Одржана трета работилница за редизајнирање на услугата за собирање кабаст отпад

На 9ти јули во просториите на Град Скопје, се одржа третата работилница за редизајнирање на услугата за собирање на кабаст отпад.

Групата учесници од минатите 2 работилници, работеа на креирање решенија на предизвикот: „Како да поттикнеме правилно одлагање на кабастиот отпад кај домаќинствата/компаниите со цел намалување на диви депонии во Скопје и количина на кабаст отпад на Дрисла за 50% до 2021 година?“.

Главниот фокус на оваа работилница беше генерирање на идеи за редизајн на услугата за собирање на кабаст отпад. Во тој контекст се разгледуваше предизвикот од повеќе аспекти, како што се: законска регулатива, инфраструктура за правилно управување со отпадот, информираност на граѓаните за отпадот и начинот на депонирање, алтернативи за одлагање на кабаст отпад и процес на испорака на услугата на ЈП Комунална Хигиена.

Во првиот дел од работилницата учесниците преку работа во групи се обидоа да дојдат до што поголем број на идеи кои го адресираат предизвикот и истите да ги структурираат во логични категории согласно специфичните проблеми кои ги адресираат. 

Во вториот дел секоја од трите групи избра по една идеја која ја разработија во детали по што следеше презентација и дискусија. 

Работилницата заврши со избрани 3 клучни предлог решенија: 1) дефиниран нов процес на испорака на  услугата за собирање на кабаст отпад на ЈП Комунална Хигиена, 2) кампања за едукација и информираност за видовите отпад и начините за правилно одлагање на отпад, 3) центар за донација на мебел за социјално загрозени лица и семејства.

Следната средба ќе се одржи при крај на јули, а фокусот ќе биде на доразработување на предлог решенијата со вклучување на повеќе засегнати страни со цел дефинирање на акциски план за работа и идентификација на следни чекори со цел правилна и навремена имплеметација на сите или дел од решенијата. 

Следете нѐ за да бидете во тек со прогресот и резултатите од процесот.

Повеќе за проектот може да прочитате овде: https://skrati.mk/KabastOtpad