Приказните на најстарото дрво во Скопје

Добар ден сограѓани и пријатели. Мердита, сени севијорум, шукар диве, добар дан.

Ме познавате ли? Е, јас ве познавам вас, односно ги знам вашите приказни. Ги бележам со години и години, мошне, мошне долго. А сега и ќе ви раскажам дел од нив. Трпение, млади луѓе, трпение…

Прво, да ви кажам кој сум јас. Некои од вас веќе ме познаваат како Чинарот, а други како — Платанот. Живеам во дворот на Гази Иса Беговата џамија во Скопје, веднаш зад болницата Битпазар. Верувале или не, годинава навршувам 544 години!

И чекајте, тоа не е сè. Неодамна, благодарение на Зелениот катастар, дознав дека сум најстарото дрво во Скопје!

1. Зелен катастар

Што е Зелен катастар? Зелениот катастар знае повеќе за дрвјата од Скопје од мене, а јас знам речиси сè! Во него се запишани сите мои роднини и пријатели! Токму така!

Воедно, Зелениот катастар содржи прецизни и квалитетни податоци со чија помош ќе може:

  • да се спречи непотребното сечење или оштетување на дрвјата;
  • да се запре целосното уништување на зеленилото со различни градежни активности;
  • да се направи план за зачувување на постојното зеленило;
  • поквалитетно да се одржуваат зелените површини во градот.

А сега ќе ви ги раскажам и некои интересни податоци за моите роднини, дрвјата и грмушките во Скопје. Повеќето од нив ги познавам лично, но тие прецизно се дознаа од истражувањето на Зелениот катастар, прво од таков вид. Слушајте внимателно!

  • Во Скопје до сега се евидентирани 65.844 дрвја и 28.395 грмушки.
  • Од дрвјата, 71,35% се листопадни, а 28,65% се зимзелени.
  • 5 најмногу оштетени видови дрвја во Скопје се: индиски јоргован, дива маслинка, врба, топола и каталпа.
  • 5 дрвја кои се препорачуваат да се садат во урбаните средини, поради нивната отпорност и еколошките карактеристики, се липа, јасен, платан, јавор и бор;
  • Оние пак кои во градски услови ги намалуваат ефектите на климатските промени, бидејќи врзуваат најмногу јаглерод во стеблото и го отстрануваат јаглеродниот диоксид од воздухот, се јасен, каталпа, јавор, гледич и багрем.
  • Ослободениот кислород од дрвјата кои се во моментот во Скопје изнесува 17,852M kg, што е еквивалент на тежината на Големата пирамида во Египет. Но, секогаш може повеќе!

2. Ерозии

Во моето животно петвековие, сум посведочил многу ерозии на земјиштето и поројни поплави во Скопје и скопско.

Првите пошумувања, како мерки за контрола на ерозијата, беа спроведени на почетокот на XX век, но имаше и многу несоодветни активности од страна на човекот.

Срце ме болеше кога, во средината на минатиот век, луѓето се однесуваа несовесно со планината Водно. Верувам некои од вас се сеќаваат на тоа! Ех, од интензивното сечење на дрвјата, орањето и напасувањето на животни, Водно беше сосема оголено. И како резултат на тоа, во месец јули, далечната 1951 година, се случија катастрофални поплави од поројните води од Водно! Поплавите предизвикаа ужасни загуби, материјални и еколошки, а дури беше загубен и еден човечки живот.

Огромна количина на ерозивни наноси беше исталожена на подножјето на Водно, а и во самиот град. Граѓаните сфатија каде погрешија, па веднаш преземаа низа активности за пошумување на Водно. Поради овие активности, Водно е онакво како што го знаеме денес — парк-шума.

Но, Водно не е безбедно ни денеска, а загрозени се и многу други подрачја во околината на Скопје.

3. Поплави

Морам да ви кажам понекој збор и за поплавите во Скопје. Јас сум видел многу, а некои од нив беа навистина страшни. Во податоците кои ги има градот, од почетокот на хидролошкиот мониторинг во 1923 година, се забележани пет големи поплави: декември 1935, декември 1937, ноември 1962, ноември 1979 година и август 2016. Овие поплави предизвикаа големи економски и еколошки загуби.

Скопје се поплавува од повеќе извори: од реката Вардар, од атмосферските води (канализациски поплави), од поројните водотеци од планината Водно, од покаченото ниво на подземните води и како резултат на прелевање на браните Матка, Света Петка и Козјак.

Да ве предупредам! Во последните години, поројни поплави се јавуваат почесто и стануваат сè подеструктивни. Паметам, порано ваквите поплави се повторуваа еднаш во 100 години, а сега зачестија, па се појавуваат еднаш на 50 години, па дури и почесто!

Има повеќе причини за ваквите зачестени поплави, но од нив клучни се следниве:

  • несоодветна експлоатација и управување со шумите и намалување на шумската вегетација
  • неодржливи земјоделски практики и несоодветно управување со земјоделското земјиште;
  • неконтролирана урбанизација.

4. Скопје се загрева

Да ви кажам и уште нешто… многу тешко ми паѓа кога ќе видам дека многу граѓани се греат на дрва! Со тоа, не само што придонесуваат за неконтролирано сечење на моите роднини и пријатели, туку и директно придонесуваат за загадување на воздухот!

Белите дробови на градот сме ние, дрвјата! Ако не нема нас, она што страда се вашите бели дробови!

Затоа, ви предлагам да се информирате повеќе за тоа како Скопје се загрева и од што потекнува загадувањето, а и да придонесете и самите за неговото намалување.

5. Жешки точки / Жешки острови

И уште нешто… Дали знаете дека во нашиот град има таканаречени жешки точки, односно топли острови, каде што е особено тешко да се живее лете? И тие се жешки точки токму затоа што таму има најмалку дрвја!

Доколку сакате да го смените местото на живеење, би било добро да ги знаете овие точки и да знаете како да ги избегнете? Јас можам да ви ги откријам сите! Што друго би можел да направи најстариот зелен жител на градот, освен да помогне?

Некои од вас верувам се прашуваат како би можеле да се елиминираат жешките точки во градот? Со садење нов дрвја, секако! Би требало да се направи акција за засадување на нови дрвја на сите места кои се голи или се засадени со грмушки и неквалитетни дрвја. Исто така, треба да се засадат дрвја на просторот покрај улиците.

Сликата е превземена од Google Maps

 

Преземено од УНДП МК – Приказните на најстарото дрво во Скопје.