги појасни своите планови на настанот кој се одржа во нејзината прва „одржлива“ продавница во Каарст, западна Германија, отворена во 2017 година.

„Тестирањето на можностите за понудите за лизинг е еден од начините на кои ние се предизвикуваме за да ја испорачаме нашата стратегија за трансформација.“ рече Јеспер Бродин, извршен директор на Ингка Групацијата, која ги поседува повеќето продавници на ИКЕА.

„Климатските промени и неодржливата потрошувачка се меѓу најголемите предизвици со кои се соочуваме во општеството.“

Потегот на ИКЕА за поддржување на поциркуларна економија доаѓа како резултат на тоа што многу млади потрошувачи велат дека сакаат да го минимизираат нивното влијание врз животната средина, претпочитајќи да изнајмат предмети, од облека до автомобили.

Нејзиниот бизнис модел веќе се најде под притисок од порастот на онлајн малопродажбата и се поголемото колебање кај помладите купувачи да патуваат до нејзините огромни продавници надвор од градот, да го донесат спакуваниот мебел дома и самите да го склопат.

Rent the Runway, која претходно изнајмуваше само дизајнерска облека и додатоци, минатиот месец изјави дека ќе соработува со брендот West Elm на Williams-Sonoma Inc. за да им овозможи на претплатниците да изнајмат домашен декор.

ИКЕА, која минатата година имаше глобана продажба од 39 милијарди евра (44 милијарди долари), рече дека сака да развие понуди за лизинг базирани на претплата, со цел да поттикне производите да бидат повторно користени што е можно повеќе пати пред тие да бидат рециклирани.

Таа веќе се заложила сите свои производи да ги направи од обновливи и рециклирани материјали до 2030 година и исто така да ги дизајнира сите свои производи повторно да бидат користени, поправани и рециклирани. Во 2018 година, се справи со 1 милион нарачки за резервни делови за поправка на производи.

ИКЕА веќе започна со тестирање на различни проекти за изнајмување мебел во Холандија, Шведска, Швајцарија и Полска и има за цел да ги прошири тестирањата на сите свои 30 пазари следната година.

Во Шведска и Швајцарија, ја разгледува можноста за обезбедување мебел за компании на претплатнички модел, додека во Холандија тестира пакет за изнајмување за студенти во соработка со здружение за домување.

Прочитајте го оригиналниот напис на англиски јазик: https://www.reuters.com/article/ikea-sustainability/ikea-to-test-furniture-rental-in-30-markets-idUSL8N21K5KA