Работилница со граѓани за проектот “Градови на иднината на ЈИЕ”

На 13ти ноември се одржа трансформативна работилница насловена „Поддржување на процесот на урбана трансформација на Скопје”, во склоп на проектот „Градови на Иднината на Југоисточна Европа“ на Climate KIC, во кој се вклучени Град Скопје и СмартАп, организацијата која го раководи Скопје Лаб.

Работилницата беше отворена од страна на координаторот на проектот Софија Богева, а беше водена од страна на Тим Тејлор, senior cities advisor од Climate KIC и Тена Петровиќ, соработник на проектот од регионалниот тим.

Оваа работилница успеа да обедини и донесе на едно место поединци од различни позадини и сектори, да работат заедно на креирање на заднички планови, идентификување на потребни ресурси, мапирање на постоечки иницијативи кои ќе овозможат да се постави добра основа за трансформација на градот во еден од најдобрите места за живеење, работа и посета до 2030 година.

Ваквите работилници помагаат полесно да се изнајде вистинскиот начин за постигнување на нашата мисија која воедно бара од нашите заедници одново да научат како да работат колективно кон постигнување на потребните заеднички резултати. Потребата нѐ води кон тоа да преминеме над традиционалните политички динамики и односи, кон сеопфатен пристап со нови модели на управување; желба за експериментирање со различни типови на соработка; и градење на различни работни односи и структури во нашите општества. 

Преку проектот ќе се обезбедат ресурси за воспоставување на една нова структура и процес на работење кој ќе го поддржи и води процесот на трансформација на градот, што ќе овозможи и искористување на целосниот капацитет на Градот Скопје и останатите 4 градови вклучени во иститот, за да се дојде до најсоодветни и ефективни решенија кои ќе ја испорачаат големата визија.