Се уредува нов зелен сквер во Аеродром

На постојната зелена површина од 2000 метри квадратни на крстосницата помеѓу булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров во Општина Аеродром, денеска започна редизајнот на третата од вкупно 4 локации, што Градот Скопје ги уредува во зелени скверови.

– Ова е третата локација на која Градот Скопје во соработка со Скопје Лаб работи на уредување на запуштените површини што се наоѓаат во  различни општини. Целосното преуредување на просторот се очекува да заврши за 30 дена, а ќе се врши врз основа на анкетите коишто се направени со локалното население коешто гравитира кон овие површини. Анализирани беа нивните навики и потреби за да го направиме овој простор во Аеродром едно пријатно катче каде што тие ќе го поминуваат слободното време – кажа Шилегов.

Вредноста на проектот за уредување на новиот зелен сквер изнесува околу 3,7 милиони денари, а реализацијата на истиот се очекува да заврши за 30 дена.

Локацијата е избрана од граѓаните како една од 7-те локации во Скопје идентификувани во рамките на Иницијативата на Скопје Лаб и УНДП  што започна во 2018 година.  Во овој процес беа вклучени различни возрасни групи на граѓани  преку користење квалитативни и квантитативни методи за утврдување на потребите на граѓаните кои живеат на во овој дел од населбата.

Дополнително се работи на мапирање на дневните и ноќните активности и програма, однесувањето на луѓето и природата, физичката микро и макро околина, со цел подобро разбирање на постојниот социо-културен контекст.

На почетокот на активностите за уредување на новиот зелен сквер на крстосницата помеѓу булеварот Јане Сандански и улицата Владимир Комаров присуствуваше и градоначалникот на Општина  Аеродром, Златко Марин.

Сите изработени решенија во склоп на иницијативата #РедизајнСкопје можете да ги погледнете на нашата нова веб-страница.

Четири нови скверови во Скопје

Во рамките на големиот проект за ревитализација и редизајн на зелени јавни површини во градот, наредниов период во Скопје ќе започне изведбата на 4 нови модерни зелени површини – скверови.

Проектот за ревитализација и редизајн на зелени јавни површини во градот се реализира изминативе 2 години од Градот Скопје и Центарот за иновации на град Скопје (Скопје Лаб). Главна цел на проектот е ревитализација на запуштени јавни површини преку изградба на нови модерни површини (скверови), кои ќе обезбедат поквалитетен простор за релаксација, одмор и дружење на граѓаните. Новите скверови ќе бидат со модерен дизајн, а истите ќе бидат исполнети со многу зеленило и модерна урбана опрема.

Во рамки на овој проект беше спроведено големо истражување – анкета на која граѓаните предлагаа локации кои би биле предмет на целосен редизајн и обнова. Како резултат на овие истражувања, а по предлог на граѓаните, Градот Скопје во наредниот период ќе изгради 4 нови модерни јавни површини – скверови на следните локации:

 

 

  1. Помеѓу бул. Илинден и ул. Никола Тесла во Карпош, на површина од 1470 квадратни метри.

 

  1. Пред и зад амбуланта „Млин Балкан“ во Центар, на површина од 585 квадратни метри.

 

  1. Помеѓу бул. Јане Сандански и улицата 23 Октомври (поранешна Владимир Комаров), пред Рамстор и Стопанска банка во Аеродром, на површина од 2.000 квадратни метри.

 

  1. На бул. Јане Сандански пред слаткарницата „Палма“ во Аеродром, на површина од 1.068 квадратни метри.

 

Ревитализацијата на старите и запуштени јавните површини ќе продолжи и во наредниот период на повеќе локации низ Скопје.

Сите изработени решенија во склоп на иницијативата #РедизајнСкопје можете да ги погледнете на нашата нова веб-страница.

Отворен повик за изработка на проектна документација за 7 зелени јавни површини – скверови

Скопје Лаб со задоволство ве информира дека Град Скопје го отвори повикот за изработка на проектна документација за 7 зелени јавни површини – скверови.

Со објава на повикот се затвора и првата фаза од реализација на иницијативата за озеленување и разубавување на градот согласно потребите на граѓаните.Решенијата кои ќе одговорат на повикот треба да ги отсликаат претходно подготвените концепти кои тимот на Скопје Лаб ги изработи врз база на спроведеното етнографско истражување со граѓаните на Скопје (види ги концептите).

Иако иницијално Скопје Лаб објави само 6 предлог концепти, поради обезбедување на дополнителни средства, повикот се прошири на 7 јавни зелени површини скверови кои беа претходно концептуализирани без разлика на иницијално предвидените средства.

Сите заинтересирани лица кои ги исполнуваат дадените критериуми за учество во тендерската постапка, можат да поднесат предлог понуда, најкасно до 24.10.2019 во 12:00 часот.

Oгласот за јавна набавка можете на го најдете на следниот линк: https://skrati.mk/050TO

 

Изработени 6 предлог концепти за редизајн на зелени јавни површини во Скопје

Тимот на Центарот за иновации на град Скопје (Скопје Лаб) во изминатиот период работеше на иницијативата за редизајнирање на зелени јавни површини/паркови преку која градот Скопје ќе уреди 6 зелени површни кои досега не беа доволно искористени, а за да обезбеди подобар јавен простор за релаксација, одмор и дружење за граѓаните, а воедно и да помогне во разубавување на градот.

Повеќе за самата иницијатива може да најдете овде.

Ова фаза ќе опфати уредување на 6 јавни зелени површини но се очекува оваа иницијатива да продолжи и понатаму со оглед на заинтересираноста на граѓаните како и на останатите јавни, приватни и граѓански организации да помогнат во уредување на ваквите површини.

Пред да се помине на уредување, Градот сака уште еднаш да го слушне мислењето на граѓаните за 6те концепти кои беа изработени врз основа на добиените одговори во процесот на теренско и онлајн истражување кое се спроведе во периодот Август – Септември 2018 год.

Подолу ви ги претставуваме концептите за 6те локации за кои се планира да распише јавна набавка во текот на месец јуни.

Сите ваши мислења и коментари во поглед на концептите слободно доставете ги [email protected], најкасно до 30 мај со цел да може да се направи ревизија на концептите пред распишувањето на јавната набавка.

1. ПРОСТОР СПРОТИ РАМСТОР/СТОПАНСКА БАНКА НА БУЛ.“ЈАНЕ САНДАНСКИ“, ДО АВТОБУСКА ПОСТОЈКА

Оваа зелена површина во Општина Аеродром се наоѓа веднаш до главниот булевар "Јане Сандански", еден од најпрометните булевари во градот, спроти маркетот Рамстор и филијалата на Стопанска Банка.

Областа се карактеризира претежно со згради, не многу слободни и зелени површини помеѓу градежните блокови. Во околината се наоѓаат неколку компании, банки, неколку барови и ресторани. Луѓето кои живеат тука се претежно семејни луѓе со деца тинерјџери, студенти и пензионери. Неколку метри погоре на оваа страна на улицата каде што е зелената површина се наоѓа и автобуска постојка која често се користи, особено од учениците и повозрасните.

Она што повеќето граѓани сметаат дека треба да обезбеди оваа површина е следново:

  • Простор што ќе обезбеди услови граѓаните да се релаксираат и уживаат во зеленилото, можеби со добра книга, и покрај тоа што сте наоѓаат до бучен и прометен булевар
  • Простор за дружење со своите соседи и пријатели, за разговор и забава
  • Простор за уживање за време на работниот одмор со добро кафе
  • Простор што ќе им понуди на патниците кои ја користат автобуската станица интересна содржина додека чекаат, а воедно и ќе бидат во тек со последните патни информации (време на доаѓање на автобус, број на линии и слично)

Локацијата треба да понуди основни содржини како:

  • Цвеќиња за да го разубават просторот во зелениот дел
  • Големи клупи за одмор – уметничко дизајнирани
  • Мала чешма за вода
  • Мали корпи за селекција на отпад
  • Осветлување
  • Интересни маси за шах и табла, со покреативен дизајн (не бетонски)
  • Високостеблесто дрво од овошен вид

Дополнително:

  • Паметни клупи (кои располагаат со приклучоци за полнење мобилни уреди, безжичен интернет, ноќно осветлување, и дополнително други корисни елементи како сензори за собирање и анализа на различни податоци)
  • Креативна уметничка поставка
  • Разубавување на автобуска постојка – креативна уметничка постојка со Wi-Fi / Hot Spot
  • Улична библиотека во склоп на автобуската постојка или одделно

2. ЗЕЛЕН ПРОСТОР КАЈ МАРТИНОВСКИ ПОД КАЛЕ

Оваа зелена површина во општина Центар се наоѓа веднаш до главниот булевар "Гоце Делчев", еден од најпрометните булевари во градот, под Калето.

Како централно градско подрачје, околу просторот се движат различни луѓе од различни возрасни групи.Туриститекои одат во посета на Старата скопска чаршија или Калето, студенти со оглед на близината на факултетите, граѓаните кои чекаат превоз (автобус или такси), луѓето кои работат во блиските јавни/приватни институции, итн.

Веднаш до оваа површина се наоѓа автобуска постојка но околу истата нема место за седење додека се чека, ниту чешма за вода која особено е важна во летниот период кога температурите на булеварите во градот достигнуваат речиси 40 степени.

Во близина на локацијата се наоѓа куќата на најавтентичниот сликар на македонскиот пејзаж Лазар Личеноски која дава едно убаво културно обележје на просторот.

Oна што се очекува е овој простор да обезбеди е следново:

  • Простор кој ќе ги задоволи потребите на патниците кои чекаат превоз на локацијата
  • Простор кој ќе помогне да се подигне свеста за животната средина
  • Простор што ќе ја поттикне креативноста и промовира културата

Локацијата треба да ги понуди следните основни содржини:

  • Цвеќиња за да го разубават просторот
  • Растенија/дрвја што помагаат во прочистување на воздухот и/илиа воедно и ќе обезбедат одделување на просторот од кривината и булеварот (можби високистеблени автохтони растенија и автохтони цвеќиња)
  • Мала чешма за вода
  • Осветлување
  • Мали корпи за отпад

Дополнително:

  • Креативно-уметничка автобуска постојка со културни еколошки пораки или дизајни
  • Арт клупи (еко пораки) за патниците кои чекаат превоз тука
  • Еко уметност/музичка инсталација (поставка во простор на креативни канти за отпадоци)
  • Инсталација на пријатна музика во простор или мала бина за улични уметници (дрво по можност)

3. ПАРК ПРЕД ПОЛИКЛИНИКА ИДАДИЈА ДО ВЕРО МАРКЕТ

Оваа површина се наоѓа веднаш до поликлиниката Идадија, маркет Веро, отспротива на АМСМ. Најголем број луѓе кои се движат овде се лица кои ја посетуваат поликлиниката, локалните жители, луѓе кои работат во овој дел во локалните компании, угостителски објекти и друго.

Иако на просторот има постоечки парк, заради големиот број на возила кои паркираат овде паркот е речиси уништен. Задниот дел на болницата исто располага со една зелена површина која не е доволно искористена, а може да обезбеди убав простор за релаксација особено за најмладите.

Согласно испитаниците, она што треба да обезбеди оваа површина е следново:

  • Простор за уживање во работниот одмор
  • Простор кој ќе обезбеди забава за најмладите кои живеат во овој дел и нивните родители
  • Простор за одмор за посетителите на болницата

Локацијата треба да ги понуди следните основни содржини:

  • Креативни клупи и масички воедно комотни за пациентите во поликлиниката
  • Природна зелена ограда на паркчето за заштита од автомобили
  • Мали корпи за отпад
  • Фонтана за вода
  • Цвеќиња за збогатување на просторот/растенија/дрвја што помагаат во чистењето на воздухот

Дополнително:

  • Елементи за играње кои будат креативност кај децата во спроведување на моторичка активност и креативност во логична и умствена активност и сл.
  • Креативни мурали на дел од ѕидовите на болницата за разубавување на просторот

4. ПАРК ПРЕД МИНИСТЕРСТВО ЗА ЕКОНОМИЈА ДО ГРАДСКА КАФАНА ФУРНА

Оваа зелена површина во општина Карпош се наоѓа веднаш до главниот булевар „МетрополитТеодосиј Гологанов“, еден од најпрометните булевари во градот, спроти Министерство за Економија и веднаш до кафаната Фурна.

Како централно градско подрачје овој дел се карактеризира со објекти каде се сместени многу компании, јавни институции, кафе - барови и ресторани.

Овде претежно живеат постари луѓе и брачни парови со деца. Но, заради постоењето на многу приватни и јавни институции, оваа област во текот на денот е посетувана и од луѓе кои работат во овие институции или пристигнуваат за да остварат одредена услуга.

И покрај фактот дека овој парк е една од најголемите зелени површини во овој дел од градот, истиот е недоволно искористен, најмногу поради тоа што не обезбедува искуства за луѓето кои би го посетувале, ниту пак располага со урбана опрема која ќе им овозможи на луѓето простор каде можат да дојдат да се релаксираат или дружат. Поради ова, локалните жители обично седат на клупата на тротоарот преку улицата каде што има повеќе сенка и чешма за вода.

Со цел да се заживее просторот она што треба да обезбеди оваа површина е следново:

  • Простор што ќе обезбеди услови граѓаните да се релаксираат и уживаат во зеленилото, можеби со добра книга, и покрај тоа што сте наоѓаат до бучен и прометен булевар
  • Простор за дружење со своите соседи и пријатели во природна средина
  • Простор за уживање во работниот одмор

Локацијата треба да ги понуди следните основни содржини:

  • Цвеќиња за збогатување на просторот - цвеќе во различни бои или различни форми на цветни дизајни, алеја на цвеќиња
  • Повеќе дрвја да се обезбеди сенка и прочистување на воздухот (високистеблени автохтони растенија и автохтони цвеќиња и/или високостеблести овошни дрвја)
  • Креативни големи клупи за одмор
  • Осветлување
  • Мала чешма за вода
  • Мала уметничка фонтана за разладување од природен материјал
  • Мали корпи за селекција на отпад

Дополнително: 

  • Улична библиотека
  • 1-2 креативни арт инсталации
  • Елементи за организирање на работилници на отворено или за читање (кои се поставуваат по потреба)
  • Природна патека за пешачење (резанки од дрвја или камења)
  • Природна зелена ограда од страната на булеварот за да се намали сообраќајната бучава

 

5. ПОТЕГОТ ПОКРАЈ БУЛЕВАРОТ „ КУЗМАН ЈОСИФОВСКИ –ПИТУ“, ОД НБРМ ДО МОСТ НА РЕКА ВАРДАР „МАЈКА ТЕРЕЗА“

Ова локација се наоѓа веднаш до главниот прометен булевар. Во околината се наоѓаат неколку јавни институции, Веро центар, автобуска постојка, голем број угостителски објекти итн.

Најчесто на оваа локација транзитираат граѓани кои ги посетуваат јавните институции, вработени во институциите кои се наоѓаат во околината, студенти и граѓани кои ја користат автобуската постојка во близина.

Она што треба да обезбеди оваа површина е следново:

  • Простор за одмор за граѓаните кои транзитираат на овој дел
  • Простор за уживање во работниот одмор за вработените во локалните институции

Локацијата треба да ги понуди следните основни содржини:

  • Високистеблени автохтони растенија и автохтони цвеќиња за сенка, и цвеќиња или овошни стебла
  • Мала чешма за вода
  • Осветлување
  • Мали корпи за отпад

Дополнително:

  • Покриен дел со елементи за одмор – големи дрвени клупи за одмор, масички и столчиња
  • Паметни клупи (кои располагаат со приклучоци за полнење мобилни уреди, безжичен интернет, ноќно осветлување, и др.)
  • Жива ограда да обезбеди одвојување на просторот од бучниот булевар

6. ПАРК НА АРХИТЕКТОНСКИ ФАКУЛТЕТ

Овој зелен простор се наоѓа во склоп на Архитектонскиот факултет, веднаш на главниот булевар „Партизански одреди“ и најмногу користен од страна на студентите кои студираат на овој факултет или ја користат библиотеката Браќа Миладиновци.

Во тој поглед она што треба да обезбеди оваа површина е следново:

  • Простор за релаксација и уживање
  • Простор што ќе ја поттикне креативноста кај студентите
  • Простор за дружење и забава за студентите

Локацијата треба да ги понуди следните основни содржини:

  • Креативни елементи за одмор и за работа на отворено (да биде изработена од страна на студентите преку ко-дизајнерска работилница)
  • Осветлување
  • Креативна инсталација (да биде изработена од страна на студентите преку ко-дизајнерска работилница)
  • Мали корпи за отпад

Дополнително:

  • Паметни клупи (кои располагаат со приклучоци за полнење мобилни уреди, безжичен интернет, ноќно осветлување, и друго.)
  • овошни дрвја

Сите ваши мислења и коментари во поглед на концептите слободно доставете ги на [email protected]најкасно до 30 мај со цел да може да се направи ревизија на концептите пред распишување на јавната набавка.