Се уредува нов зелен сквер во Аеродром

На постојната зелена површина од 2000 метри квадратни на крстосницата помеѓу булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров во Општина Аеродром, денеска започна редизајнот на третата од вкупно 4 локации, што Градот Скопје ги уредува во зелени скверови.

– Ова е третата локација на која Градот Скопје во соработка со Скопје Лаб работи на уредување на запуштените површини што се наоѓаат во  различни општини. Целосното преуредување на просторот се очекува да заврши за 30 дена, а ќе се врши врз основа на анкетите коишто се направени со локалното население коешто гравитира кон овие површини. Анализирани беа нивните навики и потреби за да го направиме овој простор во Аеродром едно пријатно катче каде што тие ќе го поминуваат слободното време – кажа Шилегов.

Вредноста на проектот за уредување на новиот зелен сквер изнесува околу 3,7 милиони денари, а реализацијата на истиот се очекува да заврши за 30 дена.

Локацијата е избрана од граѓаните како една од 7-те локации во Скопје идентификувани во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП  што започна во 2018 година.  Во овој процес беа вклучени различни возрасни групи на граѓани  преку користење квалитативни и квантитативни методи за утврдување на потребите на граѓаните кои живеат на во овој дел од населбата.

Дополнително се работи на мапирање на дневните и ноќните активности и програма, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст.

На почетокот на активностите за уредување на новиот зелен сквер на крстосницата помеѓу булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров присуствуваше и градоначалникот на Општина  Аеродром, Златко Марин.

Сите изработени решенија во склоп на иницијативата #РедизајнСкопје можете да ги погледнете на нашата нова веб-страница.

Редизајн на услугата за поднесување на апликации за грантови до одделенијата на Град Скопје од страна на граѓански организации: Преземени првите чекори кон дигитализација

Со цел подобрување на ефективноста и ефикасноста на процесот за доделување грантови на граѓанските организации во склоп на годишниот план за работа на Центарот за иновации на Град Скопје, тимот на Скопје Лаб од септември отпочнува со активности за редизајн на услугата и нејзина дигитализација.

Активностите ќе вклучуваат анализа на тековна состојба за идентификување предизвици на одделенијата и граѓанските организации во поглед на самиот процес, идентификување можности за подобрување, изработка на предлог за редизајн на процесот и негово усогласување низ одделенијата и изработка на дигитална платформа за поднесување апликации, следење, чување и информирање.

Преку подобрување на процесот и дигитализација на услугата Градот покажува заложба да одговори не само на предизвиците на граѓанските организации туку и да го поддржи процесот на дигитализација на јавниот сектор.

Изработени финални концепти од работилницата за редизајн Скопје 2.0

Втората фаза од иницијативата Редизајн на јавни површини во Скопје Скопје 2.0 усвои односно промовира еден нов иновативен и инклузивен пристап во креирање на концепти кој се води по принцип – ко-дизајнирање со граѓаните  за граѓаните.

Оваа фаза опфати креирање на концепти за уредување на 9 јавни површини кои беа мапирани во соработка со Град Скопје и локалната професионална заедница. 

Погледнете ги финалните концепти од работилницата за редизајн на јавен простор.

Ул. Коле Неделковски

Беким Бајмак, Бобан Трпо

 

Концепт: Мал парк на едниот крај на улицата со воден ѕид кој ќе игра улога на звучна бариера за звуците кои доаѓаат од булеварот „Илинден“. Се садат дрва кои прават сенка на една голема клупа, поставена на средина од паркот. Партерот е калдрма каде во меѓупросторите има зеленило (трева). Од едната страна на улицата се гради објект со приземје со комерцијална програма. 

Атмосфера на новопроектираната состојба: Тивка, пријатна на изглед, мирна со доволно простор и за движење и за седење. Клупата под сенка на дрвата е привлечно место за одмор за случајните менувачи, но и место за социјална интеракција помеѓу жителите на улицата. Фонтаната само дополнително ги поканува минувачите да се задржат во просторот, додека водениот ѕид го прави местото изолирано од секојдневниот сообраќаен градски метеж.

Очекувани резултати: Би се зголемил бројот на посетители на улицата, би се зголемила социјализацијата помеѓу станарите. Би се решил проблемот со паркирањето, односно би се променил односот на граѓаните кон улицата. За нив оваа улица повеќе нема да е место каде ги паркираат колите, туку место каде што можат да се сретнуваат и дружат. Понатаму улицата би станала препознатливо место и за граѓаните кои не живеат таму поради „водениот ѕид“. Тоа би предизвикало препознавање на ново атрактивно градско катче кое поканува и поттикнува комуникација. 

 

ул. 8ми март

Перица Кипријановиќ, Живкица Димитријеска

Концепт: Заради зачувување на постоечките дрва предложено е спојување на двата отвора и изработка на една голема жардињера која ќе ги вклучи и липите, со цел да се ослободат корените и да се овозможи нивно “дишење“. Во продолжение на тоа предвидена е платформа од префабрикувани елементи на која ќе има две клупи со органска форма која дозволува различен тип на седење односно индивидуално или во група. На крајот на оваа жардињера се предвидува и фонтана налик градска чешма која треба да овозможи користење и инклузивност за сите, вклучувајќи и лица со попреченост и миленичиња.

Атмосфера на новопроектираната состојба: Поголема раздвиженост и повеќе функционален заеднички простор што придонесува до подобра маалска заедница.

Очекувани резултати: Поголема социјализација помеѓу жителите и граѓаните, повеќе минувачи, поголема фрекфенција на велосипедисти, пожива улична атмосфера.  Грижата од страна на станарите на таа улица за зеленилото, што придонесува до нивно меѓусебно здружување со заедничка цел – грижа за просторот. На овој начин би се зајакнале соседските врски. Тоа придонесува и до намалена стапка на провали поради зголемената фрекфенција на луѓе. 

 

ул. Крсто Баиќ

Братислав Зарески, Сања Кесеровиќ

Концепт: Предвиденото решение ја замислува улицата како урбано пацио на отворено, со капацитет за социјализација и одморање на жителите, минувачите и нивните миленици. Соживување со атмосферата на ова ново културно катче преку различни елементи и зелени зони со урбана опрема и паркинг за велосипеди, при што се очекува намалување на бројот на паркирани автомобили на улицата. Денивелацијата се совладува со рампа и вградување на велосипедска патека паралелно по должината на едниот пешачки тротоар. Преку жолта боја се поврзува со соседните улици и тоа во вид на инка. Нов свеж амбиент на улицата, решавање на проблемот со паркирањето на автомобилите (истите да бидат паркирани на официјално назначените паркинзи во блиска околина), добива карактеристики на јавно катче за социјализација и одмор.

Очекувани резултати: Локалните жители го одржуваат овој ново-вграден простор (полевање на растенијата, чување на урбаната опрема од несовесните граѓани); одржување на приватни собири помеѓу соседите и мини-манифестации отворени за граѓаните од целиот град. На овој начин се зацврстува социјализацијата помеѓу граѓаните кои живеат тука и останататите граѓани кои минуваат. Јакне локалната малска заедница и се создава идетификација со местото. 

 

ул. Кукушка

Фросина Ангелеска, Јована Величковиќ

Концепт: Интервенцијата предвидува стеснување на влезот од булевар „Илинден” и означување со боја која води кон внатрешноста на улицата. Поставување на зелен ѕид со мал простор за седење, кој го ограничува погледот и поканува да се види што има внатре во улицата. Денивелацијата се совладува со рампа и се овозможува пристап за велосипедисти и лица со попреченост. Преку жолта боја се поврзува со соседните улици, во вид на инка. Во внатрешноста се реорганизира паркингот. Возилата кои паркираат на постојниот паркинг сега заземаат само половина од истиот и паркираат само во почетокот поркај улицата. Останатата половина од паркингот е искористена за детски парк и зеленило со што се оживува просторот. Се предвидуваат повеќе корпи за отпадоци и соодветно осветлување. Конечната цел е зајакнување на маалската заедница и препознатливост на местото 

Челичната конструкција на игралиштето е поделено во еднакви модули, кое може да се изведе на најразличен начин. Покрај поставувањето на детските реквизити за играње, се предвидува и простор за седење на родителите. Со ова решение ќе се обезбеди поголема социјализација, повикување на децата надвор на улица, повеќе минувачи, поголема фрекфенција на велосипеди и жива улична атмосфера. 

 

ул. БЛАГОЈА СТРАЧКОВ

Несим Рочи, Љубица Ефтимова

Концепт: Улицата како урбана соба за социјализирање и одмор за жителите, минувачите и животните преку различни микроклими и урбана опрема, а паркирање во гаражи.

Атмосфера на новопроектираната состојба: Отворено, покриено, слободно, сигурно, мирно, социјализирање, визуелни искуства со различна боја: растеније што менува боја и повеќе микроклими 

Очекувани резултати: Решавање на проблемот со нелегално паркирање и улицата да се користи за социјализација и одмор освен за поминување. Одржување на мали настани и состаноци на отворено со организирано седење на рампата долж широчината на улицата што би му дало нов идентитет на местото – како место за средба. Ваквата содржина би ја зголемила социјалната интеракција на граѓаните и би ја зајакнала маалската заедница.

 

Ул. Коле Неделковски

Маја Вукадиновиќ

Концепт: Кругови во жолта боја ги обележуваат позициите на кои се забележани постоечки активности на улицата, со додавање на урбана опрема создаваме места на кои ќе биде потенцирана веќе постоечката активност. Со светло сива боја се обележани просторите за паркирање на автомобили, ги поставуваме на истите позиции кои во моментот се користат, со таа промена што сега ги регулираме со боја на подлогата. Истите кога не би се користат како паркинг, може да се сметаат како продолжување на прстените кои ги дефинираме со другите бои. 

Атмосфера на новопроектираната состојба: Поголем број на активности кои генерираат фрекфентност. Со бојата предизвикуваме одредени чувства, на пример: жолтата е одбрана како весела боја која поттикнува развој кај луѓето, а посебно кај децата. Се предизвикуваат нови интеракции кои поради недостаткот на јавен простор до сега не биле можни. Очекувани примарни резултати: Со воведување на овие промени се зголемува и безбедноста на улицата. При интеракциите луѓето повеќе се запознаваат со што го враќаме тоа чувство на соседство како социјална структура, а не само физичка поставеност. Секундарни резултати: Улица која припаѓа на луѓето, а не на автомобилите. Зголемување на свеста на луѓето за потребата од човечки содржини кои ќе се наслојуваат и надоврзуваат, наспроти комплетната едноличност и хаотичност на моменталната состојба.

Парк Форум

Димитар Милев, Фросина Ангелеска, Братислав Зарески, Антонија Крајчева и Бојана Митковска

Нашата интервенција се состои од две промени: поделба на една од зелените површини и додавање на метална конструкција со дифузни места за седење.

Првиот дел од нашата интервенција: сакаме да го скршиме бетонот и да ја поделиме првата зелена површина гледано од пасажот кај Котур. Ова го правиме со цел да отвориме патека која ќе го направи просторот попристапен и ќе го обедини истиот. Оваа патека ќе биде поврзана со веќе постоечката патека кај следната зелена површина.
Првичната замисла беше оваа патека да продолжи низ сите зелени површини, со цел да направи полесен пристап од пасажот кај Котур до другиот од улица Македонија. Сепак, оваа идеја ја сведовме на создавање само една поделба кај првата зелена површина, како пробна интервенција која ќе сугерира дека патеката може да се продолжи во иднина.

Вториот дел од нашата интервенција: метална конструкција создадена од модули, која ќе биде поставена на работ од зелената површина. Металната конструкција се состои од 10 модули во два реда, односно 5 доле и 5 горе. Во секој модул ќе има по три метални столчиња на расклопување, кои ќе бидат склопени и закачени. Посетителите на паркот ќе можат да ги земат столчињата и самите да го формираат својот простор за седење. Исто така, низ асфалтот на целиот парк ќе има нацртано “паркинг за столчиња”. Седиштата на овие столчиња ги замисливме како платна за уметност. Дел од столчињата ќе бидат нацртани, со цел да им сугерираме на граѓаните дека и тие можат да го направат истото на останатите. Кога ќе стојат закачени на металната конструкција, столчињата ќе формираат едно импровизирано уметничко дело кое ќе биде интересно за гледање и ќе му даде карактер и живот на просторот.

 

Двор на Студентски дом „Гоце Делчев“

Сандра Николовска, Катерина Пановска, Кристијан Арсовски, Александра Христовска, Томислав Поповски, Ермал Белули

Интервенцијата Urban Snake се состои од три сегменти – обнова на партерот, поставување на дизајнирана урбана опрема и осветлување. Урбаната опрема се состои од четири модуларни коцки, сместени во запците на змиестата бетонска структура, и пет дрвени клупи кои се преклопуваат, но не ја допираат структурата. Секоја од коцките нуди различна програма, па поставени ќе бидат:

  • Коцка за вежбање
  • Коцка за одмор
  • Коцка за лулање
  • Коцка за разговор/читање

Ваквата конфигурација програмски ја збогатува и визуелно ја надополнува геометриската повторливост на змијата. Коцките, се поставени во наизменичен распоред околу бетонскиот постамент и тоа кон паркот и кон зградата на студентскиот дом со цел да се анимира отворениот простор од двете страни. Така, студентите ќе имаат можност на различен начин да го искористат секој дел од просторот. Притоа, растојанието помеѓу секоја од коцките е прикладна се со цел рамномерно анимирање на просорот. Коцките, поставени на бетонски темел, имаат метална конструкција обоена во крем и стојат на челични потпори. Ширината, висината и должината на секоја од коцките се идентични и изнесуваат 2,40 m. Покрај нив, во непосредна близина се поставени дрвените клупи. Тие ги надополнуваат останатите запции постоечкиот бруталистички елемент, притоа давајќи му нов карактер на просторот. Имајќи предвид дека веќе може да се седи на бетонската структура, дрвените клупи ја реинтерпретираат обичната клупа во нов елемент кој ќе даде подинамично сценарио. Дополнително, црвената боја на клупите ќе го разигра и ќе му даде нова енергија на просторот. На клупите ќе може да се седи, лежи или искачува. Сето тоа го дефинира нивниот мултифункционален карактер.

 

Плоштад Балет

Ана Гушева, Андреј Георгиевски, Ангела Трајанова, Асра Хамзаи, Марко Мараш

Новото решение се состои од интервенции кои содржат нови елементи за седење, нови елемнти за поставување на зеленило, нови светлосни елементи и апликација на силни бои со цел да го разбудиме просторот и да му донесеме нов амбиент. Истите тие интервенции би можеле да почнат да се поставуваат откако тој простор ќе биде среден според горенаведените препораки. Првата фаза би била поставување на дрвена платформа oд дрвени летви врз метална подконструкција околу постоечката структура за да се потенцира тој сегмент и да се издвои од површината на плоштадот. Поради тоа што околу скалишното јадро има перманентна бетонска структура со платформи за седење, врз неа додаваме нови дрвени платформи чија димензија варира во зависност на која страна се поставени. Ваквата интервенција повлекува поставување на нов покривен елемент кој ќе ги заштитува дрвените платформи за седење.

Следниот чекор е затварање на скалите кои водат до подземниот паркинг поради тоа што се неупотребливи и моментално служат како дупка за отпад. Со нивното затварање се отвара површина за формирање на мали различни нивоа за седење од дрвени плочи поставени врз метална подконструкција. Земајќи го предвид фактот дека на тој простор му недостасува светлина во текот на вечерните часови, во концептот се интегрираат и светлосни елементи кои всушност ја предизвикуваат таа трансформација на плоштадот. Овие елементи покрај светлосна функција, му даваат нова композиција на просторот и атрактивни визури кон него, гледајќи од пасажите. Исто така ги замислуваме и како елементи за потпирање во идеални ситуации кога нема да има доволно место за седење околу и во новата структура. Последната интервенција која е вклучена во овој проект е вметнување на ново зеленило во рамките на можностите. За таа цел се озеленуваат кружните елементи и се поставува метална тенка мрежа на столбовите за вертикално израснување на вегетацијa која ќе му даде нов амбиент и карактер на просторот.

 

Менторите кои посветено им помагаа на учесниците во текот на работилниците се: Владимир Ѓоргиевски, Сара Симоска, Ирена Милојеска, Никола Ѓорѓиевски, Ива Петрунова, Дамјан Момировски, Лидија Ристовска и Оливер Илиевски.

Целосно развиените концепти ќе ги најдете на линковите подолу:

Повеќе за проектот можете да прочитате тука.

 

Повик за учесници на работилница: Редизајн на јавни површини Скопје 2.0

После успешната реализација на првиот циклус работилници – Редизајн на јавни површини 1.0, со големо задоволство официјално го отвараме повикот за учесници на вториот циклус работилници насловен „Редизајн на јавни површини Скопје 2.0“, овојпат со неколку нови локации на кои им е потребна вашата креативност и вештини!

Доколку сте граѓанин кој го засега уредувањето на јавните површини и сакате да придонесете за подобрување на вашиот град, ве покануваме да се пријавите на четиридневна работилница за редизајн. Целта на оваа иницијатива е да помогне во озеленување на јавниот простор и негово дизајнирање согласно потребите на граѓаните.

Идентификуваните локации на кои ќе се работи се: 

  1. Краевите на слепите улички кои гледаат на Бул. Илинден и тоа: Ул. Благоја Страчков, Ул. Кукушка, Ул. Крсто Баиќ и Ул. 8ми Март, ул. Коле Неделковски, Ул. Пајак, Ул. Коста Веселинов.
  2. Дел од ул. Наум Наумовски Борче кај “Bike Market” кој ќе се прошири во тротоар и дел од паркингот од спротива кој ќе треба да се озелени.

На следниот линк може да ги погледнете локациите –  https://bit.ly/2S2bQus

Овие површини во моментов се во незавидни услови или се со нецелосно искористен потенцијал. Со оглед дека локациите се наоѓаат неподредно до булевар со голема фрекфенција на возила, озеленувањето на просторот ќе биде клучен елемент во новите дизајни.

Кога и каде?

Работилницата ќе се одржи во викендите: 

  • 15 – 16ти февруари
  • 22 – 23ти февруари

Учество ќе можат да земат 18 учесници, кои поделени во 3 групи, ќе работат на одредени локации под водство на посветен ментор и група на дополнителни експерти од различни области (архитектура и просторен и пејсажен дизајн, градежништво, иновации, занаетчиство итн.) кои ќе им помагаат во процесот.

Како резултат од работилницата ќе се изработат неколку концепт дизајн проекти за овие простори, кои ќе бидат водилка за нивно идно уредување од страна на градот Скопје и општините.

Пријавете се со пополнување на следната форма: https://bit.ly/36EgAvJ

Сите учесници ќе се здобијат со искуство за:

  • Работа во мултидисциплинарен тим
  • Спроведување локално истражување
  • Ко-креирање со крајни корисници
  • Уредување на јавен простор
  • Дизајнирање на урбана опрема
  • Презентирање на проекти и идејни решенија
  • Изработка на концепт за дизајн на простор (во сите негови елементи)
  • Сертификат за учеството

Учесниците можат да бидат:

  • Студенти од областа на  архитектура, просторен или пејсажен дизајн
  • Млади архитекти, уметници, пејсажни дизајнери, градежници, инженери 
  • Сите останати заинтересирани граѓани од било кое занимање кои сакаат и сметаат дека можат да придонесат во процесот

Присуството е задолжително на сите денови од работилницата (во просек 5-6 часа на ден).

Задолжително е носење на свој личен лаптоп за потребите на проектот. Работилницата е бесплатна, работен јазик на работилницата е македонски.

Активноста е организирана од Скопје Лаб – Центар за иновации на Град Скопје со поддршка од Скопската жива градска лабораторија (Skopje Urban Living Lab) и Програмата за развој на Обединетите нации (UNDP MK).

.

За СкопјеЛаб — Центар за иновации на Град Скопје

СкопјеЛаб е Центар за иновации на Град Скопје кој работи на изнаоѓање на иновативни начини за решавање на предизвиците и проблемите со кои се соочува Градот. Работи како посредник меѓу граѓаните, академските институции, компаниите, секторите и одделенијата на градот, општините и граѓанските организации со цел ко-креирање на заедничка вредност, брзо прототипирање и/или проверка и селекција на иновативни решенија.  – https://www.skopjelab.mk/

Повик за ментори – Редизајн на јавни површини 2.0

СкопјеЛаб – Центарот за иновации на Град Скопје продолжува со иницијативата за редизајн на јавни површини и изработка на нови концепт дизајн проекти за простори кои ќе се служат како водилка за идно уредување на локациите од страна на градот Скопје и општините. За таа цел, објавуваме – Повик за ментори (Urban Changemakers) кои ќе се вклучат во процесот. 

Одговорности на менторите:

  • Учество на иницијален менторски состанок за договарање методологија на работа
  • Фасилитација на еден тим за време на четиридневната работилница за ко-креирање концепти (15,16, 22, 23 февруари) 
  • Поддршка на тимот во спроведување на етнографско истражување – теренска анализа
  • Учество на финална менторска средба
  • Техничка финализација на концептите

Секој ментор ќе биде задолжен да води тим од 6 лица со различна позадина – архитектура, пејсажен дизајн, енергетска ефикасност, програмирање, графички дизајн итн.

Редизајн на локациите ќе се прави долж улицата Илинденска, специфично:

  1. Краевите на слепите улички кои гледаат на Бул. Илинден и тоа: Ул. Благоја Страчков, Ул. Кукушка, Ул. Крсто Баиќ и Ул. 8ми Март, ул. Коле Неделковски, Ул. Пајак, Ул. Коста Веселинов.
  2. Дел од улицата Наум Наумовски Борче кај Bike Market кој ќе се прошири во тротоар и дел од паркингот од спротива кој ќе треба да се озелени.

На следниот линк може да ги погледнете локациите –  https://bit.ly/2S2bQus

Потребно:

  • завршени додипломски студии во областа на архитектура, пејсажен дизајн, електротехнички науки, енергетска ефикасност, иновации, уметност или други слични области. Магистерски студии ќе се сметаат за предност.
  • имате желба и идеи да го подобрите градот
  • имате искуство во водење на група и/или работилница 
  • тимски играч, позитивни сте, спремни за работа во динамичен тим
  • интернационални работни искуства ќе се сметаат за предност
  • основачи или лидери на групи на млади луѓе, организации и сл. ќе се смета за предност

Сите заинтересирани нека испратат CV на [email protected] најдоцна до 05.02.2020.

Избраните кандидати ќе бидат известени најдоцна до 08.02.2020.

За менторите е предвиден соодветен финансиски надомест, врз база на авторски договор. 

Прочитајте повеќе за првата работилница на: https://bit.ly/36wZDDv

 

За СкопјеЛаб — Центар за иновации на Град Скопје

СкопјеЛаб е Центар за иновации на Град Скопје кој работи на изнаоѓање на иновативни начини за решавање на предизвиците и проблемите со кои се соочува Градот. Работи како посредник меѓу граѓаните, академските институции, компаниите, секторите и одделенијата на градот, општините и граѓанските организации со цел ко-креирање на заедничка вредност, брзо прототипирање и/или проверка и селекција на иновативни решенија.  – https://www.skopjelab.mk/

 

 

Одржан прв циклус работилници за редизајн на јавни површини во Скопје

Центарот за иновации на Град Скопје – СкопјеЛаб  во текот на месец декември 2019 година одржа неколку последователни работилници на тема „Редизајн на јавни површини“, кои се фокусираа на три јавни површини во Скопје со активно учество на студенти по архитектура и пејзажен дизајн како и на граѓани кои имаат вештини со кои може да придонесат во креирањето на концепти. Оваа втора фаза од иницијативата имаше за цел подобрување на состојбата на јавни површини во Скопје, преку зголемување на зеленилото и обезбедување поквалитетни јавни места за граѓаните.

Користејќи еден партиципативен пристап кој се базира на ко-креирање со крајниот корисник, овие работилници обезбедија не само креирање на концепти согласно потребите на граѓаните, туку и отворија можности за поактивно вклучување на младите во општествениот живот и генерално кон зголемување на свесноста кај јавноста за отвореноста на дел од институциите за соработка во вакви иницијативи.

Идентификуваните локации на кои се работеше се: Парк Форум, Двор на студентски дом Гоце Делчев и Плоштад Балет. Како резултат се изработија 3 концепт дизајн проекти за овие простори кои служат како водилка за нивно идно уредување од страна на градот Скопје. Трите групи беа водени од тројца архитекти: Сара Симоска, Никола Ѓорѓиевски и Ирена Милојеска, како и еден електроинженер Владимир Ѓоргиевски. Работилниците се одржуваа во просториите на Skopje Urban Living Lab во старата скопска чаршија.

По работилниците, на 21ви јануари, во просториите на Советот на Град Скопје се одржа отворена презентација на 3те концепти пред надлежните како и пред локалното население со цел да се соберат финални коментари. Ги покануваме сите заинтересирани граѓани да ги следат социјалните профили на СкопјеЛаб каде може да се информираат за процесот и остварувањата. По целосно финализирање на концептите, истите ќе бидат објавени и јавно достапни на нашата веб-страница skopjelab.mk.

Презентација на концепти за редизајнирање на јавни површини во Скопје

Град Скопје и Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб ве покануваат да присуствувате на презентацијата на концептите за редизајнирање на 3 јавни површини во Скопје кои се резултат на работилниците за редизјанирање на јавен простор кои се оддржаа во периодот 14 – 22 декември 2019 година.

  • Датум: 21.01.2019
  • Локација: Сала на совет на Град Скопје
  • Време: 14 часот

Иницијативата и целиот процес на реализација беше организиран од страна на Скопје Лаб, додека фасилитацијата и менторирањето на тимовите беше реализирано од страна на 4ца млади професионалци:

  • Сара Симоска – М-р. Архитект
  • Владимир Ѓорѓиевски – Дипл. Електро инжињер во полето на Енергетска Ефикасност
  • Никола Ѓорѓиевски – Дипл.Инж. Архитект и Дипл.Пејсажен Арх.
  • Ирена Милојеска – М-р Архитект

На работилниците присуствуваа вкупно 17 млади лица  – студенти и ученици кои беа избрани по пат на јавен повик.

Повеќе за иницијативата и работилниците може да најдете овде https://www.skopjelab.mk/rabotilnitsi-redizajn-na-javni-povrshini-vo-skopje/ .

Во склоп на настанот ќе се презентира на кратко и за она што беше опфатено и сработено во првата фаза од иницијативата во која беа опфатени 7 јавни површини во Скопје.

Интервју: Јавните површини може да се унапредат со активно учество на заедницата

 

ФакторСо рапидната и неконтролирана урбанизација голем број на јавни површини во Скопје се узурпирани со што се намали квалитетот на живот. Како вашата работилница ќе даде придонес кон промена на овие состојби?

БогеваОва е втора фаза од иницијативата чија цел е подобрување на состојбата на јавни површини во Скопје, преку зголемување на зеленилото и обезбедување поквалитетни јавни места за граѓаните. Земајќи еден партиципативен пристап кој се базира на ко-креирање со крајниот корисник, овие работилници ќе обезбедат не само креирање на концепти согласно потребите на граѓаните, туку и отвараат можности за поактивно вклучување на младите во општествениот живот и генерално кон зголемување на свесноста кај јавноста за отвореноста на дел од институциите за соработка во вакви иницијативи.

Крајниот резултат од работилниците ќе им обезбеди целосно дефинирани концепти за неколку локации (концепт за идејно решение и предлог модел за одржување) кои ќе може Градот Скопје понатаму полесно да ги имплементира и одржува.

ФакторВие предвидовте изработка на концепт решенија за три локации меѓу кои Парк Форум, дворот на студентскиот дом Гоце Делчев и Плоштад Балет. Зошто токму овие локации и што очекувате од кандидатите?

БогеваВо претходната фаза на креирање на концепти, тимот на Скопје лаб доби повеќе од 70 нови предлози за локации, меѓу кои беа и овие три. Изборот на овие локации беше базиран на критериуми како: запуштен простор кој нуди огромен потенцијал за локалните жители да заборават на урбаниот аспект на градот, простор кој е често посетуван и простор кој може да ги ублажи влијанијата на урбаните топлотни острови.

Од кандидатите очекуваме посветеност, желба да се пренесе знаењето и вештините и желба за соработка и придонес за подобар град.

ФакторВо работилницата ќе бидат ангажирани тројца успешни архитекти и еден електроинженер како ментори. Какво е нивното искуство во збогатување на јавните простори и какво знаење ќе им пренесат на учесниците?

БогеваСите ментори кои се вклучени во работилниците имаат претходно искуство во фасилитација на вакви настани и особено искуство и знаење во дизајнирање на зелени јавни површини. Како пример би ја посочиле менторката Сара Симоска, која активно работи на културно оплеменување и реанимирање на јавни површини и е позната п о нејзината работа со организацијата МЕЛЕЕМ, каде главниот фокус е активно вклучување на локалното население.

ФакторКоја би била следна фаза по завршување на работилницата, дали концепт решенијата ќе се спроведат?

БогеваПо завршување на работилницата, концепт решенијата ќе бидат презентирани пред надлежните во Град Скопје и локалното население со цел добивање на фидбек. По имплементација на фидбекот, и согласно буџетската рамка на концептот, Градот Скопје ќе осигура финансиски средства со кои, како и во претходната фаза, ќе поддржи изработка на идејни решенија и делумна имплементација на решенијата. Останатиот дел потребни средства за имплементација и одржување ќе бидат обезбедени од приватниот сектор преку различните пристапи за формирање партнерста кои Скопје Лаб ги користи и оджува.

ФакторКако да се постигне поголема вклученост на експертите, граѓаните и младите во урбаното планирање, има ли слух кај локалната власт и како да се спречи понатамошно уништување на квалитетот на живот во Скопје за сметка на профитот?

БогеваГрад Скопје со тоа што веќе ја поддржа фаза на оваа иницијатива за редизајн на јавни површини, докажа има слух и е отворен за вакви иницијативи кои помагаат во подобрување на квалитетот на живот. Сепак потребна е поголема поддршка на вакви иницијативи од самите граѓани, особено нивен поактивен придонес во промоција на ваквите иницијативи и во идентификување на можности за градење на партнерства со други организации кои работат на темата. Особено важно е покрај Град Скопје, другите локални власти поактивно да се вклучат и да дадат поддршка во ваквите иницијативи и особено да поттикнуваат локални акции за подобрување на јавни површини во своите општини.

Х.С.

*Оваа новост е преземена од Faktor.mk. Истата можете да ја погледнете на следниот линк: https://bit.ly/2S5dNbp

Работилници: Редизајн на јавни површини во Скопје

Скопје во изминатите години почна да ги губи последните зелени јавни површини како резултат на брзиот и неизбежен раст на градот. Како да ги препознаеме деловите од градот каде треба да дадеме нова енергија со активно вклучување на локалното население и заинтересираните граѓани?

Доколку ве засега прашањето погоре и сакате да придонесете за вашиот град, пријавете се на четири дневна работилница за редизајн на три јавни површини во Скопје кои имаат огромен потенцијал да направат промена, но се во незавидни услови.

Работилницата ќе се оддржи во викендите: 14 – 15ти и 21 – 22ри декември, со вклучување на 15 учесници кои ќе работат во 3 групи, секоја група по 1 локација.

Идентификуваните локации на кои ќе се работи се: Парк Форум, Двор студентски дом Гоце Делчев и Плоштад Балет.

Како резултат ќе се изработат 3 концепт дизајн проекти за овие простори кои ќе бидат водилка за нивно идно уредување од страна на градот Скопје.

Пријавете се со пополнување на следната форма: https://forms.gle/oooomxu3DQ9uvXUR8

Работилницата ќе биде водена од 4 ментори, тројца архитекти: Сара Симоска, Никола Ѓорѓиевски и Ирена Милојеска и еден електроинжењер, во полето на енергетска ефикасност, Владимир Ѓоргиевски.

Сите учесници ќе добијат искуство за:

  • Спроведување локално истражување
  • Уредување на јавен простор
  • Дизајнирање на урбана опрема
  • Сертификат за учеството

Учесниците може да бидат:

  • Студенти по архитектура
  • Архитекти
  • Заинтересирани граѓани од било кое занимање кои сакаат да придонесат во процесот

Присуството е задолжително на сите денови од работилницата (во просек 5 часа на ден).
Задолжително е носење на свој личен лаптоп за потребите на проектот. Работилницата е бесплатна.

Ментори

Сара Симоска е Архитект и основач на МЕЛЕЕМ Скопје. Главен организатор и иницијатор на сите активности од МЕЛЕЕМ. Победник на интернацинални архитектонски конкурси во Италија, Русија, Србија и Словенија. Со МЕЛЕЕМ имаат реализирано урбани интервенции во Прилеп, Тетово, Скопје и Белград кои што го имаат променето градот со активно вклучување на локалните жители.

Никола Ѓорѓиевски е архитект, пејзажен архитект и урбанист. Дипломирал и магистрирал на Архитектонскиот Факултет во Скопје – УКИМ (2015), а понатаму магистрирал и во областа на пејзажната архитектура во Осло, Норвешка. Автор и коавтор е на повеќе архитектонски текстови и публикации добитник е на интернационални награди и признанија од областа на архитектурата.

Ирена Милојеска е магистер по архитектура на Архитектонскиот факултет при УКИМ. Активен член е на организацијата ЕАСА – ЈАТО, Скопје која е дел од интернационалната мрежа за студенти по архитектура од цела Европа. Во текот на нејзините студии била учесник на повеќе домашни и интернационални натпревари, работилници, конкурси и изложби . По завршувањето на студиите, станува дел од организацискиот тим на Интермедијалната Конференција за Национални Контакти и студенти по архитектура, која што за прв пат се случи во Македонија, во Октомври 2019 во село Трпејца.

Владимир Ѓоргиевски е демонстратор и истражувач на Факултетот за електротехника и информациски технологии при Универзитет Св. „Кирил и Методиј“, Скопје, Северна Македонија. Негов интерес се енергетското моделирање, интеграцијата на енергетски сектори, системите за складирање на енергија и енергетската флексибилност на згради. Своето истражување го објавил на меѓународни и домашни списанија и конференции. Бил дел од основачкото тело на Здружението за промоција на енергетската ефикасност и одржливиот развој СКЕЕОР.

Активноста е организирана од Скопје Лаб – Центар за иновации на Град Скопје со поддршка од MELEEM Skopje и ќе се одржува во Скопската жива градска лабораторија (Skopje Urban Living Lab) во Старата скопска чаршија.

Одржана прва работилница за редизајнирање на услугата за собирање кабаст отпад

На 24ти јуни во просториите на Град Скопје, се одржа првата работилница за редизајнирање на услугата за собирање на кабаст отпад на ЈП Комунална Хигиена. На работилницата присуствуваа претставници од јавни и приватни претпријатија кои управуваат со отпад, граѓани на Скопје кои сакаат да помогнат, претставници од различни сектори од Град Скопје, претставници од општини, занаетчии и претставници на невладиниот сектор. 

На оваа прва работилница учесниците работеа на дефинирање на проблеми и причини за неправилното одлагање на отпадот (со поголем фокус на кабастиот отпад) и дефинирање на предизвик кој ќе го решаваат. 

Дефинирањето на проблемите и причините беше базирано на резултатите од  спроведеното примарно и секундарно истражување како и на искуствата од практичната работа на сите вклучени страни. Дел од клучните проблеми кои беа идентификувани беа поврзани со посточеката инфраструктура, информираноста на граѓаните за различните типови отпад и последиците од неправилно мешање на отпадот, постоечките услуги, нивна промоција достапност, начин на испорака, и сл.

За време на работилницата малку се продискутира и на темата однесување, митовите за промена на однесувањето и ефективни начини за постигнување одредени позитивни промени во однесувањето на граѓаните со цел заштита на животната средина. 

Втората работилница ќе се одржи на 1ви јули во 12 часот во просториите на Град Скопје на која ќе се работи на мапирање на системот и дизајнирање на предлог решенија.

Следете нѐ за да бидете во тек со прогресот и резултатите од процесот.

Повеќе за проектот може да прочитате овде: https://skrati.mk/KabastOtpad