Пренос во живо: Презентација на решенија за прототип велосипедски паркинг

Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб ве поканува да ја следите онлајн презентацијата на прототип решенијата за велосипедски паркинг (модул – држач и вело пјацета), од кои најдобриот дизајн ќе биде поставен во склоп на Транспортен центар Скопје.

? 18.05.2020
? 13:30 – 17:15 часот
?Пренос во живо (livestream) на https://youtu.be/JYD-ZrRcQ54!

За иницијативата можете да прочитате повеќе на: https://www.skopjelab.mk/velosipedski-parking/

По спроведениот повик за учество во оваа иницијатива, од вкупно 22 пријавени беа одбрани 11 тимови-учесници меѓу кои архитекти, дизајнери, режисери и креативци, кои по воведната работилница, во текот на месеците април и мај работеа на дизајнирање прототип #ВелоПаркинг.

Приклучи се на преносот во живо, слушни што успеаја да креираат тимовите, и поддржи ги нивните идеи!

Наградени ќе бидат трите најдобри решенија: првонаграденото решение ќе добие 700 евра, второнаграденото 500 евра и третонаграденото 300 евра бруто сума.

Најкреативниот дизајн на велосипедски паркинг ќе се постави на локација во склоп на Транспортниот центар Скопје. Вело паркингот треба да ги поттикне граѓаните поактивно да користат велосипеди, да промовира интермодален транспорт (велосипед, автобус, воз, итн.) а со тоа и да придонесе кон зајакнување на инфраструктурата за алтернативен транспорт. По избор на најдоброто решение ќе се помине во втора фаза, односно ќе се отвори повик за изведба.

Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia) преку компонентата за спроведување на активна мерка за развој на велосипедската инфраструктура, проектот Градови на иднината на Југо-источна Европа кој го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации, организација која истовремено го води Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб, и Град Скопје.