Од денеска со сметките на водовод и флаер со упатство за правилно одлагање на отпадот

Како да го третирате комуналниот отпад во Скопје?

Како дел од новиот концепт за третман на комуналниот отпад и хигиената на јавните површини во градот, од денеска граѓаните на Скопје со сметките на  ЈП„Водовод и канализација“ добиваат и  флаер со упатство за правилно одлагање на нивниот отпад.

Новите 540 статични контејнери за комунален отпад што се набавени имаат различни технички карактеристики од старите – собираат трипати повеќе отпад, автоматски се затвораат, можат да се отворат и со нога, имаат и рачка за отворање приспособена за користење за лицата со посебни потреби, ги подигнува возило со само еден човек, и немаат тркалца што спречува да се разместуваат. Исто така и 950 канти за џебен отпад се различни од претходните затоа што се заштитени од непрописно полнење со ќеси полни со домашен смет, а и недостапни се за птиците и уличните животни кои досега го расфрлаа отпадот насобран во нив.

На задната страна на овој леток се наведени и насоките за правилно одлагање на комуналниот отпад, телефонските броеви за пријавување кабаст и електронски отпад, како и бројот на телефонот на градскиот инспекторат за да може граѓаните да пријават  неправилности.

Градоначалникот во овој флаер ги замолува и воедно им упатува јасна порака на своите сограѓани дека чистотата на јавните површини зависи од сите, и дека само до колку ги почитуваат насоките и одговорно се однесуваат ќе се подобри хигиената во градот и за идните генерации ќе се обезбеди чиста и здрава животната средина.

На денешната седница за советнички прашање градоначалникот Шилегов одговараше како тече реализацијата на новиот концепт за  одржување на хигиената низ градот.

– Скопје што го затекнавме беше град во којшто системите функционираа по инерција со поставеност од средина на осумдесетите години од минатиот век. Значи, како било во 1985 година, ништо се немаше променето, што во функционирањето на администрацијата, каде што се уште надминуваме определени проблеми, уште потрагично во функционирањето на  јавните претпријатија  и во видот и квалитетот на услугите коишто сме ги давале како Град на нашите сограѓани. Затоа јас често велам не случајно Скопје изгледаше така како што изгледаше и дека сега полека  го менуваме неговиот лик. Ние сме на самиот почеток на имплементација на системот за третман на комуналниот отпад во нашиот град и она што го промовиравме пред околу еден месец и веќе полека можеме да го гледаме на нашите улици како се воведува, е само вовед на тоа што следува. Тоа бара и време и напор и средства, но токму заради тоа сме тука. Денеска за првпат до нашите сограѓани со сметките за вода се испратени и упатства за третман на отпадот – рече денеска  Шилегов.

Градот планира на крајот на годинава или почетокот на следната година во еден дел од градот граѓаните да вршат пробно делење на отпадот, односно да го делат отпадот на органски и неоргански и тоа да биде еден вид на селектирање на нивниот отпад.