Зелена наспроти сива инфраструктура: Кога природата е подобра од бетонот

         Инфраструктурата е клучна за економскиот развој. Но додека владите дебатираат за иднината на одржливиот развој на Rio+20 конференцијата, постои едно инфраструктурно решение кое може да обезбеди добар поврат на инвестициите: природата.

Сливот на езеро Sebago во Портланд, Мејн. Фотографија: Western Foothills Land Trust

Луѓето често не мислат на шумите, мочуриштата, коралните гребени и други природни екосистеми како форми на инфраструктура. Но тие се. Шумите, на пример, може да ги спречат тињата и загадувачите да влезат во потоците кои ја обезбедуваат слатководната вода за градовите и претпријатијата. Тие можат да делуваат како природни филтрациски системи за вода. Како такви, тие се форма на „зелена инфраструктура“ која може да ја извршува истата функција како и „сивата инфраструктура“, човечки решенија кои често вклучуваат бетон и челик. Овој пример не е единствен.

Веќе постојат примери на јавни и приватни инвестиции во зелена инфраструктура. На пример, Богота, Колумбија спроведува конзервација и реставрација на нагорниот пејсаж како алтернатива на повеќе конвенционални технологии за третман на вода. Градот Хо Ши Мин  ги поврати мангровите дрвја наместо да гради насипи со цел да го заштити крајбрежјето од штетите при невреме. А хемиски објект во Тексас  изгради мочуриште наместо да користи длабоки отпадни бунари за третман на отпадните води.

Трошоците за зелена наспроти сива инфраструктура

Она што треба да биде од посебен интерес за министрите за финанции, главните финансиски службеници и конзерваторите е дека, во многу случаи, инвестициите во зелената инфраструктура може да бидат многу поевтини отколку оние во сивата инфраструктура. На пример, Њујорк направи евалуација на два модели на управување со приливот од атмосферските води.

Едниот беше план за зелена инфраструктура кој го нагласуваше обновувањето на тампон зона на потокот, зелени покриви и био-вдлабнатини, пејсажни елементи дизајнирани да ја отстранат тињата и загадувањето од површинската вода. Другиот беше план за сива инфраструктура кој вклучуваше тунели и одводи од бури. Опцијата за зелена инфраструктура презентираше заштеди на трошоците за повеќе од 1.5 милијарди долари. Донесувачите на одлуки во Ајдахо и Северна Каролина најдоа слични начини за заштеда на трошоците преку зелената инфраструктура.

Ако зелената инфраструктура може да обезбеди споредливи придобивки со сивата инфраструктура по намалени трошоци, тогаш може да се направи финансиски план за инвестирање во зачувувањето, одржливото управување и/или обновување на природните екосистеми за да се постигнат развојни цели.

Анализа на трошоците и придобивките од зелената инфраструктура

За да помогнеме да се направи овој финансиски план, потребен ни е метод за проценка на зелените и сивите трошоци на начин кој ги споредува ’јаболката со јаболка‘ и се фокусира на направените трошоци. Работејќи со голем број на партнери, WRI разви таков пристап за „зелено-сива анализа“ и го примени во сливот на езерото Себаго, кое обезбедува вода за Портланд, Мејн (погледнете го нашиот краток преглед, Увиди од теренот: Шуми за вода).

Портландскиот воден регион (PWD) во моментов се квалификува за избегнување на филтрација според Правило за третирање на површинската вода од 1989 на Американската агенција за заштита на животната средина (EPA). Ова правило ги одвраќа  јавните системи за вода од потребата да инсталираат системи за филтрација на вода се додека корисни практики за искористување на земјиштето ги одржуваат концентрациите на честички и загадувачи на или под регулаторните основни линии. Сепак, неодамнешниот нагорен развој, расчистување на шумите и порастот на населението може да го загрозат откажувањето од филтрација, потенцијално принудувајќи го Портландскиот воден регион да инсталира конвенционален систем за филтрација преку мембрана – скап предлог.

Во овој контекст, WRI и партнерите неодамна ја истражуваа економичноста на конвенционалната сива инфраструктура наспроти алтернативите на зелената инфраструктура што ќе помогнат да се задржи квалитетот на водата и да се избегне филтрација. Овие алтернативи вклучуваа крајбрежни тампон зони, обновување на шумите, конзерваторски служби, одржливо сертифицирање на идните сечи на дрва и надградби на одводни канали или дренажни цевки. Трошоците поврзани со опциите за зелена инфраструктура беа утврдени преку консултации на лице место, јавно достапни податоци и геопросторна анализа. Откривме дека инвестирањето во опции за зелена инфраструктура може да претставува заштеда на трошоците и до 67 проценти во однос на изградбата на нова постројка за филтрирање (Слика 2). И таа анализа беше конзервативна. Ние само ги разгледавме трошоците за да постигнеме една посебна придобивка од чистата вода – исполнување на правилото на EPA. Ние не ги проценивме дополнителните продобивки од опциите за зелена инфраструктура, како што се приходот од дрвна граѓа, зголемена концентрација на јаглерод, можностите за лов и рекреација и зголемени вредности на имотот поради зачуваната естетика. Ако го направевме тоа, нето економските придобивки од опцијата за зелена инфраструктура би биле уште поголеми.

Неизвесноста околу ефикасноста на зелената инфраструктура, трошоците, попустите дисконтните стапки и условите за финансирање ќе влијаат на релативните финансии помеѓу зеленото и сивото за билокој конкретен проект. Зеленото не секогаш ќе биде поекономично од сивото. Сепак, анализата за Портланд ја покажува корисноста на општа методологија за да се проценат споредбите на трошоците.

Зелена инфраструктура и одржлив развој

Лекцијата тука е дека наместо автоматски да се прибегне кон насипи и цевки за да се контролираат поплавите, ние прво треба да разгледаме обновување на мочуриштата. Наместо да градиме морски ѕидови, ние треба да размислиме за зачувување на песочните дини и коралните гребени. И пред да се изградат повеќе системи за филтрирање на водата, најпрво би можеле да размислиме за рехабилитирање на низводните сливови. Иако зелената инфраструктура можеби не секогаш е најекономичниот пристап, со силна методологија во рака, планерите можат да ја споредат зелената со сивата и да идентификуваат нови можности за инвестирање во природата.

За планерите – посебно оние во Рио+20 – кои гледаат да ги задоволат барањата на инфраструктурата на 21-от век, лекцијата е јасна: размислете за зелено пред да инвестирате во сиво.

Текстот е превземен од  World Resource Institute

Изработено одJohn Talberth и Craig Hanson – јуни 19, 2012