Град Скопје и Скопје Лаб на работилница за ко-дизајнирање на предлог проект за финансирање од Европскиот институт за иновации и технологија

Град Скопје изрази интерес да се вклучи како партнер во проектот “Градови на иднината од Југоситочна Европа”, поддржан од Европски институт за иновации и технологија, Клима – Зедница на знаење и иновации. Главна цел на проектот е да се обезбеди градење на критичните капацитети на градовите, кои веќе имаат покажано заложба за системска промена на ниво на град, потребни да ја остварат мисијата: Инклузивна, просперитетна и нула-јаглеродна трансформација на 15 градски населби во 5-7 градови на Балканот, правејќи ги овие градови најквалитетни места во Европа за живеење, работа и посета до 2025 година.

За таа цел во периодот 11-12 Април 2019, во Загреб, Хрватска беше спроведена работилница за ко-дизајнирање на предлог повеќегодишен проект за финансирање од Европскиот институт за иновации и технологија. На работилницата од Скопје учествуваа Ловрен Маркиќ, Раководител на Сектор за меѓународна соработка при Град Скопје и Софија Богева, Координатор на Центарот за иновации на Град Скопје – Скопје Лаб. Освен Град Скопје, на работилницата присуствуваа и го потврдија својот интерес за соработка и следниве градови: Марибор (Словенија), Сарајево (Босна и Херцеговина), Кржевци (Хрватска), Ниш (Србија) и Крагујевац (Србија).

Со цел официјализирање на партнерството во овој проект сите вклучени партнери ќе потпишат и Изјава за партнерство (Partnership Statement), со која ја потврдуваат својата заложба за остварување системски промени.

Следете нè за нови информации!

 

За Скопје со оддржливо управување со кабаст отпад

Одржана првата работилница во склоп на проектот за подобрување на услугата за управување со кабаст отпад од страна на Јавното Претпријатие Комунална Хигиена

 

На 14.01.2019 во просториите на Град Скопје се одржа првата работилница од проектот за “Редизајнирање на услуга за собирање на кабаст отпад на ЈП Комунална Хигиена”.

На работилницата присуствуваа претставници од релевантните сектори во Град Скопје, експерти кои работат во полето на управување со отпад, и претставници од ЈП Комунална Хигиена задолжени за управување со услугата за собирање на кабаст отпад.

Овој проект СкопјеЛаб го отпочна на  иницијатива на Град Скопје, кој го препозна предизвикот и потребата од значително подобрување на пристапот и начинот на управување со цврст отпад. Имајќи ја предвид комплексноста на системот за управување со цврст отпад, Град Скопје реши да го отпочне процесот првично со подобрување на услугата за собирање на кабаст отпад на ЈП Комунална Хигиена.

Под кабаст отпад се подразбира мебел и делови на мебел и на него слични предмети, бела техника и електрични апарати за домаќинство (шпорети, ладилници, машини за перење на алишта и садови, бојлери и сл. предмети), електронски апарати (компјутери, телевизори, музички системи и сл.), како и на нив слични кабасти предмети кои се користат во домаќинствата кои сопственикот-поседувачот ги отфрла или има намера да ги отфрли.

Редизајнирата услуга за одложување, собирање и управување со кабастиот отпад, ќе значи:

  • Подобрен изглед и чистота на градот, без отпад одложен покрај садовите за одложување на комунален отпад
  • Неможност за нелегално собирање на овој отпад и користење за огрев
  • Подобрен степен на задоволство на потребите на граѓаните во поглед на користење на услугата за кабаст отпад
  • Зголемување на бројот на корисници на услугата
  • Потенцијално креирање или поттикнување на систем на циркуларна економија и занаетчиство
  • Идентификација на можности за подобрување на останатите услуги за управување со отпадот
  • Воспоставување на партнерства помеѓу ЈП Комунална Хигиена и останати приватни, јавни или организации од граѓанскиот сектор кои се вклучени во процесот на управување со отпадот, како и
  • Зајакнување на капацитетите на сите вклучените страни за развој на иновации

За време на работилницата се презентираа наодите од секундарното истражување и постоечки регулативи и процеси поврзани со услугата, се работеше на мапирање на различни типови на корисници на услугата и согласно на тоа се мапира моменталниот процес на остварување на услугата. Целта беше да се идентификуваат слабите точки на кои треба да се работи со цел подобрување на услугата и/или мапирање на дополнителни услуги кои ќе обезбедат правилно и поефективно управување со кабастиот отпад.

Резултатите од ова работилница обезбедија добра основа за спроведување на следните чекори како и да се идентификуваат нови потенцијални актери кои треба да се вклучат во процесот со цел постигнување на очекуваните резултати.

Следни чекори:

  • Спроведување на примарно истражување со граѓани кои ја користеле или би ја користеле услугата во иднина со   цел идентификување на можности за подобрување на услугата.
  • Организација на 3 работилници за ре-дизајнирање на услугата со сите засегнати страни
  • 3 месечен пилот период за тестирање на редизајнираната услуга
  • Финализација и дефинирање на препораки

Времетраење на проектот е 6-8 месеци вклучувајќи го и периодот на тестирање на  редизајнираната услуга.

За поголема успешност на проектот Ве повикуваме да се вклучите во процесот доколку сте заинтересирани. Пријавете го вашето учество на [email protected] со назнака “учество во проект за редизајн на услуга – Кабаст отпад”.

 

СкопјеЛаб е проект на УНДП и Град Скопје чија цел е да ја покаже корисноста од вклучување на перспективите на граѓаните во донесувањето  на одлуките на сите нивоа на градот. Главниот фокус на работа на СкопјеЛаб е реализација на пилот (тест) проекти од областа на заштитата на животната средина, специфично проекти и активности насочени кон намалување на загадувањето на воздухот, ревитализација и зголемување на зелени јавни површини во градот и подобрување на управувањето со отпадот, како клучни теми за граѓаните на Скопје.