Редизајн на јавни зелени површини

Опис

Тимот на Центарот за иновации на град Скопје (Скопје Лаб) во месец Јули работи на иницијатива за дизајнирање на зелени јавни површини/паркови, кои потоа Град Скопје ќе ги ревитализира (озелени и оплемени со урбана опрема) и ќе се обиде да ги „оживее“ приказните од минатото за тие локации, доколку има такви.

Ова иницијатива дојде на предлог од наш граѓанин кој имаше мапирано 20тина локации во градот на кои му треба ревитализација. Во оваа фаза ќе опфатиме 12 локации по што ќе се помине на следна фаза односно дизајнирање и уредување на останатите. Доколку иницијативата покаже успех континуирано ќе се работи на мапирање и дизајнирање на нови јавни површини во Скопје кои може да се уредат согласно потребите на граѓаните.

Со цел уредување и озеленување на овие површини согласно ваши потреби би сакале да ги слушнеме вашите идеи но и приказните кои ги знаете за една или повеќе од нив.

Локации

Сите локации се претставени на апликацијата StoryMap каде може да ги погледнете, да се инспирирате или да ги посетите ако живеете во нивна близина и потоа да помогнете со ваша идеја за просторот.

Линкот до локациите може да го најдете овде – https://arcg.is/1SznDr, но исто и во самиот прашалник.

Доколку имате идеи и предлози за повеќе од две локации ве молиме директно доставете ги вашите предлози на [email protected]. Вашиот предлог може да е во вид на слика, цртеж, дизајн, или едноставно предлог идеја за што се е потребно за просторот да се оживее и ги задоволи потребите на граѓаните.

Предвидени локации во оваа фаза:

  1. Зелен простор позади Три Бисери кај Авицена лабораторија.
  2. Зелениот простор спроти Рамстор на бул. Јане Сандански
  3. Зелен простор до Палма Аеродром
  4. Зелен простор спроти Сити Мол – кај што минува последна 19ка
  5. Зелен простор до Пожарна кај Веро
  6. Зелен простор позади поликлиника Идадија
  7. Зелен простор кај Фурна 1 што води накај Мин. За Економија
  8. Зелен простор кај Мартиновски пред мостот кај Кале
  9. Зелен простор до мост Мајка Тереза што води накај Холидеј ИН
  10. Зелен простор до ЦРМ накај мост Мајка Тереза
  11. Зелен простор спроти СП Планет пред КАМ маркет
  12. Зелениот простор спроти ЗОО “Скопје”

Се надеваме на вашата помош заеднички да го разубавиме нашиот град!

Идеи

Доколку сакате да помогнете во оваа иницијатива Ве молиме одговорете го следниот прашалник каде може да го дадете вашиот предлог за еднa или две од предложените локации – Линк до прашалник.

Се надеваме на вашата помош заеднички да го разубавиме нашиот град!

 

Како може да ја подобриме примарната селекција и одлагање на отпад од домаќинствата во Скопје?

Опис

Во Град Скопје во последните неколку години се имаат преземено многу активности и иницијативи за подобрување на одлагањето, собирањето и рециклирањето на отпадот од страна на различните актери во системот. Меѓутоа, и покрај сите напори сеуште гледаме расфрлан отпад, диви депонии и несовесно однесување на граѓаните. Ова дополнително се поткрепува и со официјалните информации од извештаите на ЈП Комунална хигиена каде се забележува и зголемување на количините на отпад и количините на отпад по глава на жител од година во година.

Бидејќи проблемот е комплексен и е резултат на повеќе фактори како начинот на однесување на граѓаните, формалните и неформалните собирачи на отпад, постоечка инфраструктура итн., Скопје Лаб дефинира еден специфичен предизвик на кој ќе работи во текот на 2017/2018 година и тоа:

Како може да ја подобриме примарната селекција и одлагањето на отпадот од домаќинствата во Скопје?

Преку дефинирање на специфични предизвици, се обезбедува можност полесно и самостојно да се управува со проблемот преку преземање на соодветни акции од страна на различни засегнати страни.

Преку реализација на пилот проект помогнат од страна на Програмата на Обединетите нации (УНДП) и Град Скопје, СкопјеЛаб ќе се обиде да дизајнира и тестира неколку иновативни решенија за справување со овој специфичен предизвик.

За да се дојде до вакви решенија СкопјеЛаб  користи иновативен пристап кој се фокусира на човекот, неговите потреби и проблеми (Human Centered Design или Desing Thinking) кој е и во основата на работењето на СкопјеЛаб. 5те фази низ кои ќе се реализира пилот проектот се дадени подолу.

Со овој пилот проект СкопјеЛаб го адресира само првиот дел од синџирот или управувањето со отпадот, односно одлагањето на отпадот од домаќинствата (патот на ѓубрето од дома до контејнерот). Во тој поглед гледаме на три специфични елементи или проблеми:

  1. Што се случува со отпадот во домот? (Генерирање, селекција и складирање)
  2. Кој е процесот на одлагање на отпадот? (од домот до контејнерот)
  3. Што се случува со отпадот се до моментот на собирање од Комунална Хигиена?

Согласно ова дефинирани се две клучни целни групи: 1) домаќинствата (индивидуални објекти и колективни – згради, и 2) неформалните собирачи на отпад.

Она што се очекува од пилот проектот е дизајнирање на неколку решенија кои ќе може да се тестираат на терен со цел да се види нивната успешност.

Целта е да се дизајнираат решенија кои: 1) ќе го намалат количеството на отпад кој се фрла во контејнерите преку поинаква организација на процесот и 2) ќе им овозможат на неформалните собирачи на отпад подостојно, олеснето, поздраво и побрзо собирање на отпад.

СкопјеЛаб со поддршка од Град Скопје и УНДП ќе тестира 1 (едно) од дизајнираните решенија а останатите решенија ќе бидат понудени на други организации и институции за тестирање и имплементација.

Со цел генерирање на што повеќе идеи СкопјеЛаб ја бара вашата помош. Доколку имате идеја за справување со овој предизвик слободно споделете ја со нас и и земете учество во процесот на реализација на овој пилот проект.

Процес на работа и временска рамка

Фаза 1: Дефинирање на проблемот (Јули – Август, 2017)

Фаза 2: Теренско етнографско истражување (Септември – Октомври, 2017)

Фаза 3: Ко-дизајнирање на решенија (Генерирање на идеи) (Ноември – Декември, 2017)

Фаза 4: Развивање на прототип на решение (Декември 2017 – Јануари 2018)

Фаза 5: Тестирање на предлог решение (Јануари – Април, 2018)

Идеи

 

Сподели идеја

 

Како да се променат навиките за греење на семејствата со мали примања, со цел да се намали загадувањето во Скопје?

Опис

Загадувањето на воздухот во Скопје е најлошо во Европа. Нивото на токсични елементи го надмина дозволениот праг на алармирање на суспендирани честички со големина до 10 микрометри (надминување на вредноста од 100 mg/m3 во текот на десет последователни денови) во зимата 2016-17 со што се вклучи јавниот аларм за ризик по здравјето. Греењето на домовите е еден од главните виновници кој учествува со 32% во вкупните емисии. Дрвото е најчест материјал кој се користи за греење на територијата на Скопје и истиот најмногу загадува. Посиромашните фамилии, особено припадниците на ромската заедница, за греење користат уште поштетни материјали за греење како гума и пластика кои може да предизвикаат респираторни заболувања. Идентификување на алтернативни решенија за греење е клучот за намалување на загадувањето и заштитата на јавното здравје. Одржливи алтернативи за греење се достапни но скапи, така што вистинскиот предизвик е да се најдат опции кои се достапни и атрактивни за домаќинствата кои имаат пониски примања.

Бидејќи проблемот е комплексен Скопје Лаб има потреба од вас и вашето знаење. Доколку имате предлог за справување со овој предизвик слободно споделете ја вашата идеја овде. Сите оние кои ќе споделат свои идеи и предлози а кои ќе бидат избрани да бидат тестирани, ќе добијат можност да се вклучат во целокупниот процес на развој на иновативното решение.

Фокус на предизвикот ќе бидат 2 населби во кои повеќе е застапено греењето со дрво и други штетни материјали. Целта е изнаоѓање решение кое ќе ги смени навиките за греење на граѓаните од овие населби.

Процес на работа

Фаза 1: Дефинирање на проблемот

Фаза 2: Теренско етнографско истражување

Фаза 3: Ко-дизајнирање на решенија (Генерирање на идеи)

Фаза 4: Развивање на прототип на решение

Фаза 5: Тестирање на предлог решение

Идеи

 

Сподели идеја