Урбан предизвик

Во Град Скопје во последните неколку години се имаат преземено многу активности и иницијативи за подобрување на одлагањето, собирањето и рециклирањето на отпадот од страна на различните актери во системот. Меѓутоа, и покрај сите напори сеуште гледаме расфрлан отпад, диви депонии и несовесно однесување на граѓаните.
Со цел да се покрене нивотo на чистота во градот предизвикот на кој ова решение се обиде да даде одговор е: Како да им обезбедиме на граѓаните начин на кој може да придонесат кон подигање на степенот на чистота во град Скопје?

Апликацијата можете да ја симнете од официјалната веб-страна kanta.mk

Краток опис на решението

Канта.мк - е мобилна апликација која ја користи толпата луѓе (crowdsourcing) за собирање на податоци за состојбата со отпадот во Скопје. Целта е поставување основа за мерење на состојбата во иднина, и понатаму за дефинирање акции и донесување информирани одлуки за справување со отпадот. Дополнително, да им се обезбеди можност на граѓаните да се вклучат во решавањето на овој општествен проблем за поубав и почист град.

Апликацијата им нуди на корисниците да:

  • ги мапираат локациите на постоечките контејнери и типот на отпад кој се собира
  • мапираат потенцијални нови локации за поставување на контејнери и тип на отпад кој би се собирал
  • мапираат диви депонии и типот на отпад
  • ги прегледаат мапираните локации за сите претходни опции

Мобилната апликација е лесна за користење и дизајнирана согласно потребите на корисниците – брза навигација, внес на податоци и фидбек систем.

Собраните податоци преку апликацијата понатаму можат да бидат трансформирани во форма соодветна за преглед и испратена до институциите одговорни за справување со отпадот во градот со цел преземање на брзи акции и донесување информирани одлуки.

Очекувано влијание од имплементација на решението

  • Донесување на ефективни акции и информирани одлуки за справување со отпадот во градот во иднина од страна на одговорните институциите и организациите
  • Намален број на нелегални или диви депонии и расфрлан отпад во Скопје
  • Зголемен степен на вклучување на граѓаните во решавање на проблемот со отпадот
  • По-координирани акции од страна на граѓанските организации чија цел е подобрување на животната средина

Апликацијата е развиена од страна на СмартАп - Лабораторија за социјални иновации Скопје, организацијата која го координира СкопјеЛаб - Центарот за иновации на СкопјеЛаб. Финансирана е од страна на ЦРПМ - Центар за истражување и креирање политики.