Преглед на добиените решенија за прототип #ВелоПаркинг

На 17.03, Скопје Лаб објави повик за учество во процесот на дизајнирање прототип велосипедски паркинг. Од вкупно 22 пријавени, беа одбрани 11 тимови-учесници меѓу кои архитекти, дизајнери, режисери и креативци, избрани согласно вештините и знаења кои ги поседуваат врз основа на јавен повик за учесници.

Последните два месеци тимовите-учесници напорно работе на развој на нивните решенија за прототип велосипедски паркинг.

Во овој напис ви ги споделуваме финалните решенија креирани од страна на 11те тимови.

Целосниот пренос од нивните презентации можете да го проследите тука од 13:30 до 17:15 часот.

 

Тим 1

Андреј Јаневски, Биљал Дурмишовски, Јулијана Бабиќ

Концептуално паркингот е предвиден како една целина којашто може да се мултиплицира по потреба. Лесна за монтажа и демонтажа, што значи дека лесно може да се преместува на различни локации. Едниот дел од паркингот е предвидено доколку има можност на локацијата да биде засаден со растенија коишто ползат и ќе формираат „зелен“ ѕид. Осветлувањето е предвидено да бидат со светилки коипшто се напојуваат со сончева енергија. Проектираниот модул за вело паркингот овозможува за одлагање на различни видови велосипеди. Во состав на велосипедските паркинзисе предвидува и вело-сервисна станица, а доколку локацијата има можност, поволно е да се постави и чешма со временска педала.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 2

Ева Василеска, Николина Искова Чатлеска

Пристапот на обликување кој е применет во проектното решение го следи принципот на превертени “U” држачи кои се советувани од правилникот за проектирање Architect’s data-Neufert, овие држачи се едни од најлесните за употреба кои истовремено нудат најоптимално искористување на просторот. Нивната комбинација со класичните држачи за велосипеди обезбедува оптимална искористеност на просторот за паркирање. Дизајнот е јасен, еднозначен и лесен за користење за сите возрасти. Комфорната дистанца меѓу држачите го прави применлив и за планински велосипеди, велосипеди со кошница, со корпа за деца и други видови на велосипеди. Двете локации кои се избрани за паркинг простор ја тангираат велосипедската патека што ги прави лесно достапни и применливи. Се наоѓаат во непосредна близина на влезовите во автобуската и железничката станица заради што нудат и дополнителни содржини како што се клупи за седење, корпи за отпадоци и зеленило. Приспособливиот дизајн овозможува адаптација на содржините кои се потребни на локацијата и различна урбана поставеност во зависност од условите.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 3

Глорија Ефремова, Михаела Такова

Кога се наоѓаме во транспортен центар и кога ја гледаме неговата конструкција, дури и кога гледаме слики од него добиваме
илузија дека се наоѓаме во 60тите. Во тоа време касетите беа едни од најпопуларните производи, кај помладите и кај постарите генерации. Може да се каже дека и ние додека растевме сеуште се користеа касетите за слушање музика и зачувување на скапоцени сеќавања. Поради тие причини, сакаме да им овозможиме на сите граѓани подлабоко да патуваат низ времето, да ги разбудат сеќаваањата на тие години и да се согледа развитокот на технологијата низ годините. Кога станува збор за безбедноста на корисниците, паркингот го направивме така што секој велосипед се поставува посебно до еден држач или во една маска. Избравме просторот да биде отворен и секој држач посебно поставен за да се избегнува близок контакт со велосипедите за хигиенски причини. Школката е изработена така што ќе го заштитува велосипедот од надворешни влијанија особено на седиштето и на ланците кои што според истражување направено од корисници на велосипеди, е најчесто оштетено од вода и останати климатски влијанија.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 4

Димитар Стефановски, Ана Јанкуловска, Теодора Василева,  Љубица Ефтимова, Ивана Илиеска

Паркингот за велосипеди и пјацетата се наоѓаат до објектот на Транспортен центар во Скопје, по должина на бул. Кузман Јосифоски – Питу. Акцентот во целиот проект е ставен на велосипедските постојки кои се дисперзирани на три места и притоа овозможуваат паркирање на вкупно 17 велосипеди. Во постојките се интегрирани и клупи за седење. Исто така превидено е и засадување на зеленило непосредно до вело – паркингот кој е поставен по должината на улицата. По должината на објектот од Транспортниот центар водат линии кои служат како патокази (насоките на движење се означени на ѕидот од објектот). На аголот од локацијата е поставен сервис за велосипеди. Пјацетата го следи поставувањето на велосипедските постојки. Нема физички линии кои ја ограничуваат. Обележана е со боење на полукругови и линии во партерот, кои пак водат кон патоказите. Решението се состои од концепт-линија повикувајќи се на железничката станица како линиски потег во градот. Линија која претставува правец, насока, движење, поврзување. Се протега во два правци, под сонце и под сенка. Закривувањето и висините на модулите се добиени според димензиите потребни за паркирање на повеќе видови велосипеди. Освен главната функција, станционирање на велосипеди, таа содржи и место за седење, потпирање. Линискиот концепт на велопаркингот ја дооформува вело пјацетата во однос на движење, безбедност,атмосфера и ориентрација во околината.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 5

Тамара Џерков, Анастасија Ристеска

На долниот дел од двете страни на држачот има испуштени делови нанадвор за 200мм кои се прицврстуваат за арматурата од интервенцијата, врз што се лие бетонот, па така се осигурани држачите без дополнителни материјали како шрафови. На горната страна од бетонскиот елемент се поставени по два соларни панели кои се со димензии 356/301/28 мм и се со моќност од: 10 WP, краток спој струја: 610 mA, напон без оптоварување: 21,6 V, номинален напон: 17,6 V, номинална струја: 570 mA. Овие модули се особено погодни за полнење батерии во мали изливни системи. Цврстата рамка на модулот направена од елоскиран алуминиум нуди механичка стабилност, гарантирајќи цврста инсталација на модулот. Со овие панели се поврзани кабли кои завршуваат со USB приклучок и излегуваат на задната страна, над клупата на бетонскиот елемент, при што ќе можат да бидат искористени како полначи за телефон. Исто така на горната површина од бетононскиот елемент се појавува вдлабнатина во која ќе биде поставена жардињера со димензии 100/30/20см во која ќе има посадено сезонско цвеќе и ќе му даде живост на просторот.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 6

Ана Георгиева, Бојана Палифровска, Бојана Николовска

Интервенцијата на локацијата се состои од промена на подот, активирање на фасадната површина и додавање на урбана опрема. Подот и фасадната површина се третираат во иста боја со цел да се постигне визуелно ограничување на новиот урбан простор. Промената на постоечките подни плочки со нов под е неопходна поради видната оштетеност на затекнатите плочки, како и поради пренамената на постојното “ниско зеленило”. Во однос на подната површина посавуваме и тактилна патека за лица со попреченост, која всушност се поврзува со постоечката тактилна патека покрај улицата и води до влезот на автобуската станица. Фасадата е искористена како репрезентативна површина, која се третира со префарбување во боја и закачување на држачи за фотографии. Замислата е оваа фасада да се однесува како една од галериите на град Скопје, односно отворена галерија со повремени изложби, а самиот простор да стане дел од манифестацитие низ градот како Бела ноќ, Skopje Light Art District, Street Festival и слично. Воедно ќе претставува и уметничко добредојде за сите патници кои пристигнуваат во Скопје на станицата. Со ова дополнително би се зголемила фрекфентноста на локацијата, со тоа и безбедноста, претставувајќи социјален момент на одржливости.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 7

Михајло Стојановски, Теа Дамјановска

Принципот при создавање на овој простор предвиден за стационирање на велосипеди започнува со хумана идеја за решавање на тој проблем. Генерално гледано, кражбите на велосипеди се честа појава во Скопје и тие се случуваат на јавни места обезбедени со камери и кафези, па се до приватни домови и станови. Токму поради тоа, при размислување за заштита на велосипедите, таа улога во ова решение падна на најголемите „градски“ чувари, уличните печаци. Проектот „Велоштад“ ја надминува ја надминува основната идеја за едноставно според транспортниот центар и инстиот го претвора во нова вело локација во градот. Низ релативно едноставен процес на ревитализација со лесно преземливи чекори, овој простор станува мешавина на возобновени стари вредности и квалитативни новитети. Од обична минувачка точка, избраната локација станува градски велосипедски акцент! Тоа е така затоа што, покрај паркирање, овој нов плоштад нуди простор за основен сервис на велосипедот, гардероби за брза промена на облеката, кабини за долговремено стационирање на велосипеди и урбана опрема која ги повикува локалцитеи дојденците да сакаат да поминат време во овој дел од градот.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 8

Миле Аврамовски

Од истражувањето се заклучи дека дизајните направени за велосипедски паркинг се водени само од функционална гредна точка, но не и емотивна. Затоаовој дизајн цели да допре до луѓето, дизајнот на држачите за велосипедите да можат да се поистоветуваат со карактерот и секојдневните активности на луѓето, да предизвикуваат емоции, сигурност, но и да бидат функционални. Во дизајнот сакав велосипедскиот парк да стане собиралиште каде луѓето би закажувале средби, би правеле спомени, би се забавувале. Според луѓето кои користат велосипеди, издвоив неколку типови на дизајн за држачи: пријателки кои со велосипедите одат во парк, пензионер кој се враќа од пазар, спортисти, заљубен пар кој се шета, деца, забава.
За дизајнот на пјацетата, сакав да го озеленам просторот, изгледот да биде природен, но и да обезбедува заштита на велосипедите и луѓето од снег, сонце, дожд – да се чувствуваат сигурни во паркот ден и ноќ, како и да има простор за седењ, одмор и простор зафрлањена отпадоци.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 9

Димитар Петровски, Ана Пасковска

Одбраната локација претставува празен трем со голем потенцијал за негова пренамена во атрактивна градска површина. Предвидената интервенција ги интерполира модулите за паркинг на велосипеди помеѓу столбовите на тремот со што не се попречува моменталното движење. Покривот на локацијата служи како заштита од природни влијанија врз велосипедите. Во рамки на локацијата е предвидено обновување на постојното зеленило, како и создавање на нов зелен појас и две нови точки за средба и одмор. Вело паркингот нуди паркинг за 24 велосипеди и клупи за седење на 12 лица. Ова хибридно решение ги задоволува потребите паркинг простор, но и за простор за седење и одмор кој во голема мера недостасува во склоп на транспортниот центар. Истовремено ова решение придонесува за зголемување на безбедноста при паркирање на велосипедите поради непосредното присуство на луѓе и предвиденото осветлување. По должината на ѕидот во рамки на локацијата се предвидува насликување на мурал со мотиви на некои од најголемите знаменитости на Скопје. Тој има за цел да ги „пречека“ сите оние кои доаѓаат во градот, но и да стане препознатлив белег меѓу локалното население. Референца за ова дело претставува фреската за „НОБ“ на Борко Лазески која се наоѓала во старата железничка станица. Мотивите со обележја на Град Скопје се превземени од графичките дизајни на Зоран Кардула и Иван Петрушевски.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 10

Владимир Ристовски, Елена Пазарџиевска Ристовска

Дизајнот на самата пјацета е направен преку надоврзување на постоечката естетика. Како подлога за дизајнот се користи постоечката мрежа на конструктивни елементи – подови и плафони во која потоа се вметнуваат останатите урбани елементи – клупи, држачи за велосипеди, светилки, корпи за отпадоци и зеленило. Имено, проектот предвидува задржување на постојниот мермерен под (со претходна замена на оштетените плочи, отстранување на дамките и брусење на целата површина како заштита од лизгање). Со дополнување од истиот материјал на местото на сегашниот земјен појас се проширува контактната зона меѓу паркингот и зградата на Автобуската станица и се овозможува и дополнителен простор за движење и чекање пред објекот. Во новиот и во постоечкиот под се вметнуваат траголни парчиња од полиран мермер кој прави рефлексија при сонце или дожд. Дел од триаголните парчиња се употребени и како подни светла. Во истата таа мрежа од плочки се вметнуваат бетонски клупи во форма на едноставни кубуси. Во зоната кон паркингот се засадени и неколку дрва од типот на јапонска цреша (Prunus serrulata) кои сосема би го смениле изгледот на пјацетата во периодот на цветање. Дрвјата се соодветни за нашето поднебје, а се симболичко поврзани со потеклото на објектот.

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

Тим 11

Ангел Костески

Изборот на локација – Локација 3 беше базиран на основна на циркулацијата на потенцијални корисници на решението во овој регион, како и поради неискористеноста на просторот помеѓу столбовите. Фактор кој допринесе кон одлуката за оваа локација е електричната мрежа која минува низ овој дел од транспортниот центар. Интегрално за дизајнот е додатната функционалност на овој реквизит како место за почивка на возачите како и на останатите посетители на оваа локација. Материјалите се одбрани поради минималистичкиот изглед како и од експлотационен карактер на овој тип на урбана опрема. Држачот овозможува контакт во повеќе точки со велосипедот и акомодира голем перцентил од безбедносни решенија.

 

Погледнете ја нивната презентација тука, додека целосното решение можете да го погледнете тука.

 

По извршениот избор на најдоброто решение ќе се помине во втора фаза, односно ќе се отвори повик за изведба. Ги покануваме сите заинтересирани граѓани да ги следат социјалните профили на СкопјеЛаб каде може да се информираат за процесот и остварувањата.

Целосниот пренос од презентацијата можете да ја проследите тука.

 

Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia) преку компонентата за спроведување на активна мерка за развој на велосипедската инфраструктура, проектот Градови на иднината на Југо-источна Европа кој го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации, организација која истовремено го води Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб, и Град Скопје.

Пренос во живо: Презентација на решенија за прототип велосипедски паркинг

Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб ве поканува да ја следите онлајн презентацијата на прототип решенијата за велосипедски паркинг (модул – држач и вело пјацета), од кои најдобриот дизајн ќе биде поставен во склоп на Транспортен центар Скопје.

? 18.05.2020
? 13:30 – 17:15 часот
?Пренос во живо (livestream) на https://youtu.be/JYD-ZrRcQ54!

За иницијативата можете да прочитате повеќе на: https://www.skopjelab.mk/velosipedski-parking/

По спроведениот повик за учество во оваа иницијатива, од вкупно 22 пријавени беа одбрани 11 тимови-учесници меѓу кои архитекти, дизајнери, режисери и креативци, кои по воведната работилница, во текот на месеците април и мај работеа на дизајнирање прототип #ВелоПаркинг.

Приклучи се на преносот во живо, слушни што успеаја да креираат тимовите, и поддржи ги нивните идеи!

Наградени ќе бидат трите најдобри решенија: првонаграденото решение ќе добие 700 евра, второнаграденото 500 евра и третонаграденото 300 евра бруто сума.

Најкреативниот дизајн на велосипедски паркинг ќе се постави на локација во склоп на Транспортниот центар Скопје. Вело паркингот треба да ги поттикне граѓаните поактивно да користат велосипеди, да промовира интермодален транспорт (велосипед, автобус, воз, итн.) а со тоа и да придонесе кон зајакнување на инфраструктурата за алтернативен транспорт. По избор на најдоброто решение ќе се помине во втора фаза, односно ќе се отвори повик за изведба.

Проектот се реализира со финансиска и техничка поддршка од Германското друштво за меѓународна соработка (GIZ North Macedonia) преку компонентата за спроведување на активна мерка за развој на велосипедската инфраструктура, проектот Градови на иднината на Југо-источна Европа кој го спроведува СмартАп – Лабораторијата за социјални иновации, организација која истовремено го води Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб, и Град Скопје.