Повик за учество на конкурс за избор на 4 дизајни за енергетска ефикасност

ЦЕЛ И ЗАДАЧИ НА КОНКУРСОТ

Свесни за потребата за постигнување на поголема енергетска ефикасност со цел намалување на потрошувачката на енергија, зголемување на квалитетот на живот и намалување на загадувaњето, Скопје Лаб објавува конкурс за дизајн на постер и беџ кои ќе ги користи Градот Скопје во промотивната кампања за енергетска ефикасност насловена “Промената започнува со тебе”.

Истовремено, целта е преку овој конкурс да се овозможи идентификација, промоција и вклучување на креативниот дизајнерски потенцијал со цел истиот да даде свој директен придонес во креирањето на оригинални дизајни кои поттикнуваат акција за позитивни промени во областа на енергетската ефикасност;

Приклучи се со твојот дизајн во кампањата “Промената започнува со тебе” и поттикни промена во твојот град! 

Најкретивните дизајни ќе бидат наградени со:

  • Беџ – 1ва награда – 80 USD
  • Беџ – 2ра награда – 50 USD
  • Постер – 1ва награда – 140 USD
  • Постер – 2ра награда – 120 USD

*сумите се во бруто износ

 

ДЕТАЛИ ОКОЛУ КОНКУРСОТ

 

Кој може да учествува?

  • Конкурсот е отворен за сите без разлика на возраст, професија и занимање.

 

БАРАЊА КОИ СЕ ОДНЕСУВААТ НА ДИЗАЈНОТ

Конкурсното решение треба да е оригинално и направено ексклузивно само за пријавување на Конкурсот.

Пријавата може да биде за:

  • Дизајн за постер
  • Дизајн за беџ
  • Дизајн за постер и за беџ

 

СОДРЖИНА НА КОНКУРСНИТЕ ТРУДОВИ

 

Конкурсниот труд треба да содржи:

  • Дизајн на решението
  • Текстуален опис на дизајнот (се наведува во апликациска форма – најмалку 150 зборови, со опис на концептот на предложениот дизајн, опис на идејата и инспирацијата и опис на главните елементи на решението, иновативни алатки и техники користени за дизајнот).

 

Информации за содржина на дизајн за ПОСТЕР

  • Целна група: Поширока јавност
  • Цели кои сакаме да ги постигнеме со постерот:
    • Поттикнување на акција за ЕЕ како корисничка/потрошувачка навика која се одразува на секојдневниот живот на граѓаните и влијае на сеопфатниот квалитет на живот како дел од урбаната средина
    • Промовирање на мерките на Град Скопје кои поттикнуват акција за подобрување на енергетска ефикасност (пр. Субвенции за инвертер клими, субвенции за велосипеди, електрични тротинети итн.)
    • Промовирање на Инфо центарот за Енергетска Ефикасност на Град Скопје како главна контакт точка за енергетска ефикасност во градот
  • Дизајнот може да упатува на еден од начините како да се постигне подобра енергетска ефикасност во домот, но може да биде и општ, креативен со елементи кои јасно укажуваат на најмалку две од горе дефинираните цели

*Дополнителни информации околу мерките на градот или квантитативни податоци околу субвенциите можат да бидат доставени по барање (пр. Број на дадени субвенции по мерка, достапен и искористен буџет за субвенционирање и сл.).

 

Контакт инфо за Инфо Центарот за Енергетска ефикасност

адреса: бул.Илинден бр.82 (барака бр.5 – пријавница)

телефон: 02 3207-531

работно време: 9.00 – 16.30 часот

https://skopje.gov.mk/

 

Информации за содржина на дизајн за БЕЏ

  • Целна група: Млади на возраст од 14 до 24 години
  • Цели кои сакаме да се постигнат со дизајнот на беџот:
    • Поттикнување на движење за енергетска ефикасност и оддржлив развој кај младите
    • Промоција на заеднички вредности кои ги поврзуваат младите и со тоа поттикнуваат енергетска акција кај заедницата
    • Поттикнување на акција/размислување за ЕЕ како корисничка/потрошувачка навика која се одразува на секојдневниот живот на граѓаните и влијае на сеопфатниот квалитет на живот како дел од урбаната средина
    • Поттикнување на енергетска едукација за намалување на енергетска побарувачка во образовните институции.

 

КОНКУРСНИ УСЛОВИ

 

  • Изработениот дизајн е потребно да се испрати во .jpg .png или .pdf формат со димензии:
    • Постер – подготвен за печатење во димензии А2
    • Беџ – подготвен за печатење во димензии 58mm
  • Изработениот постер задолжително треба да ги содржи логоата на Град Скопје, Скопје Лаб, Инфо центарот за Енергетска ефикасност на Град Скопје и УДНП (достапни за преземање на овој линк)

Напомена: При испраќање на Вашите апликации за учество во конкурсот, земете предвид дека:

  • Испратените датотеки кои не се во соодветниот формат нема да бидат разгледувани,
  • Сите пораки и прикачени датотеки испратени по рокот (26ти август) нема да бидат земени предвид,
  • Дизајните ќе бидат јавно објавени
  • За победничките дијзани ќе биде побаран и работен формат,
  • Победничките дизајни остануваат во сопственост на Град Скопје

 

Рок за поднесување на дизајните

Краен рок за поднесување на апликациите е 26ти август 2020, 18:00 преку пополнување на оваа форма: https://bit.ly/3ft8REY

Сите прашања се испраќаат во писмена форма по електронски пат на e-mail адресата: [email protected].

Конкурсната комисија ќе ја заврши работата и ќе ги објави резултатите од конкурсот најдоцна во рок од десет (10) дена од денот на затворање на апликациската форма.

Резултатите ќе бидат објавени на официјалната веб-страница и на профилите на социјалните мрежи на Град Скопје и Скопје Лаб. Од наградените и пристигнатите трудови ќе се организира онлајн изложба за презентација пред пошироката јавност.

 

КОМИСИЈА ЗА ОЦЕНУВАЊЕ НА КОНКУРСОТ

Состав на Жири комисијата

Оценувањето на трудовите ќе го врши Жири комисија во чиј состав ќе учествуваат

  • 2 претставници од Инфо Центарот за Енергетска ефикасност на Град Скопје
  • 1 претставник од друга локална самоуправа од сектор/одделение за енергетска ефикасност
  • 1 претставник на Скопје Лаб
  • 1 претставник од извршен одбор на СКЕЕОР (ФЕИТ)

 

Работа на Жири комисијата

  • Резултатите од оценувањето ќе бидат објавени на веб-страниците и на профилите на социјалните мрежи на Скопје Лаб и Град Скопје
  • Авторите на наградените дизајни, како и останатите учесници ќе бидат писмено известени за резултатите од работата на Жири комисијата.
  • Доколку квалитетот на пристигнатите дизајни е задоволувачки, комисијата ќе донесе одлука за доделување на четири наградени дизајни и со авторите ќе се потпише договор за дело, за пренос на авторските права.
  • Доколку Комисијата одлучи дека пристигнатите предлози не ги задоволуваат критериумите од овој Конкурс, таа го задржува правото да избере помалку од четири дизајни или да не избере ниту едно решение и да го повтори Конкурсот.
  • Членовите на Жири комисијатата немаат право на учество на конкурсот

 

КРИТЕРИУМИ ЗА ОЦЕНКА НА ДИЗАЈНИТЕ

Критериумите за оценка на дизаните може да ги најдете на следниот линк.

Презентирани е-платформата за отворени податоци и алатката за комуникација помеѓу инспекторите од Инспекторатот на Град Скопје

Како дел од проектот „Алатки за подобрен инспекциски надзор на локално ниво“ денеска се одржа јавна дебата под насловот “Инспекторите под лупа на граѓаните” каде присуствуваа претставници од Зелен Институт, Министерството за животна средина и просторно планирање, Градскиот инпсекторат на Град Скопје и координаторот на Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб, Софија Богева. 

По изложување на резулатите од анкетите со граѓаните во повеќе градови во земјата од страна на вклучените, раководителот на Градскиот испекторат, Мирослав Богдановски и координаторката на Скопје Лаб, Софија Богева ја претставија Е-Платформата на Градот Скопје за потранспарентен инспекциски надзор.

Оваа алатка овозможува пријавување и следење на инспекциските надзори од страна на граѓаните и подразбира паралелна имплементација на апликација за дигитално пријавување на неправилности и потенцијални прекршоци како и платформа за отворени податоци каде секој граѓанин ќе може да пристапи јавни податоци поврзани со работата на испекторатот на нивната општина.

Модератотот Лилјана Поповска истакна дека “Новата е-Платформа е иновативен и револуционерен начин на обезбедување на транспарентност во работата на Испекторатот на Град Скопје, со потенцијал за импламентација и во другите градови.”

Целта на е-Платформата е да овозможи едноставни чекори преку кои граѓаните ќе можат да пријават проблем, но и да овозможи секој граѓанин да има увид во работата на испекторите и самиот испекторат. Потенцијалот на оваа платформа е огромен и може да послужи како модел и за другите градови.

Алатката служи како канал за комуникација не само помеѓу граѓаните и испекторатот, туку со имплементација на интерните функционалности, таа служи за комуникација и помеѓу вработените во секторите и одделенијата и е моќна алатка во мапирањето на предизвиците на вработените и унапредување на ефикасноста и функционалноста.

Платформата за отворени податоци ја носи можноста за анализа на податоците вклучувајќи ги видот на прекршоците, глобата, налогот, специфичниот член на кој се повикува и останати информации, сето тоа со цел се овозможат подобрувања на ефикасноста и квалитетот на функционирањето на испекторатот и поединечните одделенија.

На самиот крај од презентацијата, Софија Богева заклучи: “Потенцијалот на овие алатки е огромен, со нивното имплементирање целиме да започнеме со прибирање на информации за подобрување и нивно усовршување, прилагодување на потребите на корисниците и совладување на предизвиците со кои се соочуваат.” 

Taa додаде: “Мислам дека е многу важно да има посветеност на целокупното лидерство доколку сакаме да воведеме позитивни промени. Сметам дека со имплементацијата на дигиталните алатки во користит на граѓаните ќе иницираме и промени во законодавството за начините на пријавување на прекршоците и целокупната комуникација помеѓу граѓаните и институциите.”.

Потенцијалот на овие алатки е голем и со нивното имплементирање и тестирање ќе успееме подобро да се прилагодиме на потребите на корисниците и совладување на предизвиците со кои тие се соочуваат.

На настанот свои излагања дадоа Наташа Амдију, претседателка на Зелен институт, Ана Петровска, државна секретарка во Министерството за животна средина и просторно планирање, Христина Оџаклиеска, планер со посебни овластувања за заштита на животната средина во Агенцијата за просторно планирање, Мирослав Богдановски, раководител на Градскиот инспекторат во Скопје, Софија Богева, координатор на  СкопјеЛаб – Центар за иновации на Град Скопје.

Платформата за Отворени податоци на Инспекторат на Град Скопје можете да ја погледнете ТУКА.

Повеќе за е-платформата за отворени податоци ТУКА и за алатката за комуникација помеѓу инспекторите од Инспекторатот на Град Скопје ТУКА.

Четири нови скверови во Скопје

Во рамките на големиот проект за ревитализација и редизајн на зелени јавни површини во градот, наредниов период во Скопје ќе започне изведбата на 4 нови модерни зелени површини – скверови.

Проектот за ревитализација и редизајн на зелени јавни површини во градот се реализира изминативе 2 години од Градот Скопје и Центарот за иновации на град Скопје (Скопје Лаб). Главна цел на проектот е ревитализација на запуштени јавни површини преку изградба на нови модерни површини (скверови), кои ќе обезбедат поквалитетен простор за релаксација, одмор и дружење на граѓаните. Новите скверови ќе бидат со модерен дизајн, а истите ќе бидат исполнети со многу зеленило и модерна урбана опрема.

Во рамки на овој проект беше спроведено големо истражување – анкета на која граѓаните предлагаа локации кои би биле предмет на целосен редизајн и обнова. Како резултат на овие истражувања, а по предлог на граѓаните, Градот Скопје во наредниот период ќе изгради 4 нови модерни јавни површини – скверови на следните локации:

 

 

  1. Помеѓу бул. Илинден и ул. Никола Тесла во Карпош, на површина од 1470 квадратни метри.

 

  1. Пред и зад амбуланта „Млин Балкан“ во Центар, на површина од 585 квадратни метри.

 

  1. Помеѓу бул. Јане Сандански и улицата 23 Октомври (поранешна Владимир Комаров), пред Рамстор и Стопанска банка во Аеродром, на површина од 2.000 квадратни метри.

 

  1. На бул. Јане Сандански пред слаткарницата „Палма“ во Аеродром, на површина од 1.068 квадратни метри.

 

Ревитализацијата на старите и запуштени јавните површини ќе продолжи и во наредниот период на повеќе локации низ Скопје.

Сите изработени решенија во склоп на иницијативата #РедизајнСкопје можете да ги погледнете на нашата нова веб-страница.

Прогласени победничките решенија за #ВелоПаркинг

На финалната презентација на решенијата за прототип велосипедски паркинг, која се одржа на 18.05.2020, беа одбрани три решенија кои освоија награди во вредност од 700, 500 и 300 евра.

Решението „Велоштад“ на младите Михајло Стојановски и Теа Дамјановска е победник на повикот за прототип на вело паркинг, и нивното решение ќе се постави на локација во склоп на Транспортниот центар.

 

Прво место – Тим 7

Предложена локација: делот кон улиците Владимир Комаров и булеварот Кузман Јосифовски Питу, непосредно до влезот и паркингот за Автобуската станица.

Решението нуди сценарија на користење и можности за надоградување во различни програмски пакети како продолжување и дополнување на јавните површини на Транспортниот центар. Се одликува со висока естетика и креативност. Постоечкиот партер е внимателно документиран и попишани се сите типови и нивоа на оштетувања. Санацијата која е понудена е со идеја на преодно решение кое ги заменува само оштетените елементи и во целост е вклопено на дизајнот.

Понудени се четири програмски пакети кои претставуваат надградување и дополнување на еден основен модул – паркинг за велосипеди со простор за седење. За разлика од другите решенија тимот 7 нуди и ја надополнува основната програма во контекст на потребите на велосипедистите со дел за сервис за велосипеди, кабини за промена на гардерба како и кутии за подолготрајно чување на велосипедите што нуди и можност за проширување на портфолиото на услуги на меѓуградската автобуска и/или железничката станица. Решението нуди креативно, а едноставно обликување на типски/достапни материјали и елементи од дрво и челични профили. Надградливоста на решението со нови елементи е прикажано и во можноста за организирање на летно кино. Во поглед на партерот нуди особено креативен и несекојдневен пристап кој превзема делумно санирање, воведување на нови материјали со надоврзување на постоечката матријализација. Решението дефинира и простор за надградување на постоечкото зеленило и мапирање на простор за ново со цел поактивно искористување на постоечкото зеленило 

Уникатност на идејата: едноставност за изведба и надоградба на тековна структира, одлична функционалност во поглед на заклучување на велосипеди, спојување со постоечки рути и насочување, хуманистички пристап кон заштита од кражби.

Елементи што ги нуди: простор за основен сервис на велосипедот, гардероби за брза промена на облеката, кабини за долговремено стационирање на велосипеди и урбана опрема, простор за социјализација и одмор.

Како страсни возачи на велосипед, знаеме што е она што им треба и што сакаат велосипедистите и тоа знаење некако го преточивме во идеја. Целиот процес на создавање беше интересен и возбудлив“, изјави Михајло Стојановски по прогласувањето за најкреативно решение. Со „Велоштад“ ќе се овозможат 12 држачи за 24 велосипеди, како и шест кабини за заклучување на велосипеди за подолг временски период.

Креаторите на „Велоштад“ се наградени со ваучер од 700 евра и нивното решение ќе помине во фаза на изведба. Вкупниот буџет предвиден за реализација на првонаграденото решение е 11.500 евра, со дополнителна поддршка од 3.000 евра кои се обезбедени за реализација и уредување на локацијата каде ќе биде поставен велосипедскиот паркинг – модул.

Низ релативно едноставен процес на ревитализација со лесно преземливи чекори, овој простор станува мешавина на возобновени стари вредности и квалитативни новитети. Од обична минувачка точка, избраната локација станува градски велосипедски акцент!

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Второ место – Тим 5

Второто место го освоија Тамара Џерков и Анастасија Ристеска кои со нивното решение понудија поиновативен пристап на вело паркинг, односно држачи за велосипеди со соларни панели и место за одмор.

Предложена локација: делот кон улиците Владимир Комаров и булеварот Кузман Јосифовски Питу, непосредно до влезот и паркингот за Автобуската станица

Функционалност, капацитет, можноста за изведба се одлика на овој елемент. Во дизајнот на елементот за врзување на велосипедот е очигледна намерата да се понуди стабилност како и можност за заклучување на делот од работ на велосипедот, меѓутоа широчината на бетонскиот елемент го отежнува пристапот до рамката.

Решението нуди различен пристап во контекст на дизајн на партер односно монолитен програмски пакет кој се повторува пет пати на локацијата со што се задоволува минималниот капацитет од 15 велосипеди. Монолитната изведба и применетиот материјал нуди можност на решавање на неколку различни програмски потреби преку еден динамичен профил, како и негово надградување и дополнување со потребни елементи како рекламни паноа, фотоволтаични панели, зеленило и слично. Изгледот на основниот елемент преку својата материјалност комуницира со дизајнот на Транспортен центар, а воедно нуди дополнителни функционалности особено во делот на одржливост како што е погоре наброено. Со оглед дека елементот ги покрива велосипедите претставува потенцијал за зголемување на просторот за седење во делот од тремот на Транспортниот центар, што всушност го разликува од другите решенија. 

Уникатност на идејата: одржливо решение, во склад со архитектура на транспортен центар, со целосно различен пристап во трансформација на просторот.

Елементи што ги нуди: обновливи извори на енергија, зеленило во форма на жардињера, простор за поставување реклами, можност велосипедот за се заклучува на повеќе места, заштита од временски услови, простор за социјализација и одмор.

Со овие панели се поврзани кабли кои завршуваат со USB приклучок и излегуваат на задната страна, над клупата на бетонскиот елемент, при што ќе можат да бидат искористени како полначи за телефон. Исто така на горната површина од бетононскиот елемент се појавува вдлабнатина во која ќе биде поставена жардињера во која ќе има посадено сезонско цвеќе и ќе му даде живост на просторот.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Трето место – Тим 10

Третата награда ја освои тимот Владимир Ристовски и Елена Пазарџиевска Ристовска со нивниот дизајн за вело паркинг.

Предложена локација: делот кон улиците Владимир Комаров и булеварот Кузман Јосифовски Питу, непосредно до влезот и паркингот за Автобуската станица.

Решението на тим 10 нуди монолитен држач на велосипеди со материјализација од импрегниран бетон. Применетитот композитен материјал се одликува со иновативност и се разликува од вообичаено применетите материјали за изработка на урбана опрема што го прави уникатен и го одвојува од останатите решенија. Типот на држач и начинот на негова изработка нуди можност за негова мултипликација и примена на различни локации низ градот и неговите општини како типски елемент кој ќе стане карактеристичен за Град Скопје. А типот на изведба со челичен калап ја нуди можноста за негово неограничено производство.

Во поглед на партерното уредување пристапено е со особена чувствителност кон контекстот и архитектурата на Транспортниот центар. Со препознавање на недостатоците, оштетувањата и препреките. Како целина е понудено решение кое ги понуштува гореспоменатите недостатоци и лошиот впечаток на постоечката локација. Воедно понуденото партерно уредување предвидува надоврзување на квалитетите на просторот со продолжување на постоечката материјализација, воведување на партерни/ подни светилки и полирани плочи како сигнализација, елементи за седење. Сите применети елементи во рамки на целината се доследни едни на други. Постоечкото ниско и неуредено зеленило се заменува со високи садници кои нудат бариера кон паркингот за автомобили. Држачот за велосипеди нуди заклучување на најголем број и типови на постоечки заклучувачи. 

Уникатност на идејата: иновативност во употреба на композитен материјал, во склад со архитектура на транспортен центар, со целосно различен пристап во трансформација на просторот.

Елементи што ги нуди: сензибилитет, нови материјали, бетонски клупи, цветни садници (јапонска цреша), естетска вредност, уникатен држач/модул.

Дизајнот на самата пјацета е направен преку надоврзување на постоечката естетика. Како подлога за дизајнот се користат постоечките елементи – подови и плафон-упи, држачи за велосипеди, светилки, корпи за отпадоци и зеленило. Имено, проектот предвидува задржување на постојниот мермерен под (со претходна замена на оштетените плочи, отстранување на дамките и брусење на целата површина како заштита од лизгање).

Во новиот и во постоечкиот под се вметнуваат траголни парчиња од полиран мермер кој прави рефлексија при сонце или дожд. Дел од триаголните парчиња се употребени и како подни светла. Во истата таа мрежа од плочки се вметнуваат бетонски клупи. Во зоната кон паркингот се засадени и неколку дрва од типот на јапонска цреша (Prunus serrulata) кои сосема би го смениле изгледот на пјацетата во периодот на цветање. Дрвјата се соодветни за нашето поднебје, а се симболичко поврзани со потеклото на објектот.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Целосниот пренос од презентациите можете да го погледнете тука

Сите решенија кои учествуваа во повикот ќе ги најдете тука.

Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia) преку компонентата за спроведување на активна мерка за развој на велосипедската инфраструктура, проектот Градови на иднината на Југо-источна Европа кој го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации, организација која истовремено го води Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб, и Град Скопје.

Преглед на добиените решенија за прототип #ВелоПаркинг

На 17.03, Скопје Лаб објави повик за учество во процесот на дизајнирање прототип велосипедски паркинг. Од вкупно 22 пријавени, беа одбрани 11 тимови-учесници меѓу кои архитекти, дизајнери, режисери и креативци, избрани согласно вештините и знаења кои ги поседуваат врз основа на јавен повик за учесници.

Последните два месеци тимовите-учесници напорно работе на развој на нивните решенија за прототип велосипедски паркинг.

Во овој напис ви ги споделуваме финалните решенија креирани од страна на 11те тимови.

Целосниот пренос од нивните презентации можете да го проследите тука од 13:30 до 17:15 часот.

 

Тим 1

Андреј Јаневски, Биљал Дурмишовски, Јулијана Бабиќ

Концептуално паркингот е предвиден како една целина којашто може да се мултиплицира по потреба. Лесна за монтажа и демонтажа, што значи дека лесно може да се преместува на различни локации. Едниот дел од паркингот е предвидено доколку има можност на локацијата да биде засаден со растенија коишто ползат и ќе формираат „зелен“ ѕид. Осветлувањето е предвидено да бидат со светилки коипшто се напојуваат со сончева енергија. Проектираниот модул за вело паркингот овозможува за одлагање на различни видови велосипеди. Во состав на велосипедските паркинзисе предвидува и вело-сервисна станица, а доколку локацијата има можност, поволно е да се постави и чешма со временска педала.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 2

Ева Василеска, Николина Искова Чатлеска

Пристапот на обликување кој е применет во проектното решение го следи принципот на превертени “U” држачи кои се советувани од правилникот за проектирање Architect’s data-Neufert, овие држачи се едни од најлесните за употреба кои истовремено нудат најоптимално искористување на просторот. Нивната комбинација со класичните држачи за велосипеди обезбедува оптимална искористеност на просторот за паркирање. Дизајнот е јасен, еднозначен и лесен за користење за сите возрасти. Комфорната дистанца меѓу држачите го прави применлив и за планински велосипеди, велосипеди со кошница, со корпа за деца и други видови на велосипеди. Двете локации кои се избрани за паркинг простор ја тангираат велосипедската патека што ги прави лесно достапни и применливи. Се наоѓаат во непосредна близина на влезовите во автобуската и железничката станица заради што нудат и дополнителни содржини како што се клупи за седење, корпи за отпадоци и зеленило. Приспособливиот дизајн овозможува адаптација на содржините кои се потребни на локацијата и различна урбана поставеност во зависност од условите.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 3

Глорија Ефремова, Михаела Такова

Кога се наоѓаме во транспортен центар и кога ја гледаме неговата конструкција, дури и кога гледаме слики од него добиваме
илузија дека се наоѓаме во 60тите. Во тоа време касетите беа едни од најпопуларните производи, кај помладите и кај постарите генерации. Може да се каже дека и ние додека растевме сеуште се користеа касетите за слушање музика и зачувување на скапоцени сеќавања. Поради тие причини, сакаме да им овозможиме на сите граѓани подлабоко да патуваат низ времето, да ги разбудат сеќаваањата на тие години и да се согледа развитокот на технологијата низ годините. Кога станува збор за безбедноста на корисниците, паркингот го направивме така што секој велосипед се поставува посебно до еден држач или во една маска. Избравме просторот да биде отворен и секој држач посебно поставен за да се избегнува близок контакт со велосипедите за хигиенски причини. Школката е изработена така што ќе го заштитува велосипедот од надворешни влијанија особено на седиштето и на ланците кои што според истражување направено од корисници на велосипеди, е најчесто оштетено од вода и останати климатски влијанија.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 4

Димитар Стефановски, Ана Јанкуловска, Теодора Василева,  Љубица Ефтимова, Ивана Илиеска

Паркингот за велосипеди и пјацетата се наоѓаат до објектот на Транспортен центар во Скопје, по должина на бул. Кузман Јосифоски – Питу. Акцентот во целиот проект е ставен на велосипедските постојки кои се дисперзирани на три места и притоа овозможуваат паркирање на вкупно 17 велосипеди. Во постојките се интегрирани и клупи за седење. Исто така превидено е и засадување на зеленило непосредно до вело – паркингот кој е поставен по должината на улицата. По должината на објектот од Транспортниот центар водат линии кои служат како патокази (насоките на движење се означени на ѕидот од објектот). На аголот од локацијата е поставен сервис за велосипеди. Пјацетата го следи поставувањето на велосипедските постојки. Нема физички линии кои ја ограничуваат. Обележана е со боење на полукругови и линии во партерот, кои пак водат кон патоказите. Решението се состои од концепт-линија повикувајќи се на железничката станица како линиски потег во градот. Линија која претставува правец, насока, движење, поврзување. Се протега во два правци, под сонце и под сенка. Закривувањето и висините на модулите се добиени според димензиите потребни за паркирање на повеќе видови велосипеди. Освен главната функција, станционирање на велосипеди, таа содржи и место за седење, потпирање. Линискиот концепт на велопаркингот ја дооформува вело пјацетата во однос на движење, безбедност,атмосфера и ориентрација во околината.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 5

Тамара Џерков, Анастасија Ристеска

На долниот дел од двете страни на држачот има испуштени делови нанадвор за 200мм кои се прицврстуваат за арматурата од интервенцијата, врз што се лие бетонот, па така се осигурани држачите без дополнителни материјали како шрафови. На горната страна од бетонскиот елемент се поставени по два соларни панели кои се со димензии 356/301/28 мм и се со моќност од: 10 WP, краток спој струја: 610 mA, напон без оптоварување: 21,6 V, номинален напон: 17,6 V, номинална струја: 570 mA. Овие модули се особено погодни за полнење батерии во мали изливни системи. Цврстата рамка на модулот направена од елоскиран алуминиум нуди механичка стабилност, гарантирајќи цврста инсталација на модулот. Со овие панели се поврзани кабли кои завршуваат со USB приклучок и излегуваат на задната страна, над клупата на бетонскиот елемент, при што ќе можат да бидат искористени како полначи за телефон. Исто така на горната површина од бетононскиот елемент се појавува вдлабнатина во која ќе биде поставена жардињера со димензии 100/30/20см во која ќе има посадено сезонско цвеќе и ќе му даде живост на просторот.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 6

Ана Георгиева, Бојана Палифровска, Бојана Николовска

Интервенцијата на локацијата се состои од промена на подот, активирање на фасадната површина и додавање на урбана опрема. Подот и фасадната површина се третираат во иста боја со цел да се постигне визуелно ограничување на новиот урбан простор. Промената на постоечките подни плочки со нов под е неопходна поради видната оштетеност на затекнатите плочки, како и поради пренамената на постојното “ниско зеленило”. Во однос на подната површина посавуваме и тактилна патека за лица со попреченост, која всушност се поврзува со постоечката тактилна патека покрај улицата и води до влезот на автобуската станица. Фасадата е искористена како репрезентативна површина, која се третира со префарбување во боја и закачување на држачи за фотографии. Замислата е оваа фасада да се однесува како една од галериите на град Скопје, односно отворена галерија со повремени изложби, а самиот простор да стане дел од манифестацитие низ градот како Бела ноќ, Skopje Light Art District, Street Festival и слично. Воедно ќе претставува и уметничко добредојде за сите патници кои пристигнуваат во Скопје на станицата. Со ова дополнително би се зголемила фрекфентноста на локацијата, со тоа и безбедноста, претставувајќи социјален момент на одржливости.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 7

Михајло Стојановски, Теа Дамјановска

Принципот при создавање на овој простор предвиден за стационирање на велосипеди започнува со хумана идеја за решавање на тој проблем. Генерално гледано, кражбите на велосипеди се честа појава во Скопје и тие се случуваат на јавни места обезбедени со камери и кафези, па се до приватни домови и станови. Токму поради тоа, при размислување за заштита на велосипедите, таа улога во ова решение падна на најголемите „градски“ чувари, уличните печаци. Проектот „Велоштад“ ја надминува ја надминува основната идеја за едноставно според транспортниот центар и инстиот го претвора во нова вело локација во градот. Низ релативно едноставен процес на ревитализација со лесно преземливи чекори, овој простор станува мешавина на возобновени стари вредности и квалитативни новитети. Од обична минувачка точка, избраната локација станува градски велосипедски акцент! Тоа е така затоа што, покрај паркирање, овој нов плоштад нуди простор за основен сервис на велосипедот, гардероби за брза промена на облеката, кабини за долговремено стационирање на велосипеди и урбана опрема која ги повикува локалцитеи дојденците да сакаат да поминат време во овој дел од градот.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 8

Миле Аврамовски

Од истражувањето се заклучи дека дизајните направени за велосипедски паркинг се водени само од функционална гредна точка, но не и емотивна. Затоаовој дизајн цели да допре до луѓето, дизајнот на држачите за велосипедите да можат да се поистоветуваат со карактерот и секојдневните активности на луѓето, да предизвикуваат емоции, сигурност, но и да бидат функционални. Во дизајнот сакав велосипедскиот парк да стане собиралиште каде луѓето би закажувале средби, би правеле спомени, би се забавувале. Според луѓето кои користат велосипеди, издвоив неколку типови на дизајн за држачи: пријателки кои со велосипедите одат во парк, пензионер кој се враќа од пазар, спортисти, заљубен пар кој се шета, деца, забава.
За дизајнот на пјацетата, сакав да го озеленам просторот, изгледот да биде природен, но и да обезбедува заштита на велосипедите и луѓето од снег, сонце, дожд – да се чувствуваат сигурни во паркот ден и ноќ, како и да има простор за седењ, одмор и простор зафрлањена отпадоци.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 9

Димитар Петровски, Ана Пасковска

Одбраната локација претставува празен трем со голем потенцијал за негова пренамена во атрактивна градска површина. Предвидената интервенција ги интерполира модулите за паркинг на велосипеди помеѓу столбовите на тремот со што не се попречува моменталното движење. Покривот на локацијата служи како заштита од природни влијанија врз велосипедите. Во рамки на локацијата е предвидено обновување на постојното зеленило, како и создавање на нов зелен појас и две нови точки за средба и одмор. Вело паркингот нуди паркинг за 24 велосипеди и клупи за седење на 12 лица. Ова хибридно решение ги задоволува потребите паркинг простор, но и за простор за седење и одмор кој во голема мера недостасува во склоп на транспортниот центар. Истовремено ова решение придонесува за зголемување на безбедноста при паркирање на велосипедите поради непосредното присуство на луѓе и предвиденото осветлување. По должината на ѕидот во рамки на локацијата се предвидува насликување на мурал со мотиви на некои од најголемите знаменитости на Скопје. Тој има за цел да ги „пречека“ сите оние кои доаѓаат во градот, но и да стане препознатлив белег меѓу локалното население. Референца за ова дело претставува фреската за „НОБ“ на Борко Лазески која се наоѓала во старата железничка станица. Мотивите со обележја на Град Скопје се превземени од графичките дизајни на Зоран Кардула и Иван Петрушевски.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 10

Владимир Ристовски, Елена Пазарџиевска Ристовска

Дизајнот на самата пјацета е направен преку надоврзување на постоечката естетика. Како подлога за дизајнот се користи постоечката мрежа на конструктивни елементи – подови и плафони во која потоа се вметнуваат останатите урбани елементи – клупи, држачи за велосипеди, светилки, корпи за отпадоци и зеленило. Имено, проектот предвидува задржување на постојниот мермерен под (со претходна замена на оштетените плочи, отстранување на дамките и брусење на целата површина како заштита од лизгање). Со дополнување од истиот материјал на местото на сегашниот земјен појас се проширува контактната зона меѓу паркингот и зградата на Автобуската станица и се овозможува и дополнителен простор за движење и чекање пред објекот. Во новиот и во постоечкиот под се вметнуваат траголни парчиња од полиран мермер кој прави рефлексија при сонце или дожд. Дел од триаголните парчиња се употребени и како подни светла. Во истата таа мрежа од плочки се вметнуваат бетонски клупи во форма на едноставни кубуси. Во зоната кон паркингот се засадени и неколку дрва од типот на јапонска цреша (Prunus serrulata) кои сосема би го смениле изгледот на пјацетата во периодот на цветање. Дрвјата се соодветни за нашето поднебје, а се симболичко поврзани со потеклото на објектот.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 11

Ангел Костески

Изборот на локација – Локација 3 беше базиран на основна на циркулацијата на потенцијални корисници на решението во овој регион, како и поради неискористеноста на просторот помеѓу столбовите. Фактор кој допринесе кон одлуката за оваа локација е електричната мрежа која минува низ овој дел од транспортниот центар. Интегрално за дизајнот е додатната функционалност на овој реквизит како место за почивка на возачите како и на останатите посетители на оваа локација. Материјалите се одбрани поради минималистичкиот изглед како и од експлотационен карактер на овој тип на урбана опрема. Држачот овозможува контакт во повеќе точки со велосипедот и акомодира голем перцентил од безбедносни решенија.

 

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

По извршениот избор на најдоброто решение ќе се помине во втора фаза, односно ќе се отвори повик за изведба. Ги покануваме сите заинтересирани граѓани да ги следат социјалните профили на СкопјеЛаб каде може да се информираат за процесот и остварувањата.

Целосниот пренос од презентацијата можете да ја проследите тука.

 

Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia) преку компонентата за спроведување на активна мерка за развој на велосипедската инфраструктура, проектот Градови на иднината на Југо-источна Европа кој го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации, организација која истовремено го води Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб, и Град Скопје.

Пренос во живо: Презентација на решенија за прототип велосипедски паркинг

Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб ве поканува да ја следите онлајн презентацијата на прототип решенијата за велосипедски паркинг (модул – држач и вело пјацета), од кои најдобриот дизајн ќе биде поставен во склоп на Транспортен центар Скопје.

? 18.05.2020
? 13:30 – 17:15 часот
?Пренос во живо (livestream) на https://youtu.be/JYD-ZrRcQ54!

За иницијативата можете да прочитате повеќе на: https://www.skopjelab.mk/velosipedski-parking/

По спроведениот повик за учество во оваа иницијатива, од вкупно 22 пријавени беа одбрани 11 тимови-учесници меѓу кои архитекти, дизајнери, режисери и креативци, кои по воведната работилница, во текот на месеците април и мај работеа на дизајнирање прототип #ВелоПаркинг.

Приклучи се на преносот во живо, слушни што успеаја да креираат тимовите, и поддржи ги нивните идеи!

Наградени ќе бидат трите најдобри решенија: првонаграденото решение ќе добие 700 евра, второнаграденото 500 евра и третонаграденото 300 евра бруто сума.

Најкреативниот дизајн на велосипедски паркинг ќе се постави на локација во склоп на Транспортниот центар Скопје. Вело паркингот треба да ги поттикне граѓаните поактивно да користат велосипеди, да промовира интермодален транспорт (велосипед, автобус, воз, итн.) а со тоа и да придонесе кон зајакнување на инфраструктурата за алтернативен транспорт. По избор на најдоброто решение ќе се помине во втора фаза, односно ќе се отвори повик за изведба.

Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia) преку компонентата за спроведување на активна мерка за развој на велосипедската инфраструктура, проектот Градови на иднината на Југо-источна Европа кој го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации, организација која истовремено го води Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб, и Град Скопје.

Изработени финални концепти од работилницата за редизајн Скопје 2.0

Втората фаза од иницијативата Редизајн на јавни површини во Скопје Скопје 2.0 усвои односно промовира еден нов иновативен и инклузивен пристап во креирање на концепти кој се води по принцип – ко-дизајнирање со граѓаните  за граѓаните.

Оваа фаза опфати креирање на концепти за уредување на 9 јавни површини кои беа мапирани во соработка со Град Скопје и локалната професионална заедница. 

Погледнете ги финалните концепти од работилницата за редизајн на јавен простор.

Ул. Коле Неделковски

Беким Бајмак, Бобан Трпо

 

Концепт: Мал парк на едниот крај на улицата со воден ѕид кој ќе игра улога на звучна бариера за звуците кои доаѓаат од булеварот „Илинден“. Се садат дрва кои прават сенка на една голема клупа, поставена на средина од паркот. Партерот е калдрма каде во меѓупросторите има зеленило (трева). Од едната страна на улицата се гради објект со приземје со комерцијална програма. 

Атмосфера на новопроектираната состојба: Тивка, пријатна на изглед, мирна со доволно простор и за движење и за седење. Клупата под сенка на дрвата е привлечно место за одмор за случајните менувачи, но и место за социјална интеракција помеѓу жителите на улицата. Фонтаната само дополнително ги поканува минувачите да се задржат во просторот, додека водениот ѕид го прави местото изолирано од секојдневниот сообраќаен градски метеж.

Очекувани резултати: Би се зголемил бројот на посетители на улицата, би се зголемила социјализацијата помеѓу станарите. Би се решил проблемот со паркирањето, односно би се променил односот на граѓаните кон улицата. За нив оваа улица повеќе нема да е место каде ги паркираат колите, туку место каде што можат да се сретнуваат и дружат. Понатаму улицата би станала препознатливо место и за граѓаните кои не живеат таму поради „водениот ѕид“. Тоа би предизвикало препознавање на ново атрактивно градско катче кое поканува и поттикнува комуникација. 

 

ул. 8ми март

Перица Кипријановиќ, Живкица Димитријеска

Концепт: Заради зачувување на постоечките дрва предложено е спојување на двата отвора и изработка на една голема жардињера која ќе ги вклучи и липите, со цел да се ослободат корените и да се овозможи нивно “дишење“. Во продолжение на тоа предвидена е платформа од префабрикувани елементи на која ќе има две клупи со органска форма која дозволува различен тип на седење односно индивидуално или во група. На крајот на оваа жардињера се предвидува и фонтана налик градска чешма која треба да овозможи користење и инклузивност за сите, вклучувајќи и лица со попреченост и миленичиња.

Атмосфера на новопроектираната состојба: Поголема раздвиженост и повеќе функционален заеднички простор што придонесува до подобра маалска заедница.

Очекувани резултати: Поголема социјализација помеѓу жителите и граѓаните, повеќе минувачи, поголема фрекфенција на велосипедисти, пожива улична атмосфера.  Грижата од страна на станарите на таа улица за зеленилото, што придонесува до нивно меѓусебно здружување со заедничка цел – грижа за просторот. На овој начин би се зајакнале соседските врски. Тоа придонесува и до намалена стапка на провали поради зголемената фрекфенција на луѓе. 

 

ул. Крсто Баиќ

Братислав Зарески, Сања Кесеровиќ

Концепт: Предвиденото решение ја замислува улицата како урбано пацио на отворено, со капацитет за социјализација и одморање на жителите, минувачите и нивните миленици. Соживување со атмосферата на ова ново културно катче преку различни елементи и зелени зони со урбана опрема и паркинг за велосипеди, при што се очекува намалување на бројот на паркирани автомобили на улицата. Денивелацијата се совладува со рампа и вградување на велосипедска патека паралелно по должината на едниот пешачки тротоар. Преку жолта боја се поврзува со соседните улици и тоа во вид на инка. Нов свеж амбиент на улицата, решавање на проблемот со паркирањето на автомобилите (истите да бидат паркирани на официјално назначените паркинзи во блиска околина), добива карактеристики на јавно катче за социјализација и одмор.

Очекувани резултати: Локалните жители го одржуваат овој ново-вграден простор (полевање на растенијата, чување на урбаната опрема од несовесните граѓани); одржување на приватни собири помеѓу соседите и мини-манифестации отворени за граѓаните од целиот град. На овој начин се зацврстува социјализацијата помеѓу граѓаните кои живеат тука и останататите граѓани кои минуваат. Јакне локалната малска заедница и се создава идетификација со местото. 

 

ул. Кукушка

Фросина Ангелеска, Јована Величковиќ

Концепт: Интервенцијата предвидува стеснување на влезот од булевар „Илинден” и означување со боја која води кон внатрешноста на улицата. Поставување на зелен ѕид со мал простор за седење, кој го ограничува погледот и поканува да се види што има внатре во улицата. Денивелацијата се совладува со рампа и се овозможува пристап за велосипедисти и лица со попреченост. Преку жолта боја се поврзува со соседните улици, во вид на инка. Во внатрешноста се реорганизира паркингот. Возилата кои паркираат на постојниот паркинг сега заземаат само половина од истиот и паркираат само во почетокот поркај улицата. Останатата половина од паркингот е искористена за детски парк и зеленило со што се оживува просторот. Се предвидуваат повеќе корпи за отпадоци и соодветно осветлување. Конечната цел е зајакнување на маалската заедница и препознатливост на местото 

Челичната конструкција на игралиштето е поделено во еднакви модули, кое може да се изведе на најразличен начин. Покрај поставувањето на детските реквизити за играње, се предвидува и простор за седење на родителите. Со ова решение ќе се обезбеди поголема социјализација, повикување на децата надвор на улица, повеќе минувачи, поголема фрекфенција на велосипеди и жива улична атмосфера. 

 

ул. БЛАГОЈА СТРАЧКОВ

Несим Рочи, Љубица Ефтимова

Концепт: Улицата како урбана соба за социјализирање и одмор за жителите, минувачите и животните преку различни микроклими и урбана опрема, а паркирање во гаражи.

Атмосфера на новопроектираната состојба: Отворено, покриено, слободно, сигурно, мирно, социјализирање, визуелни искуства со различна боја: растеније што менува боја и повеќе микроклими 

Очекувани резултати: Решавање на проблемот со нелегално паркирање и улицата да се користи за социјализација и одмор освен за поминување. Одржување на мали настани и состаноци на отворено со организирано седење на рампата долж широчината на улицата што би му дало нов идентитет на местото – како место за средба. Ваквата содржина би ја зголемила социјалната интеракција на граѓаните и би ја зајакнала маалската заедница.

 

Ул. Коле Неделковски

Маја Вукадиновиќ

Концепт: Кругови во жолта боја ги обележуваат позициите на кои се забележани постоечки активности на улицата, со додавање на урбана опрема создаваме места на кои ќе биде потенцирана веќе постоечката активност. Со светло сива боја се обележани просторите за паркирање на автомобили, ги поставуваме на истите позиции кои во моментот се користат, со таа промена што сега ги регулираме со боја на подлогата. Истите кога не би се користат како паркинг, може да се сметаат како продолжување на прстените кои ги дефинираме со другите бои. 

Атмосфера на новопроектираната состојба: Поголем број на активности кои генерираат фрекфентност. Со бојата предизвикуваме одредени чувства, на пример: жолтата е одбрана како весела боја која поттикнува развој кај луѓето, а посебно кај децата. Се предизвикуваат нови интеракции кои поради недостаткот на јавен простор до сега не биле можни. Очекувани примарни резултати: Со воведување на овие промени се зголемува и безбедноста на улицата. При интеракциите луѓето повеќе се запознаваат со што го враќаме тоа чувство на соседство како социјална структура, а не само физичка поставеност. Секундарни резултати: Улица која припаѓа на луѓето, а не на автомобилите. Зголемување на свеста на луѓето за потребата од човечки содржини кои ќе се наслојуваат и надоврзуваат, наспроти комплетната едноличност и хаотичност на моменталната состојба.

Парк Форум

Димитар Милев, Фросина Ангелеска, Братислав Зарески, Антонија Крајчева и Бојана Митковска

Нашата интервенција се состои од две промени: поделба на една од зелените површини и додавање на метална конструкција со дифузни места за седење.

Првиот дел од нашата интервенција: сакаме да го скршиме бетонот и да ја поделиме првата зелена површина гледано од пасажот кај Котур. Ова го правиме со цел да отвориме патека која ќе го направи просторот попристапен и ќе го обедини истиот. Оваа патека ќе биде поврзана со веќе постоечката патека кај следната зелена површина.
Првичната замисла беше оваа патека да продолжи низ сите зелени површини, со цел да направи полесен пристап од пасажот кај Котур до другиот од улица Македонија. Сепак, оваа идеја ја сведовме на создавање само една поделба кај првата зелена површина, како пробна интервенција која ќе сугерира дека патеката може да се продолжи во иднина.

Вториот дел од нашата интервенција: метална конструкција создадена од модули, која ќе биде поставена на работ од зелената површина. Металната конструкција се состои од 10 модули во два реда, односно 5 доле и 5 горе. Во секој модул ќе има по три метални столчиња на расклопување, кои ќе бидат склопени и закачени. Посетителите на паркот ќе можат да ги земат столчињата и самите да го формираат својот простор за седење. Исто така, низ асфалтот на целиот парк ќе има нацртано “паркинг за столчиња”. Седиштата на овие столчиња ги замисливме како платна за уметност. Дел од столчињата ќе бидат нацртани, со цел да им сугерираме на граѓаните дека и тие можат да го направат истото на останатите. Кога ќе стојат закачени на металната конструкција, столчињата ќе формираат едно импровизирано уметничко дело кое ќе биде интересно за гледање и ќе му даде карактер и живот на просторот.

 

Двор на Студентски дом „Гоце Делчев“

Сандра Николовска, Катерина Пановска, Кристијан Арсовски, Александра Христовска, Томислав Поповски, Ермал Белули

Интервенцијата Urban Snake се состои од три сегменти – обнова на партерот, поставување на дизајнирана урбана опрема и осветлување. Урбаната опрема се состои од четири модуларни коцки, сместени во запците на змиестата бетонска структура, и пет дрвени клупи кои се преклопуваат, но не ја допираат структурата. Секоја од коцките нуди различна програма, па поставени ќе бидат:

  • Коцка за вежбање
  • Коцка за одмор
  • Коцка за лулање
  • Коцка за разговор/читање

Ваквата конфигурација програмски ја збогатува и визуелно ја надополнува геометриската повторливост на змијата. Коцките, се поставени во наизменичен распоред околу бетонскиот постамент и тоа кон паркот и кон зградата на студентскиот дом со цел да се анимира отворениот простор од двете страни. Така, студентите ќе имаат можност на различен начин да го искористат секој дел од просторот. Притоа, растојанието помеѓу секоја од коцките е прикладна се со цел рамномерно анимирање на просорот. Коцките, поставени на бетонски темел, имаат метална конструкција обоена во крем и стојат на челични потпори. Ширината, висината и должината на секоја од коцките се идентични и изнесуваат 2,40 m. Покрај нив, во непосредна близина се поставени дрвените клупи. Тие ги надополнуваат останатите запции постоечкиот бруталистички елемент, притоа давајќи му нов карактер на просторот. Имајќи предвид дека веќе може да се седи на бетонската структура, дрвените клупи ја реинтерпретираат обичната клупа во нов елемент кој ќе даде подинамично сценарио. Дополнително, црвената боја на клупите ќе го разигра и ќе му даде нова енергија на просторот. На клупите ќе може да се седи, лежи или искачува. Сето тоа го дефинира нивниот мултифункционален карактер.

 

Плоштад Балет

Ана Гушева, Андреј Георгиевски, Ангела Трајанова, Асра Хамзаи, Марко Мараш

Новото решение се состои од интервенции кои содржат нови елементи за седење, нови елемнти за поставување на зеленило, нови светлосни елементи и апликација на силни бои со цел да го разбудиме просторот и да му донесеме нов амбиент. Истите тие интервенции би можеле да почнат да се поставуваат откако тој простор ќе биде среден според горенаведените препораки. Првата фаза би била поставување на дрвена платформа oд дрвени летви врз метална подконструкција околу постоечката структура за да се потенцира тој сегмент и да се издвои од површината на плоштадот. Поради тоа што околу скалишното јадро има перманентна бетонска структура со платформи за седење, врз неа додаваме нови дрвени платформи чија димензија варира во зависност на која страна се поставени. Ваквата интервенција повлекува поставување на нов покривен елемент кој ќе ги заштитува дрвените платформи за седење.

Следниот чекор е затварање на скалите кои водат до подземниот паркинг поради тоа што се неупотребливи и моментално служат како дупка за отпад. Со нивното затварање се отвара површина за формирање на мали различни нивоа за седење од дрвени плочи поставени врз метална подконструкција. Земајќи го предвид фактот дека на тој простор му недостасува светлина во текот на вечерните часови, во концептот се интегрираат и светлосни елементи кои всушност ја предизвикуваат таа трансформација на плоштадот. Овие елементи покрај светлосна функција, му даваат нова композиција на просторот и атрактивни визури кон него, гледајќи од пасажите. Исто така ги замислуваме и како елементи за потпирање во идеални ситуации кога нема да има доволно место за седење околу и во новата структура. Последната интервенција која е вклучена во овој проект е вметнување на ново зеленило во рамките на можностите. За таа цел се озеленуваат кружните елементи и се поставува метална тенка мрежа на столбовите за вертикално израснување на вегетацијa која ќе му даде нов амбиент и карактер на просторот.

 

Менторите кои посветено им помагаа на учесниците во текот на работилниците се: Владимир Ѓоргиевски, Сара Симоска, Ирена Милојеска, Никола Ѓорѓиевски, Ива Петрунова, Дамјан Момировски, Лидија Ристовска и Оливер Илиевски.

Целосно развиените концепти ќе ги најдете на линковите подолу:

Повеќе за проектот можете да прочитате тука.

 

Повик за ментори – Редизајн на јавни површини 2.0

СкопјеЛаб – Центарот за иновации на Град Скопје продолжува со иницијативата за редизајн на јавни површини и изработка на нови концепт дизајн проекти за простори кои ќе се служат како водилка за идно уредување на локациите од страна на градот Скопје и општините. За таа цел, објавуваме – Повик за ментори (Urban Changemakers) кои ќе се вклучат во процесот. 

Одговорности на менторите:

  • Учество на иницијален менторски состанок за договарање методологија на работа
  • Фасилитација на еден тим за време на четиридневната работилница за ко-креирање концепти (15,16, 22, 23 февруари) 
  • Поддршка на тимот во спроведување на етнографско истражување – теренска анализа
  • Учество на финална менторска средба
  • Техничка финализација на концептите

Секој ментор ќе биде задолжен да води тим од 6 лица со различна позадина – архитектура, пејсажен дизајн, енергетска ефикасност, програмирање, графички дизајн итн.

Редизајн на локациите ќе се прави долж улицата Илинденска, специфично:

  1. Краевите на слепите улички кои гледаат на Бул. Илинден и тоа: Ул. Благоја Страчков, Ул. Кукушка, Ул. Крсто Баиќ и Ул. 8ми Март, ул. Коле Неделковски, Ул. Пајак, Ул. Коста Веселинов.
  2. Дел од улицата Наум Наумовски Борче кај Bike Market кој ќе се прошири во тротоар и дел од паркингот од спротива кој ќе треба да се озелени.

На следниот линк може да ги погледнете локациите –  https://bit.ly/2S2bQus

Потребно:

  • завршени додипломски студии во областа на архитектура, пејсажен дизајн, електротехнички науки, енергетска ефикасност, иновации, уметност или други слични области. Магистерски студии ќе се сметаат за предност.
  • имате желба и идеи да го подобрите градот
  • имате искуство во водење на група и/или работилница 
  • тимски играч, позитивни сте, спремни за работа во динамичен тим
  • интернационални работни искуства ќе се сметаат за предност
  • основачи или лидери на групи на млади луѓе, организации и сл. ќе се смета за предност

Сите заинтересирани нека испратат CV на [email protected] најдоцна до 05.02.2020.

Избраните кандидати ќе бидат известени најдоцна до 08.02.2020.

За менторите е предвиден соодветен финансиски надомест, врз база на авторски договор. 

Прочитајте повеќе за првата работилница на: https://bit.ly/36wZDDv

 

За СкопјеЛаб — Центар за иновации на Град Скопје

СкопјеЛаб е Центар за иновации на Град Скопје кој работи на изнаоѓање на иновативни начини за решавање на предизвиците и проблемите со кои се соочува Градот. Работи како посредник меѓу граѓаните, академските институции, компаниите, секторите и одделенијата на градот, општините и граѓанските организации со цел ко-креирање на заедничка вредност, брзо прототипирање и/или проверка и селекција на иновативни решенија.  – https://www.skopjelab.mk/

 

 

Одржана работилница за градење на капацитетите на Град Скопје

На 24ти и 25ти декември, Скопје Лаб организираше работилници за градење на капацитетите на локалната самоуправа преку мапирање на постоечките проблеми и изнаоѓање на иновативни пристапи за решавање на актуелни проблеми кои ги третира Град Скопје.

Под менторско водство на Софија Богева, координатор на СкопјеЛаб, тимовите преку еден партиципативен пристап разработија повеќе концепти кои се поврзани со отпадот, загадувањето на воздухот и енергетска ефикасност на објектите.

Одржана обука за вработените од Испекторат на Град Скопје

На 16ти и 17ти октомври, во просториите на Град Скопје, се одржа обука за вработените на Инспекторатот на Град Скопје за користење на нов софтвер за внатрешно работење во секторот.

Алатката Freshdesk има за цел подобрување на ефективноста на јавната администрација во секторот, преку побрза и олеснета комуникација помеѓу вработените. Дополнително, оваа алатка овожможува едноставно доделување на задачи, вклучително и на терен, олеснувајќи го процесот на репортирање во секторот и регулирање на вондредните инспекции кои пристигнуваат телефонски или преку други социјални медиуми.

Алатката ќе ја користат сите одделенија од инспекторат како и одделението на комунални редари.