Учество на работилница #ZeroEmissionKrakow во Краков, Полска

Во периодот 19-20 септември, тимот на Скопје Лаб учествуваше на првата работилница oрганизирана во склоп на проектот Градовите на иднината #ZeroEmissionKrakow во Краков, Полска. 

Проектот е амбициозен и експериментален кој е под водство на Climate KIC* а го реализира Pracownia miejska во соработка со Град Краков. Целта е изнаоѓање решенија за климатската криза и трансформација на градот во град со нула емисии на јаглерод преку процес на ко-креирање со заедницата. На работилницата учествуваа претставници на градот, невладини организации кои работат на темата, студенти, претставници од приватен сектор и експерти кои заеднички ќе работат на ко-креирање решенија за Краков во следните 4 години.

Овој предизвик за здрави и чисти градови кој го води Climate KIC покрај Краков како и Скопје вклучува и 13 други градови од Европа, пионери во процесот.

Во текот на дводневната работилницата се споделија примери од проекти и активности што ги водат градовите Скопје и Амстердам а кои треба да служат како инспирација за Град Краков. 

Координаторот на Скопје Лаб, Софија Богева за време на својот говор накратко ги презентираше плановите на Скопје за следниот период кои се планирани во склоп на овој проект, а воедно и зборуваше за досегашните активности и остварувања на Скопје Лаб кои придонесоа, односно го ставија Скопје во листата на градови пионери кои се дел од истиот.

На посетата на Краков покрај координаторот присуствуваа и Софија Басмаџиева Жежељ, претставник од кабинетот на Град Скопје и Николчо Гошев, ИКТ специјалист во Скопје Лаб.

Во прилог ги споделуваме презентациите од амбициозниот план за нула емисии на Амстердам и проектот Градови на иднината на ClimateKic.

*EIT Climate KIC е Европска заедница за знаење и иновации, чија работа е насочена кон остварување на просперитетно, инклузивно, климатски отпорно општество основано на циркуларна економија со нула јаглерод.

Скопје Лаб во поддршка на проектот MatchUp

Скопје Лаб – Центар за иновации на Град Скопје на 04.03 во салата на Советот на Град Скопје присуствуваше на работилницата “Како Скопје да стане енергетски паметен град”, во рамки на проектот MatchUp.

На оваа работилница учесниците дискутираа за иновативни решенија во обезбедувањето на квалитетни услуги, алатки и технологии за граѓаните коишто се неопходни за успешноста на еден паметен град, како и за преземањето на конкретни мерки со цел подобрување на енергетската ефикасност, зголемување на одржливата мобилност и инвестициите во технологијата кои ќе служат како модел за урбана трансформација.

 

MatchUP е проект за паметни градови финансиран од Европската програма за истражување и иновации Хоризонт 2020, кој има за дел да креира и да преземе решенија кои можат да ги претворат урбаните проблеми во паметни можности кои ќе го подобрат квалитетот на живот на граѓаните и ќе ги поттикнат локалните економии.

 

MatchUP ќе дизајнира и имплементира палета на иновативни решенија од областа на енергетиката, мобилноста и ИКТ, кои ќе служат како модел на урбанистички трансформации за други градови во Европа и пошироко.

Скопје Лаб ќе продолжи со поддршка на имплементацијата на овој проект во Град Скопје и се надева дека со својата работа значајно ќе помогне Скопје да стане енергетски паметен град.