Климатскиот предизвик – ТВОЈОТ ГРАД ОД ТЕБЕ ЗАВИСИ беше организиран со цел генерирање на иновативни решенија кои ќе помогнат во справувањето со климатските промени и ќе придонесат за јакнење на урбаната отпорност на град Скопје. Во овој поглед фокус беше даден на:

  • Намалување на загадувањето;
  • Намалување на емисиите од транспортот;
  • Заштита на зелените површини; или
  • Намалување на цврстиот отпад.

Можност за учество на предизвикот имаа сите граѓани кои имаа предлози за иновативни проекти кои може да помогнат во справувањето со климатските предизвици. Граѓаните можеа да учествуваат со свои идеи за проекти на следниве три специфични предизвици:

  1. Што можеме да направиме за да го намалиме нивото на емисии на стакленички гасови во градовите?
  2. Како може подобро да се прилагодиме на климатските промени со кои што се соочуваме?
  3. Како можеме подобро да ги искористиме паметните технологии за справување со климатските промени?

Нај иновативната идеја која беше избрана – РеБот (машина за рециклирање пластика) беше наградена со 10,000 американски долари, од кои 1,000 беа доделени како парична награда, додека останатите 9,000 американски долари беа доделени на победникот во форма на придонеси за да се поддржи развојот на идејата во прототип на решение. Ова вклучуваше технолошка поддршка, менторство и помош во изнаоѓање на партнери кои би можеле да бидат заинтересирани за усвојување на решението или за финансирање на неговиот понатамошен развој.

Процесот на селекција се одвиваше во три фази, и победникот беше избран од страна на жири кое што се состоеше од претставници од УНДП, УСАИД, Шведската амбасада, Град Скопје, други релевантни државни институции, меѓународни експерти и претставници од приватниот сектор.

Предизвикот беше организиран од страна на Програмата за развој на Обединетите нации (УНДП), Амбасадата на Шведска, Агенцијата за меѓународен развој на Соединетите Американски Држави (УСАИД), Милиеуконтакт Македонија и Центарот за социјални иновации во соработка со Министерството за животна средина и просторно планирање.

Повеќе информации може да најдете на веб страната http://odtebezavisi.mk.